June, 2017

now browsing by month

 

Среќен роденден Адем!!!

Денес, 30 јуни, својот роденден го прославува Адем Маровци. Тој изминативе години повремено настапуваше за Бутоп, особено во тешките моменти за нашата екипа, за што сме му благодарни. Особено важен придонес од Маровци е што токму низ објективот на неговата камера за прв пат беа снимени кадри од натпревар на Бутоп. Се надеваме дека и во иднина ќе продолжи нашата соработка.

Среќен роденден Адем!!!

Годишнина на сервис полињата

На денешен ден пред точно една година, на 28 јуни 2016, Бутоп ја изведе акцијата на цртање на сервис полињата во дворот на ОУ Живко Брајковски. Оваа наша инвестиција предизвика многу реакции кај дел од надлежните и кај управата на училиштето, па од нас беше дури побарано и да го избришеме полето. Ние секако одбивме такво нешто и оставивме времето да си покаже каков ќе биде ефектот. Фактот што ова едноставно сервис поле е единственото место што овозможува каква таква спортска активност за младите на отворено во целата населба (Бутел 1!!!) треба да не загрижува сите, а особено луѓето чијашто работа е да се погрижат да не биде така.

Во меѓувреме интересот за сервис се зголеми, па други помлади дечки нацртаа уште едно поле пред самиот влез на училиштето, што е за поздравување. Едноставно работите мора да ги преземеме во наши раце во случај кога властите спијат. Се надеваме дека во иднина ќе има и други вакви слични акции поттикнати и реализирани од граѓаните на Бутел.

Честит Рамазан Бајрам

Бутоп им го честита најголемиот муслимански празник Рамазан Бајрам на сите свои играчи, членови и симпатизери кои го прославуваат.

За многу години!

Велковски: Максимално посветен на Бутоп

Кристијан Велковски им е добро познат на сите симпатизери на Бутоп како еден од нашите клучни играчи во изминативе неколку години. Тој со своите игри и тоа како го заслужи своето место како првотимец, а се промовираше и во еден од носителите на нашиот тим. Со цел јавноста уште подобро да го запознае, му поставивме неколку прашања за неговите фудбалски почетоци:

  • Фудбал почнав да тренирам на 9 години во ФК Работнички. Бев одлично прифатен од играчите и тренерот Сашо Јанев. – започна Велковски.

Кажи ни нешто повеќе за тоа време. Се сеќаваш ли на твоето деби?

  • Да, секако! По краток период во клубот го одиграв својот прв натпревар. Тоа беше против екипата на Македонија ЃП која во тоа време важеше за една од екипите со најдобри младински категории во земјава. Започнав од клупа, на полувремето резултатот беше 0-0. На стартот од второто полувреме бев повикан од тренерот. Мојата цел беше да се докажам. Тоа и го сторив. Со својот прв гол и една асистенција нашата екипа поведе со 2-0, а на крајот и победи.

Ќе издвоиш ли некој тимски успех од тој период?

  • По завршувањето на мојата дебитантска сезона во Работнички бевме повикани на турнир во Кочани каде што го освоивме првото место. Слободно ќе кажам дека тоа беше една добра, перспективна генерација.

Подоцна фудбалскиот пат те одведе и во други клубови во младинска, но и сениорска конкуренција. Ако не грешам, твојот последен ангажман во сениори беше во тимот на Маџари. До каде си со големиот фудбал?

  • Моментално сум пензиониран од големиот фудбал, но максимално посветен на малиот, каде, како што е познато, настапувам за Бутоп.
  Фото: горе, од лево кон десно: Велковски, Вангеловски, Курт, Смиљковски
Долу, од лево кон десно: Колев, Димитровски, Костовски, Каравидов

Како ја оценуваш тековнава полусезона, па и целата сезона на Бутоп?

  • Факт е дека имаше пад во играта на нашиот тим, но полека се вративме/се враќаме во вистинската форма и сигурен сум дека ќе биде уште подобро.

Одреден период беше надвор од терените?

  • Да, уште во ноември се здобив со повреда на препоната и паузирав извесно време, но сега се враќам на терените и посакувам летово со Бутоп да бележиме само позитивни резултати и да се пријавиме и на некои турнири доколку за тоа се укаже можност.

Кристијан Велковски своето деби за Бутоп го имаше на 20.01.2011 на натпреварот со Радишани (победа 7-6) одигран во салата Иван Хаџи Николов, 19:00 часот. Веќе од наредната сезона 2011/2012 Кико стана редовен член на поставата на нашиот тим и полека го пронаоѓаше своето место. Досега собра 79 настапи за Бутоп. Интересно, ако се земат последните три сезони Кико е трет по бројот на настапи во синиот дрес (има 48) по Костовски (66) и Курт (49), а е пред легенди какви што се Каравидов (46), Смиљковски (45), Димитровски (44)… што доволно говори за се поголемиот удел и одговорноста што ја добива во играта.

Фото: од лево кон десно: Костовски, Курт, Вангеловски, Велковски, Колев

 

Среќен роденден Кико!!!

Денес (21.06) својот роденден го слави нашиот играч Кристијан Велковски. Кико со својот офанзивен начин на игра и поимање на фудбалот носи брзина и ефикасност во нашата игра. Досега 79 пати настапи за Бутоп.

Му посакуваме уште многу успеси понатаму и се најдобро на приватен и професионален план. Среќен роденден Кико!!!

Откажан турнирот во Влае

Турнирот што требаше да се одржи во Влае во текот на месецов и официјално е одложен. Бутоп беше еден од тимовите што го имаа најавено своето учество, а и екипирањето беше во завршна фаза, но сега нашите планови ќе претрпат мали измени. Во секој случај ќе целиме на што е можно поуспешен финиш на сезонава која е пред својот крај.

Мики: Луѓе, викајте!

Михаел Милошевиќ е еден од луѓето кои беа дел од Бутоп во неговите почетоци и кои помагаа во нашата транзиција кон повисоките нивоа на натпреварување и функционирање. Сепак, дека тој се уште е со Бутоп и дека стои на располагање покажува и неговата неодамнешна изјава откако слушна дека на одредени натпревари можно е да ни фалат играчи…

– „Луѓе, викајте…“ – беше неговиот краток коментар. Се надеваме дека во иднина Мики ќе може да додаде уште некој на досегашните 8 настапи за нашиот тим. Последен пат „триото“ (Смиљковски, Милошевиќ, Костовски) од фотографијата подолу играше заедно за Бутоп на 28 јануари 2012г. против Аристократ при победата од 9-5. Тоа воедно е и последниот настап на Милошевиќ за нашиот клуб засега.

Тимот играше и победи

Бутоп вчера (14.06.2017) забележа нова победа, овојпат против тимот на Бутел 2. Конечниот резултат на средбата е 10-9 иако тој не ја отсликува состојбата во поголемиот дел од натпреварот. По тврдиот старт првиот гол падна некаде околу петнаесеттата минута, Бутоп постојано ја градеше предноста за на десет минути пред крајот да води со 10-2. И потоа застанаа фудбалерите во сино. Малку фалеше да биде од готово вересија, но… се е добро кога добро ќе се заврши.

Тешко може да се издвои поединец од вчерашната средба затоа што тоа беше едно тимско издание во кое секој си го изврши својот дел од работата. За нашиот тим настапија Колев, Смиљковски, Костовски, Велковски, Каравидов и Вангеловски. Натпреварот се одигра во балонот кај ОУ Пенко со почеток во 20:00 часот.

Бутоп доби репрезентативец! Елиф дебитираше за Македонија!!!

Елиф Елмас завчера (11.06.2017) го имаше своето деби во дресот на македонската фудбалска репрезентација. Тој го одигра второто полувреме на натпреварот со Шпанија (Арена Филип Втори) кој го загубивме со 2-1. Сепак, со Елиф во тимот Македонија заигра многу подобро и го доби вториот дел со 1-0 откако на полувремето Шпанците водеа 2-0. Елиф ја поврза нашата игра во средината, се истакна со прецизните додавања и пробиви, а во неколку наврати им ја одзема топката на ѕвездите на шпанската репрезентација, меѓу кои и еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Андрес Иниеста.

Елиф Елмас досега настапи на 4 натпревари за Бутоп, а своето деби во нашиот тим го имаше на 12.07.2015 во победата над Радишани дечки од 3-0, на натпревар одигран на теренот „Борис Сарафов“ во с. Бутел, со почеток во 23:10 часот. А неполни две години подоцна, деби и за А-селекцијата на Македонија…

Ова е чест и за Бутоп, затоа, Елиф, ти благодариме и ти посакуваме многу успеси во иднина во дресот на Македонија и во клупската кариера!

Елиф е веќе во Полска со младата репрезентација каде целта секако се само победи. Момци, среќно!

Среќен роденден Анел!!!

На денешен ден, 10 јуни 1992 година, во Скопје е роден Анел Курт, една од легендите на нашиот тим. Анел досега запиша 219 настапи за Бутоп, а неговата улога во успесите и растот на овој клуб е од непроценлива вредност. Му посакуваме многу успеси на професионален и приватен план и нека испраќа и во иднина многу „проектили“ во противничките мрежи.

Среќен роденден Анел!!!