January, 2016

now browsing by month

 

Роденденски честитки за Харис и Коки!!!

Денес е славенички ден за Бутоп затоа што двајца наши играчи ги прославуваат своите родендени. Тоа се Харис Фекиќ и Костадин Колев.

Харис е роден на 28 јануари 1993-та година во Скопје. Низ годините се изгради во еден од најголемите играчи на Бутоп и досега запиша фантастични 171 настап за нашиот тим.

haris haris

 

 

 

Коки е роден во 1995-та година, истотака во Скопје. Во последниве неколку сезони тој е најчестиот и прв избор за нашата голманска позиција. Досега Коки 57 пати настапи за Бутоп.

koki koki

 

 

 

Бутоп им посакува се најдобро и на двајцата, среќен роденден!!!

Победа за успешен старт на 2016-та!

Бутоп ја отвори новата година со победа на натпреварот против Мојсовски-Џезо. Конечниот резултат на средбата која се одигра изминатава недела во салата на Зеф Љуш Марку изнесува 5-4 за нашата екипа. Дамка на натпреварот остави повредата на еден од играчите на нашиот противник, заради која мечот мораше да заврши петнаесетина минути порано од предвиденото. Самиот натпревар беше доста брз, со отворена игра и многу шанси на двете страни. За одбележување е и камбекот на Костадин Колев на нашиот гол. За жал, тој се повреди уште истиот ден, но нешто подоцна, на друг термин. Првичните претпоставки се дека не се работи за посериозна повреда и Коки би требало да се врати во строј за неколку дена.

001

Составот за денешната средба

На половина час пред почетокот на натпреварот против Мојсовски-Џезо ви го презентираме составот во кој ќе истрча тимот на Бутоп. Ќе настапат следниве играчи:

1. Костадин Колев

2. Андреј Димитровски

4. Дарко Костовски

6. Кристијан Велковски

8. Анел Курт

11. Кристијан Каравидов и

70. Марио Вангеловски.

Поради поситна повреда и несакајќи дополнително да ризикува, Кире Смиљковски нема да настапи на денешниот дуел.

Утре пријателска со Мојсовски-Џезо

Бутоп својата прва пријателска средба во овие зимски подготовки ја закажа за утре, а противник ќе ни биде екипата на Мојсовски-Џезо. Натпреварот ќе започне во 16:00 часот и ќе се одигра во салата на Зеф Љуш Марку. Последниве два дена на тренинзите на Бутоп се работеше со порелаксирано темпо со цел играчите посвежи да го пречекаат првиот меч во новата година.

Еве како поминаа првите две недели од подготовките на Бутоп…

Денешниов е тринаесеттиот ден од зимските подготовки на Бутоп. Во продолжение прочитајте што работеа нашите првотимци во изминатиот период од неполни две недели.

Првите два дена (09 и 10 јануари) се играше сервис, а на тие тренинзи присуствуваа голем дел од играчите на Бутоп, пред се заради убавото време. Веќе во наредните два дена акцентот беше ставен на физичката подготовка. 13 јануари беше првиот слободен ден. „Набивањето километража“, но и некои вежби за подобрување на техниката беа на дневен ред во наредните пет дена пред вториот слободен ден на 19 јануари. Последниве два дена се работеше со засилено темпо за кревање на кондицијата. Инаку, голем дел од нашите играчи одиграа натпревари на термини во Бутел и Топанско, најчесто во мешани состави.

Во моментов управата на Бутоп бара противници за одигрување на некоја пријателска средба во наредните денови. Повеќе информации очекуваме во текот на утрешниот ден.

Среќен роденден Мето!!!

Денес, 16 јануари, нашиот фудбалер Методиј Смиљковски го прославува својот роденден. ФК Бутоп се приклучува во честитките кон Мето и му посакуваме се најдобро на приватен и професионален план во иднина.

Мето е производ на нашата школа и со Бутоп е уште од самите почетоци на клубот. Неодамна, на 16 октомври 2015 на натпревар против Мојсовски-Џезо, Мето го прослави својот јубилеен, 50-ти настап за нашиот тим. Се надеваме на уште многу негови настапи во синиот дрес.

Среќен роденден Мето!

meto 2

Утре почнуваат зимските подготовки 2016

Утре, на 09 јануари, започнуваат овогодинешните зимски подготовки на екипата на Бутоп. Ова е шеста година по ред што ја започнуваме со класични зимски, јануарски подготовки. Истотака, вреди да се напомене дека утрешниот ќе биде најраниот старт на еден ваков подготвителен период, а за ова најмногу придонесуваат совршените временски услови кои владеат деновиве во нашата земја.

Собирот за утре е закажан во 14:00 часот во дворот на Основното Училиште „Живко Брајковски“, а и утрешниот, но и неделниот тренинг започнуваат од 14:30.

Наредните денови ќе добиете подетални информации околу самиот тек на подготовките. Засега, само Димитровски го најави своето отсуство од почетните собири. Тој веројатно ќе се приклучи на работата на тимот в понеделник.

Осврт на есенската полусезона 2015/2016

Оваа сезона 2015/2016 е деветта во историјата на Бутоп, а изминатава есенска полусезона е втората најсиромашна според бројот на одиграни натпревари на нашиот тим по онаа воведната, во есента 2007-та година.
Вкупно одигравме 8 натпревари, со позитивен скор од 4 победи, 1 нерешена средба и 3 порази. Не учествувавме на ниту еден турнир, пред се заради онаа „преориентација“ за која веќе пишувавме на нашата официјална страна. Сепак, овој позитивен скор може да биде и утеха ако се потсетиме на пример на ланската есенска полуетапа, кога имавме негативен биланс од 5-3-10 и рекордна низа од 6 порази на почетокот на сезоната.
Краткиот преглед низ нашите настапи есенва открива дека 4 од натпреварите сме ги одиграле на теренот „Борис Сарафов“ во Бутел селото, а 4 во балонот кај ОУ Васил Главинов во Топанско поле. Во Бутел игравме со локални екипи: Радишани дечки, Радишани Скопје и Бутел село Гаго – (2-1-1), а во Топанско остваривме по две победи и порази против тимот на Мојсовски-Џезо.
Во оваа пригода не би издвојувал нечии индивидуални остварувања зашто и бројот на натпревари е премал за некоја поинтересна статистика, иако јубилеи никогаш не недостасуваат. Затоа ќе ги споменам сите 16 фудбалери (некои наши постојани членови, други само позајмени за натпревар или два) кои настапија за Бутоп во оваа полусезона. Притоа, еден куриозитет, дури 10 од нив во дел од мечевите се најдоа на голот: Елиф Елмас, Стефан Милошевиќ, Методиј Смиљковски, Андреј Димитровски, Кирил Смиљковски, Сашо Наумоски – Цамба, Кирил Ѓоргиев – Грмуш, Анел Курт, Филип Пејков – Пинки и Христијан Дончоски. Настапија уште и: Дарко Костовски, Кристијан Каравидов, Марио Вангеловски – Штака, Јеткин Сезаир, Кристијан Велковски и Дарко Николиќ.
И покрај тоа што не одигравме многу натпревари, нашата администрација имаше многу работа и зад себе остава период од кој можеме да бидеме задоволни. Тука пред се мислам на нашата презентација пред пошироката спортска јавност и прилогот во Спортмедиа, како и новиот, модерен знак на ФК Бутоп кој го добивме на крајот од октомври. Нашиот веб-сајт кој продолжува постепено да се развива е уште еден показател за успешната стратегија на Бутоп надвор од терените.
Во исчекување на повеќе информации за претстојните подготовки фудбалерите работат по индивидуалните програми добиени од клубот. Деталите следат во наредните денови.
Со почит,
Дарко К.

Среќна нова 2016 година!!!

Играчите и управата на ФК Бутоп им ја честитаат новата година на сите наши поддржувачи, фанови, членови и соработници. Ви посакуваме година исполнета со многу здравје и среќа и (како што гласи максимата на нашиот напаѓач Кристијан Каравидов) – „успеси на сите полиња“.

Среќна нова 2016!!!

2016