February, 2024

now browsing by month

 

Вангеловски прави камбек за Сезона 4

Бутоп вечерва со Вангеловски во составот ќе ја стартува новата сезона во Маалската лига. Нашиот стар ривал, тимот на Лукс кафе, ќе има тешка задача во одбраната да го сопре популарниот Штака, но од друга страна бутопци се некомплетни поради отсуствата на Курт, Велковски, Костовски и Каравидов. Натпреварот започнува во 20:00 часот.

Шест екипи во трка по пехарот

Маалската лига во претстојната Сезона 4 се враќа на системот со кој и почна во премиерното издание есента 2022. Тоа значи дека шест екипи ќе се борат за пехарот и титулата шампион на МЛ. Повторно како по некое непишано правило шампионот од претходната сезона нема да го брани тронот, па првите три освојувачи (Радишани, Љуботенски пат и Дрим тим) ќе добијат нов наследник од веќе познатите учесници во ова натпреварување: Алиенс, Бутоп, Лукс кафе, Ак. Ќерим, АММ-Тим и Албајрак Тенда.

Дерби на отварањето на новата сезона на МЛ

Денес се одржа ждрепката за Сезона 4 на Маалската лига, а среќата сакаше на отварањето да играме дерби против тимот на Лукс кафе. Токму нашиот натпревар ќе биде прв на програмата в четврток и почнува во 20:00 часот.

Сезона 4 почнува в четврток

Четвртата сезона на Маалската лига треба да започне овој четврток (29.02.2024). Оваа вест денес беше објавена и на официјалната фејсбук страница на ова натпреварување. Тоа значи дека имаме уште само три дена да се екипираме за новиот предизвик. Деновиве очекувајте повеќе информации за тоа како ќе изгледа Маалската лига, но и тимот на Бутоп во претстојната Сезона 4.

Уште еден тесен пораз за бутопци

Нашите момци забележаа нов пораз во вчерашниот натпревар со Ак. Ќерим кој заврши 9-12. Бутоп имаше лош старт на средбата па негативата се искачи до минус шест (2-8), но подоцна успеа да се врати на само гол разлика (8-9). Сепак, нашиот противник го издржа налетот на момците во сино и дојде до заслужена победа. Бутоп настапи во доста изменет состав со три засилувања: Бесим, Раим и Фатмир Зука, а од стандардните играа Курт, Димитровски и Амар Вукељ.

Вечерва тест против Ак. Ќерим

Бутопци вечерва (21:00) ќе се обидат да ја остварат првата победа во 2024 година во натпреварот против Ак. Ќерим. По двонеделната пауза и болниот пораз од Бутел (Илхан) ова ќе биде шанса за рехабилитација, но и воигрување пред новите борби во Маалската лига, за чиј почеток повеќе информации очекуваме овие денови.

Среќен роденден Каро

Денес својот 31 роденден го слави Кристијан Каравидов – Каро. Со Бутоп е од самиот почеток и е вистинска легенда на клубот. Досега запиша 306 настапи и во три наврати ја освојуваше златната копачка, во сезоните 2012/2013, 2020/2021 и 2021/2022. Му посакуваме се најубаво. Среќен роденден Каро!

Комплетирани подготовките, базата е поставена

Денес завршија дваесетдневните зимски базични подготовки на Бутоп. Нашите момци воглавно тренираа индивидуално, а одиграа и еден натпревар – оној минимален пораз од Бутел Илхан Р. Сега претстои период во кој ќе се обидеме да влеземе во натпреварувачки ритам со повеќе фудбал, но и да се подготвиме за новата сезона во Маалската лига чијшто почеток планираме да биде некаде на крајот на месецов.

Пролетниот дел отворен со пораз по неверојатен пресврт

Бутоп ја започна 2024 година и пролетната полусезона со минимален пораз (7-8) од Бутел Илхан Р. Нашите момци воспоставија контрола на играта и резултатот од самиот почеток и имаа водство (4-0). Ништо не се промени ни во продолжението и се чинеше дека победата е извесна, но не беше така. По неколку наши грешки во последните десетина минути противникот се врати во игра (6-5). Ние на пет минути пред крајот се вративме на плус 2 (7-5), но следеше тензичен финиш во кој не се снајдовме добро и откако Бутел Илхан за првпат дојдоа до егал (7-7), последниот наш напад беше пресечен за контра и победнички гол на црвените.

Незгоден противник за почеток на 2024

Бутоп вечерва во 21:00 часот (балон Албион, кај ОУ Пенко) ја отвара пролетната полусезона, а прв противник ќе ни биде тимот на Бутел Илхан Р. Оваа екипа е наш стар познаник, а првиот меѓусебен дуел е од далечната 2008 година кога на 12 јануари победивме 6-5 на теренчето кај Полицијата во Бутел. Во таа сезона одигравме 4 натпревари со позитивен скор за нас, 3-1 во победи. Следниот натпревар и повторно наша победа дојде во 2013 година. По неколку години пауза, патиштата повторно ни се вкрстија во сезоната 2020/2021 кога на четири средби нашиот вечерашен противник оствари исто толку победи и ја сврте традицијата во своја корист. На почетокот на наредната 2021/2022 сезона (29.08.2021) се одигра последниот натпревар во кој повторно момците на Илхан беа поуспешни со 10-5. Вкупно имаме 4 победи и 6 порази во 10 средби, а во серија сме од 5 порази, што значи многу незгоден противник за нас на почетокот на новата година.

За Бутоп вечерва ќе настапат Костовски, Курт, Велковски, Чаковски, Волчевски и Амар Вукељ.