January, 2020

now browsing by month

 

Николиќ со „златен гол“ ја реши драмата

Синоќешниот натпревар (28.01.2020) со Екипа Чаир беше вистинска драма со среќен крај за нас. Дарко Николиќ беше стрелец на победничкиот гол (за конечни 13-12) на само четири секунди пред звукот на сирената. Вчера видовме еден неквалитетен натпревар со многу падови и грешки во играта на двете екипи, но сето тоа резултираше со неколку пресврти кои ја донесоа возбудливата завршница. Откако Чаир дојде до највисокото водство од (6-9) следеше наша серија и пресврт (10-9), за да поведеме и со два разлика (12-10). Сепак, тоа не беше се, па противникот се врати и израмни на 12-12 за драмата да биде комплетна.

За Бутоп настапија Костовски (на голот), Смиљковски, Валчанов, Шилегов, Каравидов и Николиќ во првиот тим, а во игра подоцна влезе и Енис. Ова е петта победа во серија за нас, што е една од најдобрите низи во нашата историја.

Среќен роденден Коки!

Костадин Колев е уште еден наш играч кој е славеник денес. Веќе легендарниот голман е роден на денешен ден во Скопје во 1996 година. Шест пати во серија од 2013 до 2018 беше наш голман на сезоната и досега собра 98 настапи, па со нетрпение го чекаме моментот кога ќе влезе во елитниот „клуб 100“ на ФК Бутоп. Му посакуваме се најдобро.

Среќен роденден Коки!

Среќен роденден Харис!

Денес (28.01) својот роденден го слави Харис Фекиќ, играч кој остави голема трага во нашиот тим. За Бутоп има 173 настапи, а веќе подолг период е во Германија каде го продолжи својот животен пат. Му посакуваме се најдобро и што поскоро да го видиме во Скопје на собир со старите соиграчи.

Среќен роденден Харис!

Пред точно една година од Бајка објавивме бомба!

На 25.01.2019 година во ресторанот Бајка во Бутел падна финалниот договор за преминот на Костадин Димовски од Санчовци во Бутоп. Промоцијата на популарниот Немогуче предизвика многу реакции низ Скопје, па Коки индиректно уште пред да ги одигра првите минути како наш член имаше огромно позитивно влијание на ситуацијата во клубот. Веднаш по неговиот потпис следеа понуди за одигрување натпревари од многу тимови, нашите играчи се вратија во ритам и се бореа за своето место во поставата. Целата таа атмосфера ја искористивме да го кренеме Бутоп од кризата која не зафати во втората половина од 2018 год. Се надеваме дека Димовски и во иднина ќе биде тој „фактор икс“ кој ќе знае да помогне кога треба, на и вон фудбалскиот терен.

 

Надмоќна игра и убедлива победа

Бутоп вечерва (21.01.2020) забележа убедлив триумф над Екипа Чаир со конечни 13-4. Покажавме надмоќ од самиот почеток и создадовме многу шанси кои нашите фудбалери знаеја да ги искористат. Практично целиот тим одигра на ниво и се доби впечаток дека денес пред Бутоп можеше да падне и многу посилен противник. Во составот по подолго време ги видовме Марио Вангеловски и Дарко Николиќ, стариот напаѓачки тандем. И двајцата покажаа дека имаат уште многу што да пружат на теренот. Пријатно изненади Колев кој настапи како играч, во поле. Курт и Велковски одиграа мудро и ефикасно во двата правци, Валчанов се подобар, Грмуш одбрани речиси се што се бранеше. Се на се, убава вечер за момците во сина комбинација.

Среќен роденден Мето!

Со мало задоцнување му го честитаме роденденот на Методиј Смиљковски. Мето пред два дена наполни 25 години, наш член е 13 години и има 64 настапи за Бутоп. Му посакуваме се најдобро.

Среќен роденден Мето!

Новата година ја отворивме со победа!

Ако денот по утрото се познава, тогаш Бутоп го чека успешна и плодна престапна година. Впрочем и единствениот трофеј го освоивме во престапната 2008 г. и секогаш сме биле во топ форма во годините со 366 денови. Вчера (14.01.2020) нашите фудбалери го имаа првиот собир на теренчето за мал фудбал во ОУ Живко Брајковски, на кој присуствуваа многу дечиња од најмладите категории на уличниот фудбал кои имаа можност да им се претстават на бутопци. Вечерта пак, од 21:00 часот, игравме против Екипа Чаир и победивме на овој прв наш натпревар годинава продолжувајќи ја победничката низа од крајот на есенскиот дел на сезонава. Натпреварот го отворивме лошо (0-2), но вративме со серија од шест погодоци (6-2), по што последните десетина минути ги одигравме „во лер“ за конечни 9-7. За Бутоп настапија: Курт (г), Костовски, Димовски, Велковски, Валчанов и Каравидов.

Првиот собир закажан за 14 јануари

Уште еднаш ја потврдуваме информацијата дека првиот собир во 2020 година ФК Бутоп ќе го има на 14 јануари (вторник), или ако сакате симболика, првиот ден од новата година по стариот календар. Тука секако мислиме на почетокот на зимските подготовки, кои веќе станаа наша традиција, а годинава ќе се одржат по јубилеен десетти пат. Местото е истотака вообичаено, старото теренче во дворот на ОУ Живко Брајковски во Бутел, во 14:30 часот. Тој ден планирана е двојна програма затоа што вечерта (21:00) треба да играме против Екипа Чаир. Планот за понатамошниот тек на тренинзите на јавноста ќе и биде презентиран истиот ден.

Осврт на есенската полусезона 2019-2020

Следува освртот на есенската полусезона од етапата 2019/2020, број тринаесет во постоењето на Бутоп.

Есенва одигравме 8 натпревари со одличен скор од 6 победи и 2 порази. Тоа е подобрување во однос на претходните две есенски полуетапи кои беа доста сиромашни, но и општо земено 2019-тата беше година на консолидација на клубот. Сезонава ја отворивме понеделнички, на 21.10.2019, во балонот Партизан во Чаир, со победа над Тамба-ламба (5-2), кои веќе следната недела на истото место ни вратија со победа од 8-7. Месец ноември донесе две средби за Бутоп и две идентични победи од 16-6, првата со Дарко ФФМ (на 14.11), а втората со Екипа Чаир (на 26.11). Во декември се здомивме во салата на Зеф Љуш Марку, каде со чаирчани одигравме уште 4 натпревари, од кои добивме три, а загубивме само еден.

На овие натпревари вкупно 15 играчи настапија во синиот дрес: Кирил Ѓоргиев Грмуш, Андреј Димитровски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Дарко Костовски, Кристијан Велковски, Кристијан Каравидов, Марко Костовски, Емир Бакиов, Ристе Валчанов, Енис Кеко, Дејан, Павле Шилегов, Димитар Колев и Костадин Колев.

За одбележување се јубилејниот 2000 гол за Бутоп, чијшто стрелец беше Бакиов, камбекот на Димитровски по пауза од речиси година и пол, потврдениот статус на редовни првотимци на Грмуш и на Валчанов од минатата сезона, пружената шанса за помладите играчи како Диме, Марко и Павле, како и одличниот голгетерски учинок на освежувањето во тимот – Енис. Продолжена е пријателската соработка со Екипа Чаир и Дарко ФФМ, со кои очекуваме натпревари и во вториот дел од сезоната.

Факт е дека нивото на одиграните средби не беше највисоко, што резултираше со мошне позитивен учинок, но во моментов токму тоа и му беше потребно на овој тим во реконструкција. За продолжението од сезоната преговараме со уште неколку потенцијални противници.

Зимските подготовки би требало да започнат на 14 јануари, но тој термин е се уште неофицијален. Повеќе детали за нивниот почеток и тек ќе добиете во наредниве денови. Затоа, следете ја нашата веб-страница.

Со почит,

Дарко К.

Среќна нова 2020!!!

Бутоп им посакува многу здравје, среќа, благосостојба и успеси во новата година на сите свои членови и поддржувачи! Среќна нова 2020!