October, 2022

now browsing by month

 

Победата ни се лизна од раце

Бутоп пропушти голема шанса да дојде до првата победа во Маалската лига на вчерашниот натпревар со Лукс кафе, кој на крајот успеавме да го загубиме со конечен резултат 9-7. Ние бевме во минимална предност во поголем дел од средбата, а имавме и делумна контрола на настаните на теренот, како и шанси за зголемување на водството. За жал, противникот ги казнуваше сите наши пропусти во одбраната и во самиот финиш имаше повеќе концентрација и дојде до нови три бода. Со тоа, Лукс кафе се искачи до втората позиција на табелата, а нашата серија порази се искачи на четири.

Може ли Бутоп да го изненади Лукс кафе?

Дали може Бутоп да ја прекине серијата од три порази токму денес против фаворизираниот тим на Лукс кафе ќе дознаеме вечерва по натпреварот кој е закажан во 18:20. За Бутоп ќе настапат Костовски (на голот), Курт, Велковски, Каравидов, Вангеловски, Амар Вукељ и дебитантот Марко од Автокоманда. Ова седмо коло кое се игра во вонреден неделен термин ќе започне со дербито за првата позиција меѓу ЗОО Арт и Радишани (17:30), а ќе заврши со средбата меѓу Алиенс и Белиот мачор (19:10).

И повторно пораз за Бутоп

Вчера нашиот тим забележа нов пораз од Радишани, овојпат со конечни 12-7. Крајниот резултат не ја покажува реалната слика затоа што противникот тотално не надигра и во еден момент имаше водство од 11-2. Ние не можевме да ја играме нашата игра и само упорноста на младата тројка во нападот беше клучот за на крајот да имаме колку толку поднослив пораз. Од првотимците настапија само Курт и Костовски, напред оперираа браќата Вукељ и повратникот од Хрватска Даниел, додека на голот застана Рамче.

Реваншот против Радишани вечер во 19:00

Бутоп и Радишани вечер ќе се соочат вторпат во рамките на Маалската лига, а средбата е закажана за во 19:00 часот. Минатата недела радишанци беа поуспешни со 9-5. Бутоп вечерва ќе биде ослабен бидејќи само Анел Курт е пријавен за настап од стандардните првотимци па тешко е за очекување дека ќе може да ја прекинеме резултатската криза во која западнавме.

Оваа недела двојна програма

Неделава започнува втората половина од сезоната во Маалската лига и на програмата се две кола. Бутоп ќе има две тешки средби. Најпрво в петок (28.10.2022) реванш против Радишани (19:00 часот), а в недела (30.10.2022) противник ќе ни биде тимот на Лукс кафе (18:20 часот).

Пораз од Радишани иако бевме блиску до пресврт

Бутоп забележа уште еден пораз во Маалската лига откако синоќа подобар од нас беше тимот на Радишани со конечни 9-5. Радишанци имаа комотно водство на полувремето (5-1) и кога сите помислија дека ќе ни се повтори приказната од првите две кола кога се распаѓавме во вторите полувремиња, се случи спротивното. Бутоп заигра поагресивно и успеа да намали на минус еден (6-5) и во финишот бевме во игра за бодови. За жал, до конечен пресврт не дојде, па противникот не казни и дојде до победа која ги однесе до второто место на табелата. За нас настапија: Костовски (на голот), Димитровски (1), Курт (1), Смиљковски (1), Каравидов, браќата Вукељ и Вангеловски (2).

Колев преминува во Бутел: Бутоп во втор план

Она што неколку дена можеше да се наслушне во бутелските фудбалски кругови денес добива своја потврда: Костадин Колев преминува во новоформираниот футсал клуб Бутел! Овој тим предводен од искусниот тандем Мац и Давор, сезонава ќе настапува во втората лига и своите натпревари ќе ги игра во салата Антон Димитров. Коки веќе втора недела тренира во новата средина, а ги чека документите од својот доскорашен клуб Арбен Бајрами за и официјално да може да настапува за Бутел. Тренинзите на Колев ќе бидат секој вторник и четврток од 21:00 часот што значи дека нема да му биде на располагање на Бутоп до крајот на сезоната во Маалската лига. Сепак, ние му посакуваме многу успех во новиот предизвик, а вратите на ФК Бутоп се секогаш отворени за нашата „единица“.

Борба за секој бод до крајот

Бутоп по четири одиграни кола во Маалската лига се наоѓа на последното, шесто место со еден освоен бод. По воведните две кола во кои претрпевме убедливи порази следеа два натпревари во кои бевме рамноправен ривал на екипи кои се борат за самиот врв. Во третото коло водечкиот тим на Белиот мачор се спасуваше од пораз во самиот финиш, а минатиот четврток ЗОО Арт победничкиот гол го постигна во последната минута. Иако можеби е рано да се донесе некаков заклучок за резултатските амбиции во преостанатиот дел од сезоната, едно е јасно: бутопци ќе се борат за секој бод до крај!

Драматичен финиш со среќен крај за ЗОО Арт

Екипите на ЗОО Арт и Бутоп вчеравечер одиграа драматичен натпревар во кој домаќинот на крајот се радуваше на голот за победа во последната минута и конечен резултат 4-3. Анел ја отвори средбата со гол и наше водство, но следеше пресврт. ЗОО Арт ја презеде предноста (3-1), но Бутоп не се предаде и во последните десетина минути силно притисна. Андреј и Анел донесоа израмнување на две минути до крајот и кога тргнавме на се или ништо, дојде казната од контра за несреќен пораз во ова дерби. За Бутоп настапија: Костовски (на голот), Курт, Ан.Вукељ, Димитровски, Велковски, Вангеловски и Смиљковски. Во останатите средби од четвртото коло, Белиот мачор во битката за врвот беше поуспешен од Лукс кафе со 10-5, а Радишани подобар од Алиенс со 5-4.

Бутелско дерби на менито

Љубителите на малиот фудбал утре (13.10.2022) со почеток во 20:20 часот ќе можат да го проследат бутелското дерби во рамките на четвртото коло на Маалската лига помеѓу екипите на ЗОО Арт и Бутоп. Момците од Бутел 2, кои се номинален домаќин на оваа средба, во претходното коло во натпреварот против Алиенс ја остварија првата победа, додека пак ние го освоивме првиот бод во трилерот со водечкиот тим на табелата Белиот мачор. Ова е знак дека формата на двете екипи е во нагорна линија и навивачите утре може да очекуваат вистински спектакл. Во останатите средби, Белиот мачор и Лукс кафе како лидери на табелата ќе се борат за самиот врв (почеток во 19:30), а последниот термин (21:10) е резервиран за Радишани и Алиенс.

18.07.2021 Бутоп 3-2 Чаир Нестле