January, 2022

now browsing by month

 

Првите тренинзи посветени на кондиција

Измина првата недела од зимските подготовки на Бутоп. Овие шест дена беа посветени најмногу на кондициски припреми и издржливоста на фудбалерите. Речиси сите работеа индивидуално распоредувајќи ги тренинзите според своите работни обврски и слободното време. Утре е слободен ден, а потоа од вторник до недела следат уште шест тренинзи за комплетирање на овие скратени подготовки за пролетната полусезона.

Среќен роденден Коки и Харис

Денес Бутоп има двојна причина за славење затоа што Костадин Колев и Харис Фекиќ ги прославуваат своите родендени. Двајцата се дел од клубот 100, а многу рекорди се поврзани токму со нивните имиња. Им посакуваме се најубаво на приватен и на професионален план на нашите легенди. Среќен роденден Коки и Харис!

Подготовките почнуваат на 25 јануари

Вторник, 25 јануари, е денот на официјалниот почеток на годинешните зимски подготовки на Бутоп. Собирот е закажан за во 15:00 часот на теренчето кај ОУ Живко Брајковски. Сите играчи кои не се во можност овие денови да присуствуваат на тренинзите ќе работат по индивидуална програма подготвена од клубот.

Како што веќе споменавме, ова е најдоцниот почеток на едни јануарски подготовки, но најважно е да се успешни и да се подлога за една успешна година, на каква се надеваме и планираме. Досега најрано сме стартувале на 2 јануари, лани (2021), а најдоцна на 20 јануари 2019. Традицијата на зимските подготовки ја започнавме на 14 јануари во 2011 година.

Информација за зимските подготовки

Ја информираме јавноста дека зимските подготовки на ФК Бутоп оваа година ќе започнат најдоцна досега. Главната причина е потребата да им дадеме на играчите доволно време за одмор по напорната 2021 година. Истотака, измена ќе има и во планот и времетраењето на базичните подготовки, па наместо вообичаените три недели тие ќе траат десетина дена, по што фокусот ќе биде ставен на натпреварувачкиот дел. Почетокот треба да биде во текот на наредната недела, а точниот датум дополнително ќе го објавиме.

Среќен роденден Мето

Денес (16 јануари) својот роденден го прославува Методиј Смиљковски. Мето е дел од Бутоп од самите почетоци на клубот и низ сите овие години даваше значаен придонес во неговиот развој. Му посакуваме се најубаво на приватен и на професионален план. Среќен роденден Мето!

Честит Божик! Христос се роди!

ФК Бутоп им го честита денешниот празник Божик на сите православни христијани кои го прославуваат. Христос се роди! За многу години!

Осврт на есенската полусезона 2021-2022

Есенската полусезона од петнаесеттата сезона во постоењето на ФК Бутоп ја завршивме со импресивни 13 натпревари и одличен скор од 10 победи, 1 реми и само 2 порази. За потсетување, во двете претходни сезони имавме вкупно по 13 одиграни натпревари. Ова е показател за позитивните ветришта кои дуваат во клубот и знак за враќање на старите патеки на успехот.

Првите пет средби ги одигравме  во периодот од јули до октомври, сите во балонот кај СУГС Зеф Љуш Марку, 3 пати победивме (со Чаир Нестле и Немилосрдни), загубивме 2 пати (Немилосрдни и Бутел Илхан). Во ноември следеа 3 победи против Дарко ФФМ на три различни терени: кај 11 Октомври, СУГС Никола Карев и РАЦ во Кисела Вода. Последните 5 натпревари ги одигравме во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов со скор 4 победи и 1 нерешено, против Немилосрдни и Дарко ФФМ. Или по противници: со Немилосрдни имаме скор 4-1-1, со Дарко ФФМ перфектни 5/5, како и победа над Чаир Нестле, а пораз од Бутел Илхан.

За Бутоп на овие натпревари настапија 20 играчи: Кирил Ѓорѓиев Грмуш, Костадин Колев, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Ристе Валчанов, Кристијан Каравидов, Павле Шилегов, Кристијан Велковски, Дарко Костовски, Јеткин Сезаир, Андреј Димитровски, Илхан, Даниел, Зеко, Дритон Палоши, Енис Каришиќ, Нео, Филип Тодоровски, Мифтар и Касиљас.

За одбележување е влезот на Јеткин Сезаир во клубот 100 на 29 август во мечот со Бутел Илхан, противничкиот играч Амар го постигна 4000 гол на нашите натпревари на 23 септември, бевме дел од кампања за спречување дискриминација и расизам, Грмуш го презентираше новиот голмански дрес, а се уште трае серијата од 10 натпревари без пораз во кои имаме само едно нерешено и дури девет победи. Митот за нашата непобедливост на боксинг-деј продолжи и оваа година со пресвртот против Немилосрдни.

Ова се дел од моментите кои ја одбележаа изминатата полусезона во која продолжи да живее пријателското ривалство и соработка со тимот на Дарко ФФМ, а се разви ново со момците предводени од Валчанов, популарните Немилосрдни.

Датумот за почеток на зимските подготовки не е одреден се уште, како ни нивниот тек и изглед бидејќи фудбалерите заслужија одмор по големите напори претходниве месеци. Како и да е, планови за пролетната полуетапа има и се надеваме на уште посилни термини и натпревари и уште повеќе причини за радост за нашите навивачи.

Спортски поздрав,

Д.К.

Кире рипна во тавче

Новогодишната ноќ со која ја дочекавме 2022 година ќе му остане во особено пријатно сеќавање на Кирил Смиљковски кој реши да рипне во тавче и ја запроси својата избраничка Ребека. Им посакуваме убав заеднички живот!

Среќна Нова 2022 година

ФК Бутоп ви посакува здравје, љубов и бериќет во новата година. Среќна Нова 2022!