May, 2021

now browsing by month

 

Каро го предводеше Бутоп до супер-пресврт

Каравидов беше човекот на одлука во неверојатниот пресврт кој вчера (26.05.2021) нашите момци му го приредија на тимот на Маџари Он-веб-макс. Каро го постигна златниот гол за конечни 7-6, со што комплетираше хет-трик покажувајќи уште еднаш дека се наоѓа во фантастична форма. Во право беше Фуле кога по натпреварот изјави: „Им вративте мило за драго за минатата среда“. Овојпат ние имавме лош старт (0-4) и постојано бевме во негатива и во погрешен ритам. На десет минути до крајот беше 3-6, но слично на нивниот пресврт од пред седум дена, сега ние бевме оние што со фуриозен финиш дојдоа до победа: најпрво израмнивме на 6-6, за триумфот да го запечатиме со споменатиот златен гол на нашата 11-ка. Сите наши играчи го оставија срцето на терен во натпреварот исполнет со тензија, груба игра, па дури и на работ на инцидент. За Бутоп настапија: Колев, Курт, Велковски, Смиљковски, Каравидов, Валчанов, а дебитираше Коста Петрушев кој се истакна со борбената игра и ги заслужи сите пофалби за својот настап.

Среќен роденден Ристе

Ристе Валчанов вчера (23.05) го прослави својот роденден. Рики последниве три сезони е неизоставен, па дури и најстандарден член во поставата на Бутоп. Се наметна со својата желба за напредок, а придонесува и во офанзивниот и во дефанзивниот дел. Му посакуваме уште многу успеси со нашиот тим.

Среќен роденден Ристе!

Колев стана дел од елитниот клуб 100

Костадин Колев стана осмиот играч со 100 одиграни натпревари за ФК Бутоп. Колев до оваа бројка дојде на завчерашното гостување кај Маџари Он-веб-нет, девет години откако за првпат го облече нашиот дрес. Нашата „единица“ е сопственик на еден куп клупски рекорди и беше од клучно значење за развојот на Бутоп. Во шест последователни сезони беше наш голман на годината, почнувајќи од 2012/2013 до 2017/2018. Му посакуваме уште многу настапи и победи со нашиот клуб. Честито Коки!

Немавме сили за подвиг, победата за Маџари

Вчеравечер (19.05.2021) тимовите на Бутоп и Маџари Он-веб-нет им приредија одлична забава и квалитетен фудбал на триесетина гледачи на теренчето за мал фудбал во населбата Триангла. Поуспешни беа домаќините со конечни 9-5, иако нашите момци се покажаа во одлично светло по долгата пауза без одигран натпревар. Противникот се чини не потцени на стартот па поведовме со 3-0. Тие полека се вратија играчки и резултатски во натпреварот кој се прекрши во последните десет минути. Бутопци не можеа кондициски да одговорат на предизвикот, иако додека имаа сила, средбата беше егал. За нас настапија играчите кои ги најавивме вчера, Коки прослави јубилеј стотка (за ова повеќе ќе читате утре), а дебитираше и Стефан Димовски, играч на футсал екипата на Арбен Бајрами.

Продолжува слаломот низ карантините

Вечерва по пауза од 47 дена Бутоп повторно ќе се врати во натпреварувачки ритам. Ако минатата сезона беше прекината предвреме, оваа е уште почудна затоа што играме во бранови под диктат на полициските часови и карантини. Во првата тура во септември и октомври одигравме 4 средби за 14 дена. Следеше долга пауза, па 6 натпревари од средината на февруари до крајот на март. И еве сега го отвораме третото поглавје во финишот од сезоната.

Вечер играме на теренчето во населбата Триангла со почеток во 22:00 часот против локална екипа од Маџари. На голот ќе биде Колев кој ќе прослави 100 натпревари во дресот на Бутоп, а ќе настапат и Велковски, Смиљковски, Каравидов, Валчанов и Шилегов. На клупата стандардно ќе бидат Костовски и Матеј.

All-focus

Лиценцата продолжена за една година

Одлична вест ни пристигна утринава од тимот задолжен за нашето онлајн претставување. Лиценцата за нашата веб страница butop.info е продолжена за една година. Сега функционираме на повисоко ниво, со наш сопствен домејн, па и трошоците за одржување се зголемени. За среќа, буџетот успева да го издржи сето тоа дури и во оваа криза што веќе втора сезона ни создава големи организациски проблеми.

Честит Рамазан Бајрам

Бутоп им го честита празникот Рамазан Бајрам на припадниците на исламската верска заедница во Македонија со желби за здравје, среќа и благосостојба. Честит Рамазан Бајрам!

Честит Велигден

Бутоп им го честита најголемиот христијански празник Велигден на православните верници во Македонија. Нека овој празник донесе здравје, мир и спокој во сите семејства. Честит Велигден! За многу години!