January, 2018

now browsing by month

 

Успешно комплетирани зимските подготовки

Бутоп успешно ја комплетираше програмата на зимските (јануарски) подготовки за оваа 2018 година. Претходно веќе известивме за првите седумнаесет дена од тренинг шемата, а последниот викенд на некој начин почна во четвртокот навечер (25.01) кога одигравме една пријателска средба делејќи се во два тима во кои имаше и играчи од страна. Петокот, саботата и неделата беа искористени за малку понапорни тренинзи, а се се заврши во понеделникот (29.01) со победата над Дарко ФФМ. Вчера и денес Бутопци добија поштеда, а веќе од утре ќе се бараат противници за да се одиграат повеќе натпревари од што беше случај во изминатата полусезона. Токму квантитетот (но и квалитетот) на средбите ќе биде врвен приоритет за нашиот тим во наредниот период.

Карактерот победи!

Бутоп синоќа (29.01.2018) забележа победа во суперинтересниот натпревар против Дарко ФФМ со конечен резултат 5-4. Неизвесноста траеше до последните моменти кога и успеавме да го комплетираме пресвртот, откако противникот поведе со 4-1. По тоа нивно водство следеше опсада на голот на нашиот ривал и, за наша среќа, целосен пресврт. Тоа што нашите фудбалери не се предадоа и покажаа победнички карактер се чини ја донесе победата вчера затоа што тактички бевме изненадени од „паркираниот автобус“ на тимот на Дарко ФФМ. Натпреварот започна во 20:30 и се одигра во балонот кај ОУ Димитар Миладинов во Центар. За Бутоп дебитираше Баркли, а играа и Димитровски, М. Смиљковски, Костовски, Дончоски и Николиќ.

Вечерва против Дарко ФФМ

Јануарските подготовки на Бутоп го достигнуваат својот зенит со вечерашниот натпревар кој ќе го одиграме против тимот на Дарко ФФМ. Натпреварот ќе се одигра во балонот кај ОУ Димитар Миладинов со почеток во 20:30 часот. За нашиот тим ќе настапат Баркли (на голот), Димитровски, Методиј Смиљковски, Христијан Дончоски, Костовски и Николиќ.

 

 

 

 

Бутоп – Дарко ФФМ, 15.09.2017

Среќен роденден Коки и Харис!!!

Денес (28 јануари) своите родендени ги слават Костадин Колев и Харис Фекиќ. Двајца играчи кои се симболи на нашиот клуб, играчи по кои сме препознатливи и кои ја претставуваат суштината на ФК Бутоп. Фекиќ, кој моментално живее и работи во Германија досега настапи на 173 средби во синиот дрес, а Колев има 81 настап. Им посакуваме многу успех во животот и кариерата и уште многу настапи за Бутоп.

Среќен роденден!!!

Малку тимски, малку индивидуално

Поминаа седумнаесет дена од овогодишните зимски (јануарски) подготовки на Бутоп. Се работи по малку тимски, но и индивидуално. Уште во првите пет дена акцентот беше ставен на набивање километража и зголемување на физичката сила на фудбалерите. Следеа два дена пауза за од минатиот понеделник да се почне и со работа со топка, а темпото на тренинзите се зголемува секој ден. Дел од играчите работеа и по индивидуални програми: Јеткин е супер-задоволен од соработката со турските физиотерапевти во Анкара (едвај чекаме да ги сподели искуствата), Кире е на висински подготовки во Маврово, Колев работи под полна пареа со футсал шампионите Шкупи, а и останатите Бутопци „доработуваат“ секој за себе. Костовски пак, слободниот викенд го искористи да оствари средба со претставници на Динамо Загреб и да го посети стадионот и тренинг центарот на повеќекратниот хрватски шампион.

За утре се планира пријателска средба која треба да послужи за воигрување и кревање на натпреварувачкиот ритам, но за тоа ќе бидете известени во текот на утрешниот ден.

Две недели се зад нас, денес слободен ден

Бутопци веќе две недели активно се подготвуваат за искушенијата во пролетниот дел од сезоната. Денес е слободен ден за сите играчи на нашиот тим. Како што најавивме, подготовките започнаа на 8 јануари во 14:30 часот и оттогаш нашите фудбалери редовно ги исполнуваат своите обврски. Повеќе детали за досегашниот тек на подготовките, како и за нивниот финиш, ќе објавиме во наредните денови.

