February, 2019

now browsing by month

 

Без одбрана не може да се победи

Екипа Чаир забележа победа со речиси ракометни 18-15 против Бутоп на вчерашниот натпревар во салата на Зеф Љуш. Ние едноставно не ни можевме да се надеваме на ништо повеќе затоа што одбрана практично не постоеше за нашиот тим. А така не може да се победи. По почетните 5-1 за Чаир, некако се вративме, па дури и израмнивме, 8-8. Сепак не можевме да го издржиме тој ритам и чаирчани тотално ја разбија нашата игра до крајот. Настапија седумте играчи кои ги најавивме вчера. Им се извинуваме на Колев и Валчанов кои мораа да го гледаат Бутоп во вакво издание.

Составот за вечер (24.02.2019)

На списокот за вечерашниот натпревар против Екипа Чаир (20:00 часот, сала на Зеф Љуш Марку) има 9 играчи, но најавите се дека Колев и Валчанов ќе одмараат:

(1) Костадин Колев (г) – резерва

(12) Кирил Ѓоргиев – Грмуш (г)

(4) Дарко Костовски

(6) Кристијан Велковски

(8) Анел Курт

(9) Дарко Николиќ

(10) Јеткин Сезаир

(70) Марио Вангеловски

(73) Ристе Валчанов – резерва

Анел го предводеше пресвртот за победа

Бутоп вчера (17.02.2019) дојде до победа од 10-9 над Екипа Чаир во тесен натпревар со многу пресврти. И двата тима имаа свои моменти и ја менуваа предноста во неколку наврати. Сепак, последниот пресврт беше во режија на Анел. При негатива од 8-6 на околу пет-шест минути до крајот, на сцена стапи левоногиот бомбардер и ги постигна клучните голови во серијата од 4-0. На чаирчани не им остана многу време за одговор. Треба да го одбележиме и камбекот на Јеткин кој се претстави во супер издание и беше меѓу подобрите на теренот. И останатите играчи на Бутоп (истите што ги најавивме вчера) одиграа на ниво и според договореното. Натпреварот се одигра во салата на Зеф Љуш Марку од 20:00 часот.

Вечер се враќа и Јеткин

Продолжува камбек трендот во Бутоп. Изминатиов месец неколку наши играчи кои подолго време беа надвор од терените одлучија повторно да го облечат синиот дрес, а денес на задоволство на навивачите се враќа и Јеткин Сезаир. Тој последен пат настапи за нас на отворањето на минатата сезона кога на 15.09.2017 го славевме својот десетти роденден. Вечерва против Екипа Чаир ќе го одигра својот натпревар број 93 за Бутоп. Во списокот за оваа средба се: (12) Ѓоргиев, (4) Костовски, (6) Велковски, (8) Курт, (10) Сезаир, (11) Каравидов и (73) Валчанов.

Каравидов: Најдобрите денови ги поминав во Металург

Две се причините што не натераа на овој разговор со Кристијан Каравидов. Едната е неговиот роденден, кој го прослави завчера. Другата е што пред две недели, на 3 март, во победата над Екипа Чаир од 9-4, Каро го одигра својот 250 натпревар во дресот на Бутоп, со што стана само третиот фудбалер по Костовски и Смиљковски со вакво постигнување. Ова е интервју со кое на јавноста ќе се обидеме да и го прикажеме фудбалскиот пат на Каравидов.

Кога почна да играш фудбал? Кои ти се најраните сеќавања?

Па… навистина не знам. А што е битно! Знаеш порано како беше, сите игравме фудбал од најмала возраст, по цел ден на улица…

Добро, а со голем фудбал каде почна… и кога?

Првите тренинзи ги направив во Слога, во Чаир. Имав десетина години. По недела две, ме префрлија во Бутел затоа што тогаш имаа некаква соработка, па таа полусезона ја поминав под палката на Рањо во Бутел.

Потоа ако не се лажам, следеа „големите“, Вардар и Работнички, така?

Да, да! Поминав две години во Вардар. Таму тренер ми беше Грошев. Се сеќавам дека еден период се приклучија и браќата Смиљковски (Кире и Мето), но не се погодивме во иста група. Затоа пак со мене тогаш тренираше Мумин па имаше добра дружба…

Инаку, Мумин е брат на Муслим Елмас, менаџер на неколку бутопци, кој во тоа време заедно со малиот Елиф, сегашен член на Фенербахче, ги следеа тренинзите и напредокот на Каро и Мумин на терените во градскиот парк.

… Потоа поминав една полусезона во Работнички. Некако го фатив растот на овој клуб, имаше наплив на деца, преголеми групи, а малку тренери. Морам да го издвојам Гоце Петровски кој беше одличен тренер. Честопати со другите деца пред тренинзите се зафркававме со Ване (Вандаир) и другите Бразилци…

Ајде сега кажи ни за Металург. Таму беше најдолго…

Најдолго, а воедно тоа беа најдобрите денови во мојата кариера. Таму поминав пионери, кадети, младинци… вкупно четири и пол години. Стекнав многу другари, познанства, учев од многу тренери.

Кој од тренерите ти остави најдобар впечаток?

Чунга Лунга! Имаше навистина одличен однос со сите и мислам дека многу разбира фудбал. Беше задоволство да се работи со него.

Со кои други тренери соработуваше таму?

Па имаше многу легенди, како на пример Бимбо од Автокоманда. Уште бев кадет, а Бимбо неколкупати ме зема да тренирам со младинците… Изгледа виде нешто во мене, ама ете… Ќе ги споменам и Пикси, Цобе, Горан, Томе Гробарот, Слонче…

А тоа беа години кога и сениорскиот тим на Металург беше конкурентен… Се сеќаваш можеби на некои нивни натпревари? Кои играчи беа тогаш во клубот?

Металург направи силна екипа. Дојдоа Миле Крстев, Баже беше таму (Илијоски), Мемеди, Љамчевски, златната резерва Тенекеџиев… Многу, многу силен тим. Имавме кого да гледаме и од кого да учиме.

Кажи ни за твојот премин од младински во сениорски фудбал.

Последната полусезона како младинец ја поминав во Вардар. Ги одработев зимските подготовки 2011 година, одиграв една или две пријателски. Не успеав да се наметнам во тимот и полека престанав да одам на тренинзи. Потоа паузирав од фудбалот една сезона. За сениорскиот дел, веќе знаеш…

Знам затоа што од сезоната 2012/2013 шест сезони бевме соиграчи во ФК Смиљковци. Технички и сега сме, зашто Каро и оваа година е регистриран кај нас, иако не доаѓа на натпреварите. Алибито му е дека е оневозможен поради работата во обложувалницата Моцарт, што е солидно алиби ќе признаам.

За крај, кратко за Бутоп. Прослави 250 натпревари. Коментар? Плус уште нешто да издвоиш од минатото?

Не знам што да ти кажам. Делата нека говорат сами за себе. Со клубов сум од самиот почеток, уште кога бевме познати како Балканските Бразилци. Поминавме многу, но отсекогаш најважна ми била дружбата, а настапите на турнирите се посебна приказна…

Што очекуваш во иднина од Бутоп?

Мислам дека ќе биде подобро. Само, треба повеќе работа и упорност. Гледам дека сме активни на трансфер пазарот, доаѓаат нови играчи, некои си одат, некои прават камбек. Сето тоа е добро и се случува во сите клубови.

Да не биде после да сме по пет резерви на секој термин?

Треба да играат само најспремните. Тој што не може… ќе се бара чаре. Некое место во администрација на пример. Играле не играле веќе имаме многу легенди… Еве Џоле супер си ги извршува техничките обврски.

Добро. Од транспарентноста си задоволен така? Веб-страницата работи добро…

Да, но, такви објави, текстови, професионалност, за маалски клуб?

Па нели Оскар Вајлд вели дека само несериозноста е сериозност…

Ама остави го сега него… Се плашам да не сме пресериозни. Треба да се вметне некоја журка, кафана, диско… Каравидов го приврши разговорот со „каровски муабет“, а јас ги запишав неговите предлози во тефтерот.

Среќен роденден Каро!!!

За некого денот на виното, за некого денот на вљубените, а за Бутоп е денот на Каро! На денешен ден, 14 февруари, пред 26 години во Скопје е роден Кристијан Каравидов – Каро. Човекот со 250 настапи и статус легенда на клубот, контроверзен, но и многупати оспоруван и натаму знае да ја крене публиката на нозе со своите потези. Му посакуваме се најдобро.

Среќен роденден Каро!!!

Продолжуваме во стилот топло-ладно, вчера смрзнавме на ─5

Бутоп никако да врзе две победи. Вчера повторно загубивме од Екипа Чаир, овојпат со конечни 17-12. Не успеавме да ја повториме играта од минатата недела кога доминиравме на теренот, а тоа се покажа и на резултатот, па од тогашните +5 си се префрливме на ─5. Противникот поведе со застрашувачки 5-0 по што ни беше тешко да се вратиме во игра. Сепак, не се откажавме и дури дојдовме до еден разлика (10-9), но немавме сили за целосен резултатски пресврт. За нас настапија играчите кои ги најавивме во вчерашната објава.

 

 

Составот за вечер (10.02.2019)

Ова е составот со кој Бутоп вечерва ќе се спротивстави на Екипа Чаир. Терминот е вообичаениот, 20:00 часот, сала на СУГС Зеф Љуш Марку:

(12) Кирил Ѓоргиев – Грмуш (г)

(4) Дарко Костовски

(8) Анел Курт

(10) Кристијан Велковски

(15) Стефан Милошевиќ и

(73) Ристе Валчанов

Среќен роденден Пинки!!!

Денес (08 февруари) својот роденден го прославува Филип Пејков. Роден во Шведска, а израснат во скопско Топанско поле, популарниот Пинки неколку сезони беше прва опција на Бутоп на голманската позиција. Со него не врзуваат многу успешни настапи на низа турнири. Досега собра 64 настапи за нашиот тим. Му посакуваме се најдобро на приватен и на професионален план.

Среќен роденден Пинки!!!

Подготовките почнаа на снег, завршија со дожд

Попладнево (06.02.2019) беа спуштени завесите на базичните зимски подготовки на Бутоп за пролетниот дел од сезоната. Ова беа можеби најуспешните, а сигурно најпопуларни подготовки на нашиот клуб. Траеја вкупно 18 дена, стартувавме на снежниот 20 јануари, па се до денес. Освен вообичаените тактичко-технички и кондициски сегменти, се работеше и на тим-билдинг, а трансфер периодот го одбележавме со потписот на Костадин Димовски. Одигравме и пет натпревари со скор од две победи, едно реми и два порази. Бидејќи веќе фативме натпреварувачки ритам очекуваме се подобри резултати и изданија во наредниот период. За нашите фудбалери следуваат два дена одмор по што ќе продолжат со редовните обврски.