May, 2017

now browsing by month

 

Проектот „Јако топки“ комплетиран со неуспех

Проектот „Јако топки“ заврши неуспешно. Оваа наша мисија опфаќаше земање, или спуштање, на двата Јако фудбали што беа заглавени на внатрешниот дел од кровот на салата Антон Димитров. Откако во неколку наврати не успеавме да спуштиме ниту една од топките, во текот на овој месец двата фудбала исчезнаа од салата. Вчера нашите претпоставки беа потврдени и од страна на чуварот на салата Јани, кој ни соопшти дека мајсторите кои учествуваа во реновирањето на салата поставувале скеле и внатре, па сигурно тие ги земале фудбалите. А освен овие два Јако, тие си се „почестија“ и со нашиот адидас што беше качен на салата од надворешна страна, плус уште три-четири фудбали. Тоа е. Со здравје нека си играат.

А со ова ние експресно се вртиме кон проектот „Станко“ кој ќе биде во нашиот фокус во наредниот период. Повеќе информации очекувајте во текот на идниот месец.

Дебакл на Бутоп!

Бутоп вчера (25.05.2017) доживеа вистински дебакл во натпреварот со Албион Север, кој го загуби со 10-3. Средбата се одигра во новиот балон кај СУГС Зеф Љуш Марку во Скопје Север со почеток во 21:00 часот. Бутоп и покрај постојаната негатива успеваше да одржи каков-таков резултатски приклучок, но се се распадна на десетина минути до крајот кога се покажа и физичката (не)подготвеност на нашите играчи. До крајот се играше за да се спаси честа, а Колев спасуваше што можеше да се спаси. За нашиот тим настапија: Колев, Димитровски, Велковски, Каравидов, Костовски и Вангеловски.

Колев е шампион на Македонија!

Костадин Колев е шампион на Македонија! Завчера вечер (сабота, 20 мај) во преполната сала Енвер Идризи во Чаир, пред околу 700 гледачи, Шкупи дојде до својот прв трофеј во македонското првенство откако одигра нерешено (3-3) со тимот на Велес. Ова беше вистинско дерби полно со пресврти. Водеше Шкупи (1-0), а до полувремето Велес сврте на 1-2. Во вториот дел Шкупи направи нов пресврт за 3-2, а гостинот до крајот успеа само да израмни. Коки уште во својата прва сезона во футсал првенството се закити со драгоцениот пехар. Честитки!!!

 

 

Шкупи со Коки по титула

Вечерва од 20:00 часот футсал тимот на Шкупи го игра одлучувачкиот натпревар против Велес во борбата за титулата во македонското првенство. Средбата се игра во Енвер Идризи во Чаир, а на домаќините доволно им е и реми за да ја освојат својата прва историска титула. Нашата „единица“ Костадин Колев оваа сезона е дел од Шкупи и се надева дека денес сините ќе испишат историја: „Ова е историска шанса за нас! Ќе имаме домашен терен, разнишан противник, а атмосферата кај нас е на највисоко ниво. Кога ако не сега!“ кратко изјави Коки за нашиот вебсајт.

Бутопци учествуваа на Скопскиот маратон

Фудбалерите на Бутоп повторно беа дел од Скопскиот маратон, којшто оваа година се одржа на 7 мај.

Дарко Костовски учествуваше на полумаратонот и оствари време од 02:01:10 освојувајќи го 484.место од 997 натпреварувачи. Андреј Димитровски трката на пет километри ја истрча за 26:11 освојувајќи го 813.место од преку 2700 натпреварувачи. Костадин Колев пак, беше дел од редарската служба и се грижеше се да помине во најдобар ред на крстосницата пред Владата на Република Македонија.

 

На денешен ден (8 мај)

На денешен ден (08 мај 2012) пред пет години остваривме победа над ФК Ростуше (5-3) во второто коло од групната фаза на турнирот Еуро-фанс 2012. Натпреварот започна во 23:00 часот, а се играше на теренот со вештачка трева на скопското лизгалиште под Кале. Ден претходно ја победивме и Чета со 4-2. Турнирот го завршивме во четвртфиналето со пораз од екипата на Алсат М. Против Ростуше во првиот тим настапија: Ејуп, Курт, Димитровски, Смиљковски, Каравидов (1 гол) и Костовски (2 гола). Во игра влегоа и Сезаир (2 гола) и Фекиќ. А на клупата беше и Колев.

На денешен ден… (5 мај)

На денешен ден (05 мај) Бутоп одиграл еден натпревар. Тоа се случило во 2011-тата година, а средбата беше дел од 15. коло на Пролетната лига во Ново Лисиче. Наш противник беше тимот на Храна и вино, а победата ни припадна нам, со конечен резултат 2-1. Таа вечер (почеток:20:45) головите за Бутоп ги постигнаа Димитровски и Костовски. Стартери беа: Костовски (започна на голот, па беше сменет од Нечовски), Курт, Димитровски, Жора, Каравидов и Смиљковски. А во игра влегоа и Костовски (како играч во поле) и Фекиќ.