October, 2016

now browsing by month

 

На денешен ден… (29 октомври)

Денешниов ден (29 октомври) не ни донел среќа во досегашните (две) средби што сме ги одиграле низ годините.

Првпат на денешен ден сме играле во 2010-тата година на Капи-куп во рамките на осминафиналето. Подобри од нас беа фудбалерите на Топанско со 6-2. Таа вечер во првата постава на Бутоп настапија: Пејков, Курт (1), Б. Фекиќ, Костовски, Смиљковски и Сезаир, а во игра влегоа и Х. Фекиќ, Колашинац и Димитровски (1). Топанско подоцна и го освоија турнирот победувајќи ги Саламандери со 4-3 во финалето.

Наредната, 2011-та година, на 29 октомври претрпевме пораз од Чаир (Насер) со 7-10. Натпреварот се одигра на поранешното теренче до ПС Бутел, започна во 16:оо часот, а за нас настапија: Даре Николиќ, Х. Фекиќ, Димитровски, М. Смиљковски, К. Смиљковски и Каравидов како стартери. Играше и Колашинац.

 

На денешен ден… (20 октомври)

Екипата на Бутоп на денешен ден (20 октомври) има одиграно два натпревари. И двата беа одиграни на Капи-куп во групната фаза, на теренот за мал фудбал во Капиштец (Лојал Фанс Арена).

Во 2010-тата наш противник беше фаворизираниот тим на Крикет, а конечниот резултат изнесуваше 2-2. На тој меч за нас настапија: Пејков, Курт, Б. Фекиќ, Сезаир, К. Смиљковски и Х. Фекиќ во стартната постава. А во игра влегоа и Димитровски (1) и Костовски (1). Пријавен и на клупата тој ден се наоѓаше и Колашинац, но не настапи.

Во 2012-тата на денешен ден бевме поуспешни од Д+Д, конечни 3-2. Таа вечер за Бутоп настапија: Колев, Курт, Димитровски, Костовски (1), Смиљковски и Каравидов (2). Тоа беше натпревар од последното коло во групната фаза и со тој резултат си го обезбедивме првото место во групата G.

kapi-2

Тимското „фото“ од турнирот Скопје 2016

Во недостиг на реална фотографија, овој колаж треба да послужи како соодветна замена која ќе ги прикаже сите оние коишто настапија за Бутоп на турнирот Аеродром Скопје 2016 во СЦ Ново Лисиче. Списокот изгледа вака:

%d0%b1%d1%83%d1%82%d0%be%d0%bf-%d1%82%d1%83%d1%80%d0%bd%d0%b8%d1%80-%d0%b0%d0%b5%d1%80-%d1%81%d0%ba%d0%be

1. Костадин Колев

2. Андреј Димитровски

3. Методиј Смиљковски

4. Дарко Костовски

5. Харис Фекиќ

6. Кристијан Велковски

7. Кирил Смиљковски

8. Анел Курт

10. Јеткин Сезаир

11. Кристијан Каравидов

12. Горјан Василев

70. Марио Вангеловски

Роденденските порази на Костовски

Изминатава недела Дарко Костовски го прослави својот 24-ти роденден присетувајќи се на натпреварите кои Бутоп ги има одиграно токму на датумот на неговото раѓање, 02 октомври. А тоа се случило два пати. Првиот пат во 2011-та на Капи-куп бевме поразени од Атлас со 4-2 во фазата по групи (подоцна ги елиминиравме во нокаут фазата), а вториот натпревар беше лани (2015) кога загубивме од Мојсовски-Џезо со 14-9. И покрај тоа што крајот на септември и почетокот на октомври е период што, статистички гледано, му одговара на нашиот тим, ете барем засега на 02 октомври Бутоп се нема израдувано на победа.

startot

Титулата си е титула, се брои…

Поминаа осум години од освојувањето на нашата единствена титула засега. На 4-ти октомври 2008. го одигравме финалето на турнирот во Железара и бевме подобри од тимот на Турци ЈБТ со конечен резултат 6-3. Во тоа финале и воопшто на тој турнир за Бутоп настапуваа:

1. Петар Лазароски

2. Андреј Димитровски

4. Дарко Костовски

5. Харис Фекиќ

8. Анел Курт

10. Јеткин Сезаир и

11. Кристијан Каравидов.

финалето

 

 

Освен Перо, кој се повлече од активното играње фудбал, сите останати се се уште активни и беа дел од нашиот тим на турнирот „Аеродром Скопје 2016“, што доволно говори за континуитетот во нашиот клуб. Фотографијата што ја гледате е од пред самиот почеток на финалниот натпревар на овој турнир, кој започна во 15:00 часот, а се играше на теренот за мал фудбал на ОУ Григор Прличев.

Пет години подоцна… (терен Живко Брајковски)

dscn6143Она што го гледате низ оваа кратка фото сторија е моменталната состојба на теренчето за ракомет/мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски. За ниту еден бутелчанец нема потреба да се објаснува, опишува, расправа, кажува за значењето на ова место. Ако барем се обидам да ги доловам воздишките на повозрасните фудбалски вљубеници од нашата населба кога зборуваат за ова игралиште, тоа би изгледало отприлика вака: „Ех, да знае да зборува овој терен…“ Се што ќе се каже понатаму е маалска митологија, приказни, моменти кога го засакувате фудбалот, стекнувате другарства, се тепате со тие од Петар Манџуков или од другиот клас… Фудбалската магија на ваквите места влегува во крвта и таму ви останува засекогаш.

dscn6144

И ние како генерација ( главно 1992) имаме еден куп спомени од теренот во „школски“. Добро упатените и оние кои прочитале за домашните терени на Бутоп знаат дека ова е местото каде што ја одигравме нашата прва официјална средба пред девет години. Затоа на некој начин „Живко Брајковски“ се уште го сметаме за наш матичен „стадион“, па и подготовките секогаш ги почнуваме тука. За жал, поновите генерации не можат да се пофалат со многу фудбал, ниту воопшто, време поминато на ова игралиште. А тоа е така од повеќе причини: нема голови (ќе стане збор и за тоа), можат да се исечат од искршените и паднати стакла од салата Антон Димитров, просторот е скратен, има трева… сликите нека зборуваат сами за себе. А и онака според новиот план тој простор е предвиден како паркинг!?

Како-така фудбал тука можеше да се игра до пред 5 години, кога беа исечени головите. Последниот натпревар на овој терен (со головите) се одигра на 25 септември 2011. Беше обичен маалски натпревар, мешани, 6 на 6. Се погоди голем дел од членовите на Бутоп да играат на таа средба. При 9-9 се играше златен гол, Даре Николиќ го постигна победничкиот погодок за својот тим, што подоцна се испостави дека беше и последниот гол на тој терен. Веќе утредента беше исечено едното голче (на јужната страна, накај амбулантата), а во наредните денови и другото. На втората фотографија се гледа делот од теренот на исечениот гол.

dscn6145

Ако пет години е премалку време за населба како Бутел 1 да нема отворено игралиште за мал фудбал, тогаш некој од надлежните веројатно би можел (би морал) за момент да помисли на стотиците деца што секој ден поминуваат од тука за на училиште (некои дури и пробуваат да одиграат фудбал, а срчите им служат веројатно како сталки или така нешто, за предизвикот да им биде уште поголем и да е поинтересно). А за тоа што искршените стакла од „Антон Димитров“ (фото 3) се надвиснати и при секој посилен ветер (или удар со топка) паѓаат, се чини дека на тие од „карши“ салата им е најмалку „гајле“.

Секој добронамерен предлог е добредојден.

dscn6141