January, 2021

now browsing by month

 

Среќен роденден Коки и Харис

На 28 јануари Бутоп секогаш има двојна причина за славење. Денес им е роденден на двајца наши фудбалери: Костадин Колев (1996г, 99 настапи) и Харис Фекиќ (1993г, 173 настапи). По пауза од две години повторно им честитаме со заедничка објава и честитка затоа што заедно сме посилни! На двајцата им посакуваме се најдобро на приватен и на професионален план.

Среќен роденден!

Базата поставена, чекаме натпревари

Заклучно со вчерашниот ден (22.01.2021) заврши тринеделниот период на базични подготовки на ФК Бутоп. Фудбалерите воглавно работеа по индивидуални програми, на кого што му треба. Формата се уште не е на најпосакуваното ниво, но нашите играчи со нетрпение очекуваат да се вратат во натпреварувачки ритам.

All-focus

Среќен роденден Мето

Денес, 16 јануари, својот роденден го слави Методиј Смиљковски. Мето е со нас уште од самите почетоци на клубот и досега запиша 64 настапи. Му посакуваме се најубаво.

Среќен роденден Мето!

На денешен ден (14.01)

Денешниов ден Василица, или првиот ден од годината според стариот календар, донел само еден натпревар за Бутоп досега, и тоа лани (14.01.2020). Тоа беше натпревар со кој ја отворивме пролетната полусезона (подоцна се испостави скратената и пандемиска полуетапа) на првиот ден од зимските подготовки. Противник ни беше Екипа Чаир, а извојувавме сигурна победа, иако конечниот резултат не беше толку убедлив, 9-7. Средбата се одигра во салата на СУГС Зеф Љуш Марку. За нас настапија Курт (г), Костовски, Димовски, Велковски, Валчанов и Каравидов. Фотографијата подолу е од нашиот пладневен тренинг тој ден.

Честит Божик

ФК Бутоп им го честита христијанскиот празник Божик на сите православни верници. Ви посакуваме здравје, мир и спокој во годината што следи. Христос се роди! За многу години!

Ексклузивно со Харис Фекиќ

Подарок за сите наши членови и поддржувачи: ексклузивно новогодишно интервју со легендарниот Харис Фекиќ. Харис е еден од шесте (засега) членови на клубот 100 на Бутоп, со 173 настапи. Четири пати беше во тимот на сезоната и остави неизбришлив траг во првите сезони на нашиот клуб. Веќе неколку години работи и живее во Германија, па ретки се моментите кога го среќаваме низ Скопје. Овојпат ја искористивме приликата да се видиме, а разговорот ви го пренесуваме на butop.info

Се сретнавме во вежбалницата „D2“ во Бутел 1, каде нашите играчи понекогаш знаат да обават дел од тренинзите за сила, кондиција, како и за рекуперација и рехабилитација, но за тоа во друга прилика.

– Како си Харисе? Одамна не сме се виделе… – започнав, – очекував ќе те видам здебелен, паднат, но изгледа си во добра форма?

Па добро сум и во топ форма како што може да се види (се смее). Дојдов да одработам еден тренинг, морам. Па не ли знаеш, никогаш не би си дозволил да сум аут, не можам без спорт. Не би можел да се поднесам залежан. Со вежбањево „терам“ околу година и пол, а и внимавам на исхрана, внесување течности… Си бара овој спорт посветеност.

– А со фудбал почна ли? Што направи со повредата?

Не, се уште не можам. Тоа е можеби и причина плус што се посветив дополнително на „теретана“. Уште ме мачи коленото, има три-четири години како го повредив. Во меѓувреме направив испитувања во Германија, се работи за повреда на лигаментите и неопходна е операција. Веројатно на пролет ќе се одлучам на тој чекор, ќе видиме.

– Значи не се откажуваш од фудбал?

– Не, не! Никако! Па млади сме уште. Видов дека и ти сега паузираш поради нешто слично… Има уште многу што да покажеме на терен. Нема откажување. Лани пробав да играм на еден турнир во Хановер, во екипа со едни пријатели, но не можев. Проблем ми се цик-цак движењата и тоа си остана така. Праволиниски се движам без проблеми, ама за фудбал не сум.

– Како е да се игра во земјата четирикратен светски првак?

– Уф. Тешко е да се опише. „Горе“ е лудница. Какви само услови за фудбал, за спортување. Колку ли само лиги има, професионални, аматерски, полупрофесионални. Па имаш голем фудбал, мал фудбал, среден фудбал да го наречам, со седум или осум играчи, терените перфекција. Нема споредба.

– Да знаеш… Ти ја земаа петката во Бутоп.

Да? Кој?

– Рики. Ристе Валчанов, на Мите малиот.

Аа ха ха. Па ако. Тоа е, кога не сум тука… Што да правам. Нема љутиш. Верувам дека достојно ќе ме заменува.

– Како се живее таму? Какви ти се плановите за иднината? Ќе се враќаш овде или?

– Убаво е. Се работи напорно, но добро е. Знаеш дека трудот на крајот се исплаќа. И тоа е многу важно. Едноставно, таму владее законот, си има ред за се. Тоа е она главното. Младите се осамостојуваат уште на 18, 19 години, не чекаат од родителите, имаат слобода и сами одлучуваат и заработуваат.

Засега ќе бидам горе. При крај сум со добивање документација, а би требало да го повлечам натака и брат ми. За понатаму не знам. Можеби и би се вратил овде за да почнам сопствен бизнис, ако стекнам доволно знаења и капитал, но има време, ќе видиме.

– Женет не си. До кај е работата? Има нешто?

– Хахаха. Па имам некоја комбинација овде… Што те лажам, имам две-три комбинации (Харис си останува Харис). Ама не знам и тоа. За тие работи не треба ни премногу да брзаш, ни премногу да се мислиш, а каква ќе ти биде среќата и каде ќе ја најдеш? Не можеш да планираш. – по малку филозофски поентираше мојот соговорник.

– Порака за помладите?

– Настојувајте постојано да учите нови работи и да напредувате во она што сте го одбрале како професија или хоби. Едноставно е, бидете сами свои критичари и вадете го најдоброто од себе. – заврши Фекиќ.

На Харис му посакав успех на сите полиња и скоро враќање на фудбалскиот терен. Си ветивме дека на лето ќе имаме шанса да го видиме „во живо“ на некоја средба на Бутоп, а зошто да не и во дрес?

Машинеријата пуштена во погон

Денес нашите фудбалери го имаа првиот собир во 2021 година. Како што најавивме пред два дена, бутопци се собраа на стариот терен на ОУ Живко Брајковски. Ова е единаесетта година по ред како организираме зимски подготовки, еден вид поставување база за полусезоната што претстои. Овојпат почнуваме најрано досега, на вториот ден од годината, за првпат пред божикните празници. Причината е јасна, годинава мора да сме вклучени на најјако, мора Бутоп да гази! На првиот тренинг се појавија Валчанов, Костовски, Димитровски (кој пристигна од Софија), К. Колев, Шилегов, Додовски, Мартиноски и Каравидов. Еве дел од атмосферата:

All-focus
All-focus
All-focus
All-focus

Среќна Нова 2021 година

ФК Бутоп на сите свои членови и поддржувачи им ја честита новата година со желба за многу здравје, среќа и успеси. Среќна Нова 2021!