Среќен роденден Мето!!!

Денес (16 јануари) својот роденден го прославува Методиј Смиљковски. Мето  е наш член уште од самите почетоци на клубот, а досега запиша 57 настапи во дресот на Бутоп. Му посакуваме се најдобро и уште многу успеси во кариерата и животот.

Среќен роденден Мето!

Зимските подготовки почнуваат на 8 јануари (понеделник)

Зимските подготовки на Бутоп за оваа 2018 година ќе започнат в понеделник, 8 јануари. Првата прозивка и тренинг традиционално ќе се одржат на старото теренче во дворот на ОУ Живко Брајковски во Бутел 1, со почеток во 14:30 часот. Тогаш на фудбалерите ќе им бидат соопштени деталите за распоредот и содржината на тренинзите. Она што засега е сигурно е дека во првите четири-пет дена тренинзите ќе започнуваат во истиот термин (14:30) и на истата локација.

Осврт на есенската полусезона 2017-2018

По веќе востановената традиција за првите денови од секоја календарска година, следи освртот на есенската полусезона, овојпат од сезоната 2017-2018, единаесетта од постоењето на ФК Бутоп.

Како и во претходните две години и сега есента не изобилуваше со многу натпревари, па дури и го израмнивме рекордот со најмалку натпревари (5) во првата полуетапа од воведната 2007-2008 сезона. Сепак, не е дека нема што да се одбележи.

Можеби најважниот момент се случи на самиот почеток, на 15 септември, датумот на кој во (сега можеби се чини далечната) 2007 година започна приказната за овој клуб. Успеавме да ги мобилизираме сите ресурси и закажавме средба токму на овој датум за да ја прославиме десетгодишнината. Како што доликува, победивме 9-6 против тимот на Дарко ФФМ, а потоа и соодветно прославивме во Гала кујна каде „шефот“ Анел беше во улога на домаќин.

Следеа победа (16-12) и пораз (6-7) од тимот на Радишани Кру во салата на Зеф Љуш Марку на натпреварите одиграни на 31.10 и 07.11. Следниот натпревар го одигравме во балонот кај ОУ Пенко против Мандарина, кој беше еден вид рехабилитација по поразот од радишанци и кој се одигра на 08.11, а го добивме со 8-6. Последниот меч во штотуку изминатата година го одигравме на 14.11 во Зеф Љуш против тимот на Качар и го добивме со 9-4.

Повеќе околу индивидуалната статистика ќе напишам на крајот од сезоната, овде само ќе подвлечам дека единствени кои ги одиграа сите пет средби досега се Андреј Димитровски и Кристијан Каравидов. А вкупно 14 фудбалери настапија за Бутоп есенва. Покрај Андреј и Каро тоа се: Анел Курт, Кристијан Велковски, Дарко Костовски, Јеткин Сезаир, Марио Вангеловски, Костадин Колев, Кирил Смиљковски, Денис, Енис, Дритон Палоши, Кико и Дарко Николиќ.

Ако не игравме многу, барем бевме активни на медиумите. Обновената веб-страница (со нова адреса (http://butop.info) си функционираше вообичаено, со неколку интервјуа и постојано информирање околу актуелностите, но и потсетување на минатото… Секако тука е и текстот на Анел за порталот Спорт1 (објавен на 28.10.2017) во кој инспиративно пишува за Елиф Елмас и неговите почетоци во Бутоп.

Во новата година влегуваме со многу ентузијазам и желби за севкупен напредок на клубот. Планирани се неколку проекти кои треба да придонесат за такво нешто. Во моментов се разгледуваат деталите околу текот на традиционалните зимски подготовки кои ќе бидат обелоденети во наредниве денови. Затоа продолжете да ја пратите нашата веб-страница.

Со почит,

Дарко К.

Среќна Нова 2018 година!!!

Управата и фудбалерите на Бутоп на сите вам ви ја честитаат новата 2018 година и ви посакуваат многу здравје, среќа и успеси. Се надеваме дека новата година ќе донесе и повеќе радости за нашиот клуб.