February, 2022

now browsing by month

 

Апансаз термин, кој ќе се снајде подобро?

Денес изненадно излезе опцијата да се одигра еден непланиран натпревар со Немилосрдни. Двете екипи, иако некомплетни, решија да го прифатат предизвикот. Кој ќе се снајде подобро на овој апансаз-термин ќе видиме вечерва во балонот кај Рајко од 21:00 часот кога започнува оваа средба. За Бутоп се најавени Каришиќ, Димитровски, Курт, Костовски, Велковски и Валчанов.

Прв пораз по пет месеци, Немилосрдни ни ја прекинаа фантастичната серија

Тимот на Немилосрдни  вчеравечер (24.02.2022) успеа да ја прекине нашата серија на непобедливост која траеше цели пет месеци (десет натпревари) забележувајќи убедлива победа од 15-8. Нашите момци не можеа да одговорат на енергичноста и притисокот на противникот. Почетокот ни припадна нам и за брзо време поведовме со 3-0. Следеше  пресврт со шест гола по ред на Немилосрдни (3-6). Ние возвративме со три гола (6-6), а потоа за краток период дојде голем пад во нашата игра и нови четири примени гола, по што се до крајот беше само формалност и исчекување на конечниот резултат. За Бутоп настапија играчите кои ги најавивме вчера, а средбата се одигра во балонот кај Рајко Жинзифов од 20:00 часот.

Искусна постава за старт на 2022

Вечерва Бутоп ја започнува пролетната полуетапа од сезоната 2021/2022 со натпревар против тимот на Немилосрдни. Средбата ќе се одигра во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов со почеток во 20:00 часот. Ние ќе истрчаме со доста искусен состав: Костовски, Димитровски, Курт, Смиљковски и Велковски, сите членови на клубот 100, а тимот го комплетира Нео. Тој доаѓа како замена за Даниел и Ристе кои ќе играат за Немилосрдни.

Колев: Се враќам во Бутоп, сакам да сум поредовен

Како што беше најавено уште минатата недела, Бутоп пролетната полусезона ќе ја започне со натпревар против Немилосрдни, кој сега и официјално е закажан за четврток, 24 февруари. Во составот очекуваме да се најде и Костадин Колев, но она што тој го изјави во вчерашниот разговор за butop.info е супер вест за нашите фанови: „Овојпат се враќам, но со цел да бидам поредовен и со поголема минутажа. Во моментов ги прекинав контактите со тимот на Арбен Бајрами и немам ангажман во футсал. Паднат сум во форма, но многу мотивиран и подготвен да се посветам на старата љубов Бутоп.“  – рече Колев и додаде дека има понуди од неколку тимови за договарање евентуални термини со нашиот тим.   

Среќен роденден Каро

Денес (14.02.2022) Кристијан Каравидов го прославува својот 29. роденден. Каро е еден од основачите на Бутоп и негова легенда, човек без кој тешко може да се замисли овој тим. Го дели второто место по бројот на настапи (281) заедно со Кирил Смиљковски, два пати беше наша златна копачка (во сезоните 2012/2013 и 2020/2021) и единаесет пати се најде во тимот на сезоната. Му посакуваме се најубаво. Среќен роденден Каро!

Јаневски побара некој ден плус за подготовки

Претставници од тимот на Немилосрдни викендов во неколку наврати се сретнаа со наши играчи и ветија дека во брзо време ќе бидат спремни да ни излезат на мегдан. Марко Јаневски побара десетина дена плус во кои заедно со Шилегов и Димитар Колев ќе ја мобилизираат својата екипа и ќе ја подготват за пролетните предизвици. Бутопци пак, откако ги завршија своите обврски околу кондициските подготовки со нетрпение чекаат да влезат во натпреварувачки ритам.

All-focus

Среќен роденден Пинки

Денес својот роденден го слави Филип Пејков – Пинки. Во дресот на Бутоп собра 64 настапи, а во сезоните 2009/2010 и 2010/2011 беше наш голман на сезоната и незаменлив бедем пред голот. Му посакуваме се најубаво. Среќен роденден Пинки!

Поставена базата за успешна пролет

Денес нашите фудбалери ги завршија двонеделните подготовки во кои физичката припрема беше во преден план. Ова треба да биде база за една успешна пролетна полусезона, која треба да започне во текот на месецов иако се уште немаме прецизна информација за датумот на одигрување на првиот натпревар во оваа 2022 година. Во меѓувреме момците продолжуваат со тренинзи и активен одмор се до официјалниот старт.

Светот како поле за спортски натпревар

Денес (04.02.2022) Македонија прославува 150 години од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев. Бутоп се приклучува во одбележувањето на овој ден со порака инспирирана токму од еден од најпознатите професори по француски јазик во историјата: „Нека светот биде поле за спортски натпревар меѓу народите“. Случајно или не, денес започнуваат 24-ите Зимски олимписки игри во Пекинг.