September, 2022

now browsing by month

 

Уште еден тежок пораз на јубилејот

Бутоп забележа уште еден тежок пораз во рамките на второто коло на Маалската лига, и тоа на својот јубилеен 400 натпревар. Вчеравечер (29.09.2022) Алиенс беа поуспешни со конечни 10-3. Интересно е што резултатот на полувремето беше 6-1, идентично како во првото коло против Лукс кафе, а тогаш на крај беше 11-3. Бутопци вчера поведоа на почетокот, но потоа со два гола од корнер дозволија противникот да го сврти натпреварот и враќање немаше. За нас настапија Колев, Курт, Смиљковски, Велковски, Костовