July, 2021

now browsing by month

 

Некои нови клинци и Костовски

Летните месеци се резервирани за турнирите во мал фудбал, а додека чекаме Бутоп да направи камбек, дел од нашите фудбалери се загреваат играјќи за други тимови. Таков е примерот на Костовски кој настапи на традиционалниот ноќен турнир во Златокоп во близина на Врање. Тој беше во улога на тренер и играч во тимот на „Неки нови клинци“. Младите момци беа вистинско освежување на овој турнир. Отворија со победа од 2-1 на првиот ден (13 јули). Во вториот натпревар загубија 3-4 со гол примен на 12 секунди до крајот во ситуација кога најмалку нерешено им обезбедуваше четвртфинале. Тоа беше јасно бидејќи третата средба ја играа ( и загубија) со екипа од професионални футсалери која ги доби сите натпревари во групата. Турнирот беше затворен на 24 јули со финалето и натпреварот за трето место. Победи тимот на Адриа од Врање кој во финалето беше подобар (4-2) од локалниот тим од Златокоп, Гиле гелендер.

Една бутопска

Се уште ги сумираме импресиите од првиот овосезонски натпревар во неделата (18.07) и победата која најавува еден нов пристап во играта. Видовме многу борба и глад за позитивен резултат, комбинација која ветува успех. Грмуш реши да ги поздрави соиграчите и фановите и сподели „една бутопска“. Ви пренесуваме:

Нов почеток со победа во ретро стил

Одлично започна новата сезона за Бутоп откако вчеравечер (18.07.2021) славевме со 3-2 во тесен и возбудлив натпревар против Чаир Нестле (поранешна Екипа Чаир, која се ребрендираше и ја задржува традицијата и резултатите). Нашите момци потсетија на некои претходни сезони кога одбраната беше клучна во нашата игра и се одлучија за еден вид катанаџо со четири играчи назад, а еден осамен во нападот, без разлика на резултатот и моменталната поставеност на противникот. Дури и кога чаирчани ќе го пробиеја одбранбениот бедем, тука беше Грмуш да спаси и според повеќето негови соиграчи тој беше играч на натпреварот. Сепак, сите кои настапија дадоа огромен придонес во оваа важна победа: К. Колев (како играч во поле), Каравидов, Смиљковски, Шилегов, Валчанов и Курт. Натпреварот се одигра во Зеф Љуш Марку од 20:00 часот и помина во фер и коректна атмосфера. Сите учесници пред почетокот заеднички порачаа дека во фудбалот нема место за дискриминација по било која основа.

Јубилејната 15-та сезона ја отвараме со Екипа Чаир

Оваа натпреварувачка сезона 2021/2022 нашиот клуб слави мини јубилеј, 15 години постоење. Како што доликува на една сериозна екипа, така и Бутоп ќе го прослави почетокот на новата јубилејна сезона со одигрување на еден натпревар со ривал од соседството. Слободно може да се каже дека ова пријателско ривалство со Екипа Чаир е најголемото дерби во северниот дел од Скопје.
Како се наближуваме до нашето полнолетство како екипа, така и искуството акумулирано во текот на годините треба да се манифестира на теренот. Горди сме да го истакнеме фактот дека овие 14 години пред се не одликуваат големата дружба и пријателство кои ги градевме со текот на времето.

Оваа недела (18.07.2021), ја отвораме сезоната против Екипа Чаир во балонот Зеф Љуш Марку од 20 часот.
Бутоп ќе настапи во следниот состав: Грмуш на голот, Колев ќе биде прекомандуван како играч во поле, Курт и Кико ќе ја држат средината, а во нападот ќе бидат Каро и Смиљковски. Знаеме да се нашалиме дека сите играчи почнуваат со буквата „К“: Кире, Коки, Каро, Кико, Кире и Курт.
Што се однесува до нашиот противник, тоа е екипа со која ги играме најефикасните натпревари. На одиграни 22 средби, вкупно се постигнати 439 голови (или 19,95 по натпревар). Бутоп има позитивна гол разлика, 238 постигнати и 201 примени голови.
Најефикасниот наш настап беше на 18.11.2018 каде постигнавме 22 погодоци. Од друга страна најлошиот настап беше на 24.02.2019 каде примивме дури 18 погодоци.
На овие 22 натпревари имаме позитивен скор 13 победи и 9 порази. Интересно е што со Екипа Чаир никогаш немаме одиграно нерешен натпревар, па статистиката ветува спектакуларен натпревар оваа недела.
Сосема на крајот, сакаме да им се заблагодариме на сите наши поддржувачи кои се со нас изминативе полни 14 години, како и на сите противници со кои имаме играно за фер-плејот и дружбата.

Пишува: Кирил Ѓоргиев – Грмуш

Грмуш на презентацијата на новиот голмански дрес на Бутоп

Кирил Ѓоргиев се најде во улога на модел и беше главен лик во фото-сесијата на која беше претставен новиот голмански дрес со долги ракави. Грмуш на својот грб ќе го носи бројот 12 кој се надеваме ќе му донесе многу успеси во новата сезона.

Баркли ги наследи Коки и Грмуш, голманското трио на готовс

Никола Анастасовски – Баркли е голман на сезоната 2020/2021 во тимот на Бутоп. Тој ја искористи неконстантноста на неговите претходници и многу попознати голмански имиња што настапуваа за нас и влезе во историјата на клубот. За нареднава сезона Баркли заедно со Коки и Грмуш ќе ја сочинуваат голманската тројка од која очекуваме да го понесе товарот, иако не може да се исклучи и некое ново име кое би се наметнало. Се потсетуваме кои голмани го понесоа овој епитет „голман на сезоната“ во овие четиринаесет сезони:

2007/2008: Кирил Ѓоргиев – Грмуш

2008/2009: Петар Лазароски

2009/2010: Филип Пејков – Пинки

2010/2011: Филип Пејков – Пинки

2011/2012: Арбен Ејуп

2012/2013: Костадин Колев

2013/2014: Костадин Колев

2014/2015: Костадин Колев

2015/2016: Костадин Колев

2016/2017: Костадин Колев

2017/2018: Костадин Колев

2018/2019: Кирил Ѓоргиев – Грмуш

2019/2020: Кирил Ѓоргиев – Грмуш

2020/2021: Никола Анастасовски  – Баркли

Резултати 2020/2021

2020/2021

16.06.2021 Бутоп 3-5 Дарко ФФМ бал. ОУ Пенко
26.05.2021 Бутоп 7-6 Маџари Он-веб-макс во Триангла, Маџари
19.05.2021 Бутоп 5-9 Маџари Он-веб-макс во Триангла, Маџари
01.04.2021 Бутоп 3-5 Дарко ФФМ балон 11 Октомври
18.03.2021 Бутоп 3-1 Дарко ФФМ Форца, Тафталиџе
11.03.2021 Бутоп 5-4 Дарко ФФМ Форца, Тафталиџе
04.03.2021 Бутоп 8-11 Дарко ФФМ Форца, Тафталиџе
01.03.2021 Бутоп 7-8 Бутел (Илхан Р) Арена Чикаго, Серава
25.02.2021 Бутоп 9-4 Дарко ФФМ кај СУГС Орце Николов
07.10.2020 Бутоп 3-5 Бутел (Илхан Р) балон кај Зеф Љуш Марку
29.09.2020 Бутоп 3-9 Бутел (Илхан Р) бал. СУГС Цветан Димов
27.09.2020 Бутоп 9-8 Дарко ФФМ бал. ОУ Блаже Конески
23.09.2020 Бутоп 2-7 Бутел (Илхан Р) бал. ОУ Пенко

Каро е освојувач на златната копачка

Кристијан Каравидов по втор пат во својата кариера е најдобар стрелец на Бутоп во една сезона. Тој до ова признание дојде по мртвата трка со Курт, Валчанов и Сезаир, па во самиот финиш од сезоната успеа да ја крене формата и да избие во преден план. Претходно златната копачка ја освои во сезоната 2012/2013.

Потсетување на досегашните освојувачи:

2007/2008: Енис Пепиќ – *

2008/2009: Дарко Костовски – 11

2009/2010: Јеткин Сезаир – 9

2010/2011: Јеткин Сезаир – 16

2011/2012: Дарко Костовски – 18

2012/2013: Кристијан Каравидов и Филип Цветковски – 5

2013/2014: Дарко Костовски – 3

2014/2015: Кристијан Велковски – 5

2015/2016: Кирил Смиљковски – *

2016/2017: Марио Вангеловски – 5

2017/2018: Кристијан Велковски – 5

2018/2019: Анел Курт – *

2019/2020: Енис Реџеп – *

2020/2021: Кристијан Каравидов – *

Сезона 2020-2021

Дојде моментот за традиционалниот преглед на сезоната која измина, во случајов сезона 2020/2021, четиринаесетта за ФК Бутоп.

Втора година по ред имаме фудбал под влијание на пандемијата на ковид 19 и повторно, како и лани, одигравме 13 средби. Остваривме 5 победи и 8 порази со гол разлика 67 постигнати (просечно 5,1) и 82 (6,3) примени голови. Постигнати се вкупно 149 погодоци, 11,4 во просек.

Иако игравме малку, бевме вистински глобтротери и настапивме на 9 различни терени во 6 скопски општини. Најмногу (три пати) игравме на Форца, останатите се балоните кај ОУ Пенко, ОУ Блаже Конески, СУГС Цветан Димов, Зеф Љуш Марку, Орце Николов, Чикаго Арена, ОУ 11 Октомври и во Маџари – Триангла. Исто како и претходната сезона игравме против три противници. Со Дарко ФФМ имаме 4 победи и 3 порази, од Бутел (Илхан Р) загубивме 4 пати, а со Маџари Он-веб-макс по еднаш победивме и изгубивме. Најубедливата победа ја остваривме на 25.02.2021 против тимот на Видиниќ (9-4), а најубедливиот пораз е од 29.09.2020 (3-9) од тимот на Илхан.

За жал, многу статистички показатели упатуваат на тоа дека ова е резултатски најлошата сезона во постоењето на клубот. Остваривме најмалку победи (5) и најмалку освоени бодови (15). Само вторпат имаме негативен скор (првпат по 2014/2015), но процентот на освоени бодови е најмал, само 38,4%, половина од лани кога имавме 10 победи на 13 средби. За првпат во нашата историја имаме негативна гол разлика. Три од петте победи ни се со еден разлика, а 7 од 8 порази ни се со повеќе од еден гол. Изминатава сезона просекот на голови (и дадени и примени) опадна драстично во однос на лани (од 18,3 на 11,4), што е показател дека сме ја стабилизирале играта. Натпреварите ги игравме под диктат на пандемијата и карантините, па во првата „тура“ во септември и октомври имавме 1 победа и 3 порази, од 25 февруари до 1 април одигравме 6 пати (скор 3-3) и во финишот од 19 мај до 16 јуни остваривме победа и 2 порази.

Индивидуална статистика. Сезонава за Бутоп настапија дури 27 играчи. Во идеалниот тим се најдоа четири исти играчи од лани: Курт, Валчанов, Смиљковски и Каравидов. Баркли го наследи Грмуш на голот, а Велковски се најде на местото на Костовски. Најмногу настапи имаше Валчанов (12), следат: Курт (10), Велковски (9), К. Смиљковски и Каравидов (по 8), Шилегов (5), Сезаир и Антиќ (по 4), К. Колев, Реџеп и Анастасовски (по 3), Д. Колев и Матеј (по 2) и Д. Костовски, Николиќ, Вангеловски, Дарис, М. Костовски, Стојчевски, М. Смиљковски, Алберт, Илхан, Мартин, Цеки, Стефан Д, К. Петрушев и Јаневски по еден настап. Златната копачка по вторпат во кариерата ја освои Кристијан Каравидов, но за ова во посебна објава утре.

Трета сезона по ред не настапивме на ниту еден турнир, но секако имаше работи што ја одбележаа 2020/2021. Ќе остане запаметено дека на 15 октомври пристигнаа новите дресови, испечатени со нашето лого, имиња и броеви, а за кои чекавме дури до пролет да ги сефтосаме. Пролетва двајца наши играчи влегоа во клубот 100: Велковски и Колев. Имавме интервјуа со Николиќ, Були Фљорим, Курт и Колев уште во октомври јасно го изнесоа нашиот став околу Суперлигата на Перез и Ањели, а ексклузивата ја имавме во јануари преку разговорот со Харис Фекиќ. Андреј иако не одигра ни минута во синиот дрес, не израдува приватно со „прво па машко“ дете, Матеј! Зимските подготовки овојпат почнаа најрано досега, на 2 јануари, а во текот на целата година одржувавме состаноци за да бидеме на готовс за различните предизвици. На еден таков состанок во февруари ја донесовме одлуката да не настапиме на Хоби-лигата, откако ги разгледавме сите опции пред нас. Со радост ги пратевме и известувавме за успесите на македонската фудбалска репрезентација и нашиот Елиф како дел од таа успешна приказна.

Дел од тимот задолжен за нашето онлајн претставување од септември стана Добри Додовски, а таму се уште главен и одговорен е Димитровски. Уште пред почетокот на сезоната, во август, го обновивме делот За клубот на нашата веб-страница. Нешто подоцна, направивме нови измени и ја дополнивме со некои категории (интервјуа, документи, статистика, извештаи). Поставивме нов рекорд кога 18 денови по ред имавме барем по една објава (од 22.09 до 09.10.2020), но и вкупно по сезона бидејќи имавме 103 објави, 8 повеќе од претходниот рекорд од 2018/2019. По месеци почнувајќи од јули: 6, 3, 17, 13, 5, 5, 8, 10, 15, 5, 8, 8. За крај, во овој виртуелен дел (што добро ни оди), на 17 мај беше продолжена лиценцата за домејнот на уште една година.

По четири сезони во кои годишниот буџет на клубот трпеше трошоци не поголеми од 12000-13000, сега повторно имаме расходи како во некои минати времиња, па потрошивме 23 500 денари. Ова најмногу се должи на новата гарнитура дресови, следат термините, лиценцата за веб-страницата и маички за играчите со 100 настапи. Со гордост повторувам дека и овојпат комплетно се потпревме на самофинансирање.

Плановите за наредната сезона не се во целост кристализирани, но еден од приоритетите е да се вратиме на турнирите по пауза од три години. Во моментов ја разгледуваме опцијата да се појавиме на некој од скопските турнири во месец август. Истотака, планираме да ја оствариме желбата за меѓународен настап. Контакти се остварени со организаторите на турнирот во соседна Србија, чијшто спонзори и пријатели бевме втора година по ред. Се надеваме и дека повторно ќе имаме сезона со над 20 натпревари, нешто што последен пат се случи пред 6 години во сезоната 2015/2016. Во делот инфраструктура и општествена одговорност ќе бидеме активни како и секогаш.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски