April, 2021

now browsing by month

 

Харис го чекори патот за враќање на фудбалскиот терен

Пред точно месец дена Харис Фекиќ го оперираше десното колено кое неколку години го одвојуваше од фудбалот. Операцијата на предните вкрстени лигаменти беше извршена во Германија и за среќа беше успешна. Процесот на рехабилитација почна веќе утредента. Иако Фекиќ најави дека ќе се оперира уште во новогодишното интервју за нашата веб-страница, ги фати помалку неспремни бутопци со фото-поздравот на Вибер два дена по интервенцијата. Сите му посакавме побрзо опоравување и камбек во Бутоп. Со Харис поразговаравме и пред десетина дена кога се пофали дека постепено почнува со физикална терапија и дека се оди според планот: „Се чувствувам добро. Речиси и да немам болка. Деновиве почнувам со вежбите, очекувам за триесетина дена да застанам на нозе. Па здравје на есен ќе размислувам и за фудбал“. Во продолжение на разговорот ни сподели еден интересен момент кога го прашавме дали гледал Германија-Македонија: „ Па еве пред малку бев на стадионот во Дуизбург. Тука живеам, на 4-5 километри од стадионот. Да да, гледав! Момците одлично изиграа. Штета што не можеше да има публика, ќе бев таму. Сега само да не летнат во облаци и на Европско може да изненадиме.“ – заврши Фекиќ. На крај стана збор и за евентуално наше гостување во Германија за неколку пријателски натпревари кога ќе стивне ситуацијата со вирусот, Харис вети дека ќе склопи добар тим за да ни парира. Се надеваме дека овој амбициозен план може да се оствари.

Одложен натпреварот со судиите

Денес (08.04.2021) Бутоп не го одигра натпреварот против тимот на Дарко ФФМ. Временските услови, како и новите заострени мерки се главната причина за одложувањето. Нова средба со популарните „судии“ очекуваме наредната недела ако дозволат условите.

На судиите не им беше до шега

Во четвртокот на први април, на судиите на Дарко Видиниќ воопшто не им влијаеше меѓународниот ден на шегата за сериозно да пристапат во натпреварот против Бутоп, а на крај и да не победат со конечни 5-3. Натпреварот беше одлучен во првите дваесетина минути кога нашите фудбалери помалку ноншалантно дозволија противникот резултатски да се одлепи (4-1). По ова, следеше наша контрола врз играта и доминација во поле, дури создадовме и повеќе шанси, но дисциплинираноста на Дарко ФФМ и нашата лоша завршница не дозволија да направиме пресврт. И покрај тоа што не разочаравме со играта, победата на судиите е заслужена. Натпреварот се одигра на теренот кај ОУ 11 Октомври во населба Пролет со почеток во 18:00 часот. За нас настапија: Реџеп, Валчанов, Курт, Велковски, Каравидов и Антиќ. Својата поддршка од клупата ја дадоа Костовски и Вангеловски кои се вон стројот поради повреди, како и Адем Маровци.

Попладнево против Дарко ФФМ во Пролет

По пауза од една недела Бутоп денес (01.04.2021) се враќа во натпреварувачки ритам. Противникот е истиот, но сменет е терминот и местото. Натпреварот ќе започне во 18:00 часот и ќе се игра на теренот кај ОУ 11 Октомври во скопската населба Пролет. И за денес имаше доста откажувања во нашиот состав поради проблематичната ситуација со пандемијата, но тимот изгледа сосема солидно: Реџеп (24), Валчанов (5), Курт (8), Велковски (9), Каравидов (11) и Антиќ (25).

Елиф и донесе победа на Македонија над Германија

Не е првоаприлска шега: Македонија го победи четирикратниот светски фудбалски шампион Германија на гости (Дуизбург) во натпревар од квалификациите за светското првенство во Катар догодина. Конечниот резултат гласи 2-1, а победничкиот гол на пет минути пред истекот на регуларното време го постигна Елиф Елмас! Последниот мартовски ден од оваа 2021 година ќе остане запаметен по мајсторското издание на Пандев, Адеми, Барди и сите останати кои се дел од македонската репрезентација. Нормално, нам ни е особено драго што Елиф веќе подолго време е неизоставен дел од оваа успешна приказна и што во најдобро светло го претставува бутелскиот фудбал пред светската јавност.