July, 2019

now browsing by month

 

Анел ја освои златната копачка за 2018/2019

Анел Курт за првпат ја освојува златната копачка на Бутоп. Изминатава сезона 2018/2019 е трета во која не учествувавме на ниту еден турнир, па турнирските голови се исклучени како критериум. Затоа во преден план во изборот беа други критериуми, како на пример клучните голови во натпреварите и бројот на настапи и голови. Анел сето тоа добро го вклопи и се закити со ова ласкаво признание.

Кратко потсетување на најдобрите стрелци на Бутоп во изминатите сезони:

2007/2008: Енис Пепиќ – *

2008/2009: Дарко Костовски – 11

2009/2010: Јеткин Сезаир – 9

2010/2011: Јеткин Сезаир – 16

2011/2012: Дарко Костовски – 18

2012/2013: Кристијан Каравидов и Филип Цветковски – 5

2013/2014: Дарко Костовски – 3

2014/2015: Кристијан Велковски – 5

2015/2016: Кирил Смиљковски – *

2016/2017: Марио Вангеловски – 5

2017/2018: Кристијан Велковски – 5

2018/2019: Анел Курт – *

 

Извештај: Сезона 2018-2019

Дојде моментот за традиционалниот преглед на статистиката за сезоната што измина, во случајов 2018-2019, дванаесетта во нашата историја.

Сезонава одигравме 18 натпревари, што е мало зголемување во однос на претходните две кога одигравме по 14. Скорот е позитивен: 9 победи, 1 нерешена и 8 порази. Гол разликата како и во првите 11 сезони е позитивна: 163-148. Просекот на голови по натпревар е во пораст трета сезона по ред: 17,27, од кои просечно сме постигнувале 9,05, а сме примале 8,22 голови по натпревар.

Игравме против само 3 екипи на 7 различни терени. Скорот со противниците ни е следниот: со Дарко ФФМ (3-0-1), со Екипа Чаир (5-0-7) и со Колгејт (1-1-0). Најмногу пати игравме во салата на Зеф Љуш Марку, 8 (3-0-5), во балонот Зеф Љуш Марку го остваривме следниот скор: 2-0-2, следат балон 11 Октомври (1-1-0), Жути Арена, балон Цветан Димов и балон Партизан по една победа и терен зад Мајчин дом, еден пораз.

Најубедливата победа со нереални 22-13 ја остваривме против Екипа Чаир на 18.11.2018, а најубедливиот пораз дојде од истиот противник на 27.01.2019 кога загубивме 12-5.

Прво што би требало да издвоиме од сезоната што измина е новото ривалство со Екипа Чаир кое донесе  две третини (12) од сите натпревари на Бутоп и кое придонесе во месеците јануари, февруари и март да одиграме по четири средби, што потсети на сезоните во кои сме знаеле да одиграме и преку 30, 40 натпревари. Истотака продолжи успешната соработка со тимот на Дарко ФФМ против кој игравме четири пати. Двете преостанати средби ни беа со тимот на Колгејт.

Ова беше трета сезона во која не учествувавме на ниту еден турнир, по оние 2007/2008 и 2015/2016. За првпат ниту еден настап не запиша легендата на нашиот клуб Андреј Димитровски. Иако беше дел од неколку тренинзи не успеавме да ги склопиме коцките и да закажеме некој термин во интервалите кога беше во Скопје. Затоа пак испративме екипа на неговата свадба за што известивме на оваа веб-страница која тој редовно ја сервисира од Софија. Традицијата на зимски подготовки беше ревносно сочувана и одбележана со соодветна фото-сесија. Октомври го одбележа пристигнувањето на РК Бутел во „Антон Димитров“. Потписот на Костадин Димовски (Коки Немогуче) беше момент кој го запали интернетот за време на зимскиот преоден рок. Елиф Елмас стана првиот играч кој настапил за Бутоп, а потоа и стрелал за А-селекцијата на Македонија на натпреварот против Летонија во рамките на квалификациите за еврото во 2020. Кристијан Каравидов ја раскажа својата фудбалска приказна во детално интервју за оваа страна. Костадин Колев по вторпат стана шампион на Македонија во футсал со својот Шкупи. Бутопци продолжија активно да го промовираат клубот на неколку маратони. Ристе Валчанов се наметна како најредовен од новајлиите во тимот и добиваше значајна минутажа. Грмуш имаше најмногу настапи на голманската позиција, преземајќи ја оваа улога од Колев кој долго време ја имаше таа привилегија. Јеткин на моменти фудбалски блесна, а со неколку фотки од светското во Русија ја збогати нашата фото-галерија.

Во делот на општествена одговорност и инфраструктура ќе споменеме дека салата „Антон Димитров“ беше комплетно реновирана, а новото теренче во дворот на „Живко Брајковски“ за првпат доби рефлектори. Овие настани беа поздравени од наша страна, да не биде дека само критикуваме. Стапивме во контакт со градоначалникот од кого побаравме термини за во Антон Димитров. Ни беше ветено дека тоа е можно, но некако работата не ја „истеравме“ до крај, нека биде тоа задача за наредната сезона.

Дури 29 играчи настапија за Бутоп изминатава сезона. Најмногу настапи (17) имаше Дарко Костовски. Следуваат Анел Курт, Каро, Грмуш и Колев со по 10, Валчанов со 9, Велковски со 7, Николиќ со 6, Стефан Милошевиќ, Штаката и Мето Смиљковски со по 5, Кире и Немогуче со по 4, Јеткин со 3, Здравко со 2, а по еднаш настапија Игор Тасевски, Кико Дончоски, Фаик Зекири, Николче, Даниел, Диме Спортлајф, Дарко Колевски, Фатјон Ибраими, Ридван Бектеши, Ријад, Девин Курт, Марко Костовски, Ристо и Цамба. Златната копачка за првпат ја освои Анел Курт, за ова ќе следи дополнителна објава.

Финансиската ситуација е стабилна. Втора година по ред трошоците изнесуваат минимални 7000 денари.

Повторно го срушивме бројот на објави на веб-страницата, вкупно 95 во сезоната 2018/2019. По месеци почнувајќи од јули 2018: 6, 1, 3, 8, 10, 8, 14, 14, 11, 6, 5, 9. Претходната имавме 93, пред таа 89, пред таа 73. Трендот продолжува, се надеваме и во наредната натпреварувачка сезона.

Во наредниот период ќе има состаноци на кои ќе стане збор за плановите за претстојната кампања 2019/2020. Во моментов фудбалерите на Бутоп се на заслужен одмор.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски