December, 2021

now browsing by month

 

Бутоп победува по навика

Немилосрдни не успеаја да го издржат пресингот на бутопци во последните десетина минути на синоќешниот натпревар (26.12.2021) и загубија со конечни 9-5, иако водеа во поголемиот дел од средбата. На овој начин продолжи митот за непобедливоста на Бутоп на боксинг деј, но и одличната сезона која ја играме досега. Кога на петнаесет минути до крајот нашиот противник водеше 4-2 и одржуваше играчка рамнотежа, тешко дека некој можеше да го предвиди блицкригот кој следеше до крајот. Нашите момци префрлија во поголема брзина и Немилосрдните беа ставени под постојан притисок. Од клупа влегоа одморните Курт и Филип Тодоровски, па популарниот Фичо уште еднаш покажа за каков калибар на играч станува збор и заедно со Каравидов делуваа незапирливо за противничката одбрана. Пресвртот беше неминовен, а за победата важен придонес имаше и дебитантот Касиљас, младо момче родено во 2003 година, кој доби пофалби од сите соиграчи за храброста и одличната партија. За Бутоп освен претходно споменатите играчи, настапија и Димитровски, Костовски, Велковски и Даниел.

Боксинг деј за првпат во Топанско

По пауза од четири години Бутоп одново ќе ги израдува своите фанови со настап на боксинг деј. Вечерва (балон Рајко, 20:00 часот) ќе се обидеме да ја продолжиме победничката традиција на овој ден, откако во досегашните три натпревари имаме исто толку победи. Против нас ќе истрча тимот на Немилосрдни, додека за Бутоп најавени се: популарниот Касиљас со свое деби на голот, Димитровски, Костовски, Велковски, Каравидов, Даниел и Фичо.

Сите три натпревари на боксинг деј досега сме ги одиграле во салата Антон Димитров, па за првпат ќе играме во Топанско, во балонот Рајко Жинзифов, кој полека се претвори во наш домашен терен оваа полусезона. Секогаш сме имале локални противници, а така ќе биде и сега:

2009: Бутоп 16 – 10 Бутел (Давор Жора)

2013: Бутоп 6 – 4 Примавера

2016: Бутоп 11 – 8 Примавера

2021: Бутоп – Немилосрдни.

Немилосрдните вечерва во составот ќе го имаат Леонид Јаќимов, интернационално засилување од Германија. Ги потсетуваме дека во 2016-та кога Примавера се засили со Елиф Елмас ниту тој не беше доволен за успех против Бутоп, како ни Ридо Агресија кој во 2009-тата играше со тимот на Давор и Жора. Дали ќе продолжи митот за нашата непобедливост на боксинг деј или Немилосрдни ќе испишат нова историја, ќе дознаеме вечерва во балонот карши поранешен Принц. Бидете таму.

Судиите ќе одморат по минатонеделниот пораз

Вчера Бутоп и тимот на Дарко ФФМ не го одиграа предвидениот четврточен термин во балонот кај Рајко Жинзифов откако минатата недела судиите доживеаја вистински дебакл (13-4 за Бутоп). Тие не известија дека ќе направат мала пауза и дека повторно ќе се вратат некаде по Нова година или по празниците. Ние пак бараме противник за в недела за да ја продолжиме традицијата на непобедливост на „боксинг-деј“.  До утре ќе знаеме повеќе информации за ова. Пратете не.

Рапсодија во сино: Бутоп го прегази Дарко ФФМ

Фудбалерите на Бутоп вчера (16.12.2021) приредија фудбалско шоу кое ќе се прераскажува долго време победувајќи го тимот на Дарко ФФМ со конечни 13-4. Судиите никако не можеа да најдат противигра за расположените бутопци, а нереално звучат оние 11-0 кои ги имавме на десет минути пред крајот на терминот. Средбата од страна ја следеа петнаесетина луѓе од кои можеше да се слушне: „Овие играат како Ајакс!“ Дополнителен коментар не е потребен. За нас настапија Илхан, Фичо и дебитантот Мифтар (на гол) како позајмени играчи од екипата на Илхан, како и искусните Димитровски, Костовски и Велковски, но и веќе стандардниот Даниел. Натпреварот се одигра во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов од 20:00 часот.

Во нова битка со судиите

Вечерва (16.12.2021) со почеток во 20:00 часот Бутоп одново ќе се соочи со екипата на Дарко ФФМ. Повторно теренот на одигрување на средбата е балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско, а овојпат нашиот состав ќе изгледа вака: на голот ќе биде Мифтар, потоа Андреј, Кико Велковски, Даниел, Фичо и Илхан. Според последните најави Костовски и Валчанов својата шанса ќе ја чекаат од клупата.

Полусезона што не враќа на старите патеки

Тековнава полусезона иако незавршена веќе е најплодна по бројот на одиграни натпревари во последните седум есенски полуетапи. Од 2015 наваму ова е само вторпат да играме двоцифрен број натпревари во првата половина од сезоната, откако во 2016 имавме десет. До овој момент сезонава одигравме единаесет средби со одличен скор од осум победи, едно реми и два порази. Ова потсетува на годините кога знаевме да одиграме и по дваесетина и повеќе натпревари во една полусезона. Полека но сигурно Бутоп се враќа на старите, победнички патеки.

Грипот причина да се одложи терминот во Рајко

ФК Бутоп мораше да го одложи натпреварот против Дарко ФФМ кој требаше да се одигра вчера во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов. Причина за ова е благата форма на сезонската настинка која зафати неколкумина првотимци, па слично како и англиски Тотенхем не бевме во можност да склопиме тим. Сите фудбалери се во добра состојба и ова е само превентивна пауза, па очекуваме во полн состав набрзо враќање во натпреварувачки ритам.

Заслужен одмор пред новите предизвици

Фудбалерите на Бутоп добија слободен понеделник за да ги наполнат батериите за предизвиците кои претстојат. Ова следува по напорниот ритам натпревари во изминатиов период во кој продолжуваме со позитивните резултати. Серијата на непобедливост трае веќе осум натпревари во кои имаме дури седум победи со само едно реми. Следниот натпревар го играме в четврток.

Среќен роденден Марио

Денес (3 декември) својот роденден го прославува Марио Вангеловски. Марио блесна во дресот на Бутоп на турнирот во Ново Лисиче во 2014 година и оттогаш стана неизоставен дел од тимот. Голгетерски најмногу се истакна во сезоната 2016/2017 кога ја освои златната копачка. Му посакуваме што побрзо да ја санира повредата која го мачи во последниве неколку месеци и да се врати на терените во препознатливата форма.

Среќен роденден Марио!

Тесна победа во студената вечер

Фудбалерите на Бутоп синоќа (02.12.2021) мораа да го извадат најдоброто од себе во студената скопска ноќ за да извојуваат тесна победа над Дарко ФФМ со конечни 9-8. Упорниот противник не се предаваше во ниту еден момент и беше наш крими-партнер во овој трилер меч со неколку пресврти. Сите кои настапија во нашиот табор имаа свој придонес во оваа победа, па не можеме да издвоиме некого посебно. Во стартната шесторка се најдоа Колев, Велковски, Курт, Смиљковски, Даниел и Димитровски. Од клупата подоцна влегоа и Валчанов и Костовски, а Сезаир не настапи и беше само во улога на гледач. Средбата се одигра во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов од 21:00 часот.