October, 2019

now browsing by month

 

Задоцнетиот финиш недоволен ни за реми, Бакиов испиша историја

Бутоп вчеравечер (28.10.2019) загуби од Тамба-ламба со 8-7. Веројатно фер е да се каже дека не бевме надиграни, но противникот, особено на почетокот, ги искористи своите шанси и фактот што на нашиот гол принудно стоеше Костовски. На спротивната страна пак, Колев брилјираше и го спасуваше тимот на Тамба-ламба. По почетните 5-1 беше тешко да се вратиме во игра, но сепак делумно успеавме и во последните 3-4 минути имавме шанса дури и за израмнување. Како што најавивме, премината е границата од 2000 голови. Стрелец на јубилејниот погодок е играчот што вчера за првпат играше за Бутоп, Емир Бакиов, кој имаше среќа да се запише во историските книги на нашиот клуб. Емир игра во Третата МФЛ – Север, за тимот на Петровец. За Бутоп вчера настапија: Д. Костовски, Курт, Смиљковски, Велковски, Каравидов, Бакиов и М. Костовски.

Го чекаме 2000 погодок

Бутоп е во исчекување на 2000. постигнат погодок. Досега нашата гол-разлика изнесува 1998-1600, што значи дека вториот следен гол ќе биде јубилеен за нашиот клуб. Се надеваме дека тоа ќе се случи уште вечерва, кога од 20:00 часот (балон Партизан, Чаир) играме нов натпревар против тимот на Тамба-ламба. Тука ќе го додадеме и податокот за 1000. гол во нашата историја. Него го постигна Анел Курт на 29.11.2012 во победата над Седам јегера од 12-5.

Бутоп сепак е класа за Тамба-ламба

Нашите фудбалери на извонреден начин ја стартуваа новата сезона победувајќи го тимот на Тамба-ламба со 5-2. Одамна не сме го виделе Бутоп во „фул-состав“ како вчера (21.10.2019), па нашиот противник (иако сериозен) мораше да го положи оружјето. Одбраната на чело со Грмуш функционираше беспрекорно, а во нападот шансите искористени. Треба да се одбележи камбекот на Димитровски кој откако паузираше цела една сезона, се врати во синиот дрес по точно година и пет месеци, од она четвртфинале во Добри Дол (21.05.2018) и поразот од 6-8 од Гоце 2000. Синоќешниот натпревар се одигра во балонот Партизан, а за нас настапија играчите кои ги најавивме вчера.

Новата сезона ја почнуваме со старите асови

Бутоп вечерва (21.10.2019) ја започнува својата тринаесетта сезона. На задоволство на нашите поддржувачи за денешниот натпревар во составот по подолго време заедно ќе ги имаме: Кирил Ѓоргиев, Андреј Димитровски, Анел Курт, Кирил Смиљковски, Кристијан Каравидов, Дарко Костовски, Кристијан Велковски, а чекаме потврда од Јеткин Сезаир и Марио Вангеловски. За спектаклот да биде поголем на спротивната страна е тимот предводен од нашите членови Дарко Николиќ, Методиј Смиљковски и Костадин Колев. Средбата почнува во 20:00 часот во балонот Партизан во Чаир. Бидете таму!

Андреј: Само напред Бутоп!

Изминатиот продолжен викенд нашите фудбалери го искористија делумно за спортски активности, делумно за одмор и рекреација. Костовски му беше гостин на Димитровски во Софија, а ја искористи можноста и да трча на Софискиот маратон. Секако не можеше да се избегне темата Бутоп. Андреј веќе година и пол нема настап за нас… Да, да. Никако да се усогласиме. Ајде се надевам дека сезонава ќе успеам да настапам барем на неколку натпревари. Како и да е, секогаш ќе велам: Напред Бутоп! – коментираше Андреј. Инаку тој и сезонава успешно настапува за ЕПАМ Системс во ИТ-лигата: Ни оди одлично. Трети или четврти сме на табелата. Последната средба „тепавме“ 10-6. Тој истотака се осврна на игрите на Елмас за Македонија и Наполи: Убаво е да се гледа наше дете како игра на така високо ниво. Многу ми е драго за Елиф. Мислам дека Анчелоти прави грешка што не го става понапред во средниот ред, зад напаѓачите, но добро. Голем стручњак е, веројатно си има некоја замисла. – е еден дел од анализата на Андреј Димитровски.

И пази Елиф гази!

Елиф Елмас одигра маестрална партија и ја предводеше Македонија до победа од 2-1 на синоќешниот натпревар против Словенија во Скопје во рамките на евроквалификациите. Тој ги постигна двата гола во второто полувреме, а даде еден и во првиот дел, но тој беше поништен. Ова беше важна победа за нашите репрезентативци кои во повремениот играч на Бутоп добиваат супер оружје за идните предизвици. Елиф продолжи така!

Сеќавања: Бутоп и Капи-Куп

Месец октомври во минатите години беше асоцијација за турнирот во мал фудбал „Капи-куп“ во скопската населба Капиштец. Бутоп, секако, имаше свои моменти на овој турнир, на кој настапи четири пати (2010-2013). За да не се расфрламе со бесконечни приказни за успесите и неуспесите, ќе се осврнеме на вкупната статистика, а таа е позитивна. Групната фаза ја минувавме три пати, а не успеавме само во 2013-тата, на нашиот последен настап. Остваривме 12 победи, 1 нерешена и 8 порази со гол-разлика 53-46. Следи прегледот на сите резултати:

Капи-куп 2010:

Бутоп 2-1 Бате Комерц

Бутоп 1-0 Ореов лад

Бутоп 3-2 Влае Кру

Бутоп 2-2 Крикет

Бутоп 6-5 Жданец

1/8 финале: Бутоп 2-6 Топанско

Капи-куп 2011:

Бутоп 2-4 Атлас

Бутоп 3-0 Ганерс

Бутоп 1-0 Шато Сопот Центар

1/16 финале: Бутоп 8-4 Екипа 99

1/8 финале: Бутоп 6-3 Атлас

¼ финале: Бутоп 1-3 Макпримат Трнодол

Капи-куп 2012:

Бутоп 3-0 К-4 Горска

Бутоп 1-2 Бергамо

Бутоп 3-0 Струга

Бутоп 3-2 Д+Д

1/8 финале: Бутоп 0-2 Џордано

Капи-куп 2013:

Бутоп 1-3 Црвени ѓаволи

Бутоп 1-2 Џоте Бамбус

Бутоп 3-2 Јегермајстер

Бутоп 1-3 Аква Вардар коп

Листата на стрелци на нашиот тим на Капи-куп ја предводи Костовски со 15 гола, а го следат Сезаир со 8, Курт со 7, Каравидов со 6, Димитровски и Фекиќ со по 5, Смиљковски со 4 гола, а по еден гол дадоа М. Смиљковски, Велковски и Иван (од Бутел 2).

За жал, овој скопски турнир веќе неколку години не се одржува. Ние дојдовме до некои неофицијални најави дека од наредната, 2020 година, Капи-куп се враќа на распоредот. Бутоп се надева дека сето тоа ќе се обвистини и уште сега го најавуваме нашето присуство.

На денешен ден освоена Железара

4 октомври 2008 година е датумот кога ја освоивме нашата единствена титула засега. Во тоа за нас историско сончево попладне во скопска Железара бевме подобри од тимот на Турци ЈБТ со конечни 6-3 во финалниот натпревар. На тој турнир за Бутоп настапуваа: Петар Лазароски, Андреј Димитровски, Дарко Костовски, Харис Фекиќ, Анел Курт, Јеткин Сезаир и Кристијан Каравидов.

Костовски со роденденска порака: Да го вратиме сјајот на Бутоп!

Најпрво да се заблагодарам за честитките од соиграчите, но и од пријателите на нашиот клуб. Мислам дека е време да го вратиме стариот сјај на Бутоп, оној по кој не препознаваа во сите краеви на Скопје. Деновиве разговарам со претставници на неколку сериозни екипи кои сакаат да договориме редовен термин, а секако и во нашите редови забележувам глад за нови борби и победи. Очекувам успешна и среќна тринаесетта сезона на Бутоп.