December, 2017

now browsing by month

 

Непобедливите на Боксинг-деј овојпат одморија

Добро е позната непобедливоста на Бутоп на 26.12, односно Боксинг-деј, денот предвиден за празничен фудбал во колевката на овој спорт, Англија. Денес, некако се чини во духот на оваа календарска година во која не одигравме премногу средби, нашите фудбалери немаа никакви активности. И ете на тој начин остана митот и податокот дека никогаш не сме загубиле натпревар на денешниов датум. А сме играле три пати, секогаш во салата Антон Димитров и имаме максимален скор, односно три победи:

2009 г. – 16-10 над Бутел (Давор, Жора)

2013 г. – 6-4 над Примавера и

2016 г. – 11-8 повторно над Примавера.

Следи линк од објава со фотографии од „мајсторката“ со Примавера на 26.12.2013:

 

Фото галерија од Бутоп – Примавера, 26 декември 2013

За ривалството со Славија

Една кратка прошетка низ историјата на Бутоп. На денешен ден досега не сме играле, но затоа имаме еден натпревар на утрешниот датум 18.12, во 2014 г. Тој ден на наш терен, во салата Антон Димитров, во 21:00 часот сме одиграле 5-5 со екипата на Славија. Всушност, целата таа сезона 2014/2015 беше во знакот на ривалството со овој тим. Одигравме вкупно 13 натпревари со изедначен скор од по 5 победи за двата состава и 3 нерешени средби. Првите пет ги одигравме во нашата сала, а наредните осум во салата на Зеф Љуш Марку. Интересно, многу поголем успех имавме во Зеф Љуш (5-1-2), отколку во Антон Димитров (0-2-3). На претходно споменатиот натпревар за Бутоп настапија: Колев, Димитровски, Курт, Костовски, Смиљковски и Велковски во првиот тим, а во игра влезе и Каравидов.

Елмас: Останувам во Фенер

Деновиве се рашири информација дека Елиф Елмас е пред нова промена на средината и дека Фенербахче ќе го даде на позајмица во некој друг тим, каде што би требало да добие поголема минутажа. Сепак, ексклузивно за страната на Бутоп, тој тоа го негираше:

  • Во тоа нема никаква вистина. Дури и јас се зачудив кога ја слушнав таа вест, па се обратив до некои луѓе од раководството на клубот и тие ми рекоа дека останувам во Фенербахче.

Како се снаоѓаш засега? Како е да се тренира со големите ѕвезди од првиот тим?

  • Супер е! Секојдневно учам многу работи за фудбалот, но и повеќе од тоа. Конкуренцијата е огромна, борба има на секој тренинг, дури и странците го имаат прифатено темпераментот на домашните играчи и секогаш е жестоко… Најчесто „цимерувам“ со Шкртел и доста слушнав за страста за фудбал во Англија, дербито на Мерсисајд (кое се игра утре 10.12.2017)

Се играат ли „термини“ низ Истанбул, има ли балони?

  • Па да. Има, многу се игра фудбал. Играат и професионалците, но јас засега избегнувам… не сакам да ризикувам повреда.

Таму си со семејството?

  • Да. Полека се привикнуваме, нема проблеми. – го приврши ова кратко интервју за ФКБутоп, најдобриот млад фудбалер на Македонија, Елиф Елмас.

Елиф повторно е најдобар!

Елиф Елмас втора година по ред е избран за најдобар млад фудбалер во Македонија. На 3 декември 2017, на манифестацијата што се одржа во зградата на МНТ нашиот Елиф го доби ова вредно признание од ФФМ за сезоната 2016-2017, во која настапуваше како фудбалер на Работнички.

Честитки!!!

Среќен роденден Марио!

Денес својот роденден го слави нашиот фудбалер Марио Вангеловски. Штаката е освојувач на златната копачка за изминатата сезона, а во ист стил продолжи да ги тресе противничките мрежи и есенва, па се истакна како најголема опасност за ривалите и даде најмногу голови. Му посакуваме многу успех и среќа понатаму на приватен и на професионален план.

Среќен роденден Марио!!!

Кој прв до клубот 100?

Бутоп веќе подолго време чека на нов член во популарно наречениот „клуб 100“, односно играчи што имаат преку сто настапи за нашиот тим. Во конкуренција за седми член во ова одбрано друштво предничат четири играчи кои се чини ќе водат доста израмнета трка до самиот крај . 

Тоа се Јеткин Сезаир (92 настапи), Самин Колашинац (87), Костадин Колев (81) и Кристијан Велковски (80). Иако со помал број настапи, Коки и Кико се надеваат да ги престигнат Јеткин и Самко, а како своја предност ја сметаат редовноста која ја прикажуваат во последно време. Јеткин се трка со времето и едвај чека да се врати во Скопје за да може почесто да го носи синиот дрес, а Самко кој веќе подолг период е надвор од терените личи на аутсајдер во оваа трка.   

Нешто зад нив се Филип Пејков (64) и Методиј Смиљковски (57). Подолу на листата според бројот на настапи се Марио Вангеловски (33), Арбен Ејуп (30), Дарко Николиќ (24), Бенјамин Фекиќ (21) и Кирил Ѓоргиев (18). Да потсетиме дека досега шесте играчи со над 100 настапи за Бутоп се Дарко Костовски, Кирил Смиљковски, Кристијан Каравидов, Анел Курт, Андреј Димитровски и Харис Фекиќ. Нашиот менаџмент уште од поодамна најави дека за следниот играч кој ќе влезе во „клубот сто“ ќе следи пригодна награда, а ние со нетрпение очекуваме да видиме кој ќе биде тоа.