April, 2022

now browsing by month

 

Честит Велигден: Христос воскресе

ФК Бутоп на сите православни верници во Македонија им го честита највеселиот празник Велигден. Христос воскресе! За многу години!

Меѓународно службено деби во Србија

По три години планирања и откажувања, Бутоп денес конечно го имаше своето меѓународно деби, иако само службено, на турнир во село Златокоп, соседна Србија. Денес во ова врањско село се одигра хуманитарниот турнир „Да и Вукан победи СМА“ на кој учествуваа 14 екипи, меѓу кои и ние. Три од пријавените екипи уплатија котизација и беа во официјалниот ждреб, па така и Бутоп, и покрај тоа што поради продолжениот викенд не успеавме да склопиме тим. Среќата не посака па во осминафиналето извлековме уште една од екипите кои беа формални учесници и договоривме службено да победиме. Во четвртфиналето налетавме на домаќините, тимот Друштванце, па со 0-3 го завршивме ова службено меѓународно деби. Сепак во преден план на целиот настан беше хуманитарната акција за собирање пари за малиот Вукан. Екипите учеснички, но и гледачите и жителите на Златокоп се солидаризираа и на крајот вкупно беа собрани 57000 динари. Победник на турнирот е локалниот тим Барселона. Во наредните денови очекувајте и една фото-сторија од целото дружење на кое ФК Бутоп и Дарко Костовски добија благодарници за придонесот во организацијата и учеството на турнирот.

All-focus

Темелите поставени во Ла кафе

Веќе неколку месеци нашата администрација ја разработува идејата за формирање лига во мал фудбал. Вчера во Ла кафе беше одржан состанок на кој присуствуваа претставници од трите екипи кои треба да бидат основоположници на оваа лига. Дарко Костовски, Марко Јаневски и Дарко Видиниќ разговараа за визијата и првичните предизвици околу овој проект. Присутен беше и Димитар Колев. Присутните средбата ја оценија како конструктивна и успешна и со позитивно расположение порачаа дека очекуваат реализација на планот.

Повеќе детали за изгледот на ова натпреварување и за неговиот евентуален старт ќе добиете по празниците.

Уште една тешка и важна победа за Бутоп

Бутоп успеа да се избори за уште една важна победа откако на синоќешниот натпревар (19.04.2022) против Албион Север славеше со минимални 4-3. Решавачкиот гол го постигна позајмениот играч од тимот на Видиниќ, Желче. Само минута претходно Влатче испушти зицер по соло пробивот низ нашата одбрана, па лесно можеше исходот да биде поразличен. Повторно видовме изедначен натпревар, но треба да се напомене дека ние го имавме водството во поголемиот дел од средбата, прво 2-0, па 3-1, пред во неизвесниот финиш да се влезе со егал. За Бутоп настапија Колев, Димитровски, Смиљковски, Курт, Велковски, Колевски и Желче.

Реванш против Албион вечер во 11 Октомври

Момците на Албион Север вечерва (19.04.2022) ќе се обидат да се одмаздат за минатонеделниот пораз во Блаже Конески. Овојпат, натпреварот ќе се одигра на теренот кај ОУ 11 Октомври во населба Пролет со почеток во 22:10. Кај Бутоп ќе има две измени, па Колев и Курт ќе играат наместо Боки и Каравидов. Во тимот остануваат Димитровски, Смиљковски, Велковски, Колевски и Желка.

Добар фудбал во Блаже и наша победа

Вчерашното дерби меѓу екипите на Бутоп и Албион Север заврши со наша победа со конечни 6-3. Присутните во балонот кај Блаже можеа да видат квалитетен и израмнет натпревар со добри одбрани и силен интензитет. Бутопци отворија со 2-0, но момците од Скопје Север не се предадоа и израмнија, 2-2. Сепак, во клучниот период нашите фудбалери имаа повеќе концентрација и со четири гола го решија прашањето за победникот. Кај нас се истакнаа Каравидов со два гола и Велковски, но и останатите (Смиљковски, Димитровски, Колевски, дебитантот Желче кој беше позајмен од Дарко ФФМ и Боки на голот) одлично одговорија на поставените задачи.

Африкански предизвик не буди од сонот

Нашите фудбалери како да подзаспаа последниве месец дена без ниту еден натпревар, па денешниот повик од Џоле и Влатче, поранешните ривали од тимот на Албион Север добро ни дојде за Бутоп да се активира. Џоле подолго време е професионално ангажиран на африканскиот континент и сега сака да се потсети на старото ривалство. Натпреварот против нивниот тим е закажан за вечерва (11.04.2022) во балонот кај ОУ Блаже Конески со почеток во 21:30. За нас ќе настапат Димитровски, Смиљковски, Каравидов, Велковски и уште две засилувања во поле, а дебитант ќе имаме и на голот, Боки.

Влегуваме во последната четвртина од сезоната

Бутопци немаат одиграно натпревар речиси еден месец откако на 3 март ги победија Немилосрдни. Оваа пауза би требало да биде добредојдена пред влезот во последните три месеци од сезоната 2021/2022. Активностите за овој период се уште не се прецизирани, а јавноста со нетрпение ги исчекува вестите за лигата која се крчка веќе некое време, како и за најавите за учество на некој турнир. Во секој случај, за очекување е возбудлив финиш на сезоната и задоволување на апетитите на нашите навивачи.