April, 2023

now browsing by month

 

Благодарница за Анел

На полувремето на завчерашниот натпревар против Немилосрдни Анел Курт доби благодарница од Маалската лига за помошта и поддршката која ја пружи во штотуку завршената втора сезона. Бутоп оваа пролет покажа поголема конкурентност, па и покрај тоа што завршивме шести, со две благодарници (тимската и оваа на Анел), а без пехар, јасно е дека формата е во нагорна линија и може да очекуваме повеќе во периодот кој следи.

Бутоп пресилен за Немилосрдни

Убедлива победа за Бутоп на синоќешниот натпревар со Немилосрдни. Конечни 13-4 за сината чета во средба со низок ритам кој го наметнавме уште од самиот почеток. Долго време се играше егал, а младите Немилосрдни се распаднаа дури во последните десетина минути кога бутопци ја набилдаа разликата. Натпреварот се одигра во балонот кај Зеф Љуш, а за нас настапија играчите кои ги најавивме вчера.

Назад во строј, Немилосрдни следен противник

Бутопци по двонеделна пауза и завршницата на Маалската лига, вечерва се враќаат во строј со натпреварот против стариот познаник Немилосрдни. Натпреварот ќе започне во 22:50 и ќе се игра во балонот кај СУГС Зеф Љуш Марку во Скопје Север. Во тимот најавени се Костовски (на гол), Курт, Велковски, Смиљковски и браќата Валчанови.

Индивидуална статистика од втората сезона на МЛ

Тринаесет играчи настапија за Бутоп во втората сезона на Маалската лига. Следи детален преглед на бројот на настапите и погодоците.

Заедничка одјава од Маалската лига

Маалската лига во мал фудбал во изминативе денови на својата официјална фејсбук страница ги објави извештаите, резултатите, статистиката и фото галериите од втората сезона која заврши пред повеќе од десет дена. По завршувањето на последниот натпревар и доделувањето на наградите следеше и една групна фотографија за крај, каде имаше претставници од неколку од екипите учеснички.

Честит Рамазан Бајрам

ФК Бутоп им го честита празникот Рамазан Бајрам на сите муслимани во Македонија. За многу години!

Љуботенски пат е новиот шампион

Екипата на Љуботенски пат е новиот шампион на Маалската лига. Тие минатиот четврток во последното коло во директната пресметка за врвот беа подобри од тимот на ФЦ Мајами со 6-2 и го освоија најважниот пехар во втората сезона. Нивниот противник го зазеде второто место во конечното рангирање, додека трети завршија фудбалерите на Лукс кафе. Како што веќе објавивме, Бутоп оваа сезона ја заврши на шестото место. Во прилог може да го видите конечниот изглед на табелата и составот на Љуботенски пат.

Честит Велигден: Христос воскресе!

ФК Бутоп на сите православни христијани во Македонија им го честита големиот празник Велигден. Христос воскресе!

Службени три за крај

Службени три бода за Бутоп освоени вчеравечер против Алиенс за крај на оваа пролетна, втора сезона во Маалската лига. Со овој резултат ја освојуваме шестата позиција во конечното рангирање помеѓу девет тима кои зедоа учество. Деновиве ќе можете да проследите подетални анализи на статистиката и се она што го прикажавме на овие десет натпревари. Сепак, некој генерален заклучок е дека резултатски не ја постигнавме поставената цел пред почетокот на натпреварувањето, а тоа беше влез во плејофот, кој ни избега во последната минута токму во првото наше соочување со Алиенс. Позитивно е тоа што имавме напредок во споредба со претходната сезона и со повеќе среќа и помалку повреди се надеваме на уште подобри резултати во иднина.

Денес се завршните битки во Маалската лига, Бутоп против Алиенс

Бутоп втората сезона на Маалската лига ќе ја затвори со натпревар против стариот познаник Алиенс. Вечерва од 19:40 нашата средба ја отвора програмата на последното десетто коло кое ќе биде одлучувачко во борбата за пехарите.