March, 2022

now browsing by month

 

Главата горе момци! Македонија игра одличен фудбал

Македонската репрезентација не успеа да ја мине последната препрека на патот кон Светското првенство во Катар. Португалија беше поуспешна од нашите момци на завчерашниот натпревар (29.03.2022) одигран на Драгао во Порто со конечни 2-0. Стрелец на головите беше играчот на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш. Сепак, жолто-црвените прикажаа одлична игра, борбеност, храброст и подготвеност да се носат со една од најсилните светски екипи. Радува тоа што Македонија игра модерен фудбал и поседува квалитет и за најголемите предизвици. Затоа и покрај поразот, им се заблагодаруваме на нашите фудбалери! Главата горе! Нека ова биде поттик за уште повеќе успеси во наредниот период.

Уште еднаш: Напред Македонија!

И повторно Македонија е пред голем предизвик. И повторно треба да се елиминира гигант и поранешен европски првак, на гости. Овојпат тоа е Португалија. ФК Бутоп ја изразува својата поддршка за нашата репрезентација во вечерашниот меч за пласман на светското во Катар. Црвено жолтите денес ќе бидат засилени и со нашиот Елиф.

Напред Македонија!

Среќен роденден Грмуш

На 26.03.1993 година во Скопје е роден Кирил Ѓорѓиев – Грмуш. Со Бутоп е уште од почетоците на клубот, а од лани на својот грб ја носи дванаесетката. Грмуш во три наврати беше прогласен за наш голман на сезоната (2007/2008, 2018/2019 и 2019/2020), но секогаш е подготвен да придонесе и во административниот дел. Му посакуваме се најубаво. Среќен роденден Грмуш!

Браво Македонија

Македонската А селекција во четвртокот (24.03.2022) ја оствари можеби најголемата победа во својата досегашна историја елиминирајќи го актуелниот европски и четирикратен светски шампион Италија на негов терен. Единствениот гол на натпреварот го постигна Александар Трајковски во деведесет и втората минута. Како што лаконски ја најавивме средбата, така и ќе честитаме: Браво Македонија!

Напред Македонија

ФК Бутоп им посакува среќа на фудбалерите на нашата репрезентација и со сите сили ќе навива за победа на вечерашниот бараж натпревар во Палермо против Италија. Напред Македонија!

Денешниот термин откажан

Редовниот четврточен термин од 20:00 часот во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов за денес е откажан. Причина за тоа е заморот кај играчите од згуснатиот распоред и силното темпо кое беше наметнато изминатиов период, а одлуката ја донесовме заедно со тимот на Немилосрдни. Планираме истиот термин да го задржиме и да продолжиме веќе од наредната недела.

Честит 8 Март

ФК Бутоп на сите жени во Македонија им го честита денешниот празник, денот на жената 8 Март.

Одбраната на ниво, Каравидов стрела = решение за успех

Бутоп вчеравечер (03.03.2022) ги спушти на земја Немилосрдните момци остварувајќи сигурна победа од 9-4 како одмазда за претходните два пораза. Стартот им припадна на противниците (1-3), но бутопци веруваа во својот одбранбен систем, а откако Каравидов проработе во нападот работите се свртеа во наша полза и пресвртот беше единствениот можен исход. За Бутоп настапија Смиљковски (г), Димитровски, Велковски, Валчанов, Каравидов и Костовски.

Со Каро во нападот одиме по одмазда

По двата порази во само неколку дена, Бутоп ќе бара одмазда во вечерашниот натпревар со Немилосрдни. Во тимот се враќа Каравидов, кој треба да биде наш главен адут во нападот со поддршка на Валчанов и Велковски. Од позадина ќе делуваат Димитровски, Смиљковски и Курт, а Костовски според најавите ќе биде на голот. Средбата почнува во 20:00 часот во балонот кај Рајко.

Среќен роденден Јеткин

Денес Јеткин Сезаир го слави својот 29 роденден. Легендарната десетка на Бутоп сезонава влезе во клубот 100, нешто што ќе го направеше одамна да не беше спречен од многуте повреди. Јеткин два пати ја освои клупската златна копачка (2009/2010 и 2010/2011) и е една од фигурите по која нашиот тим е препознатлив низ Скопје. Му посакуваме се најубаво. Среќен роденден Јеткин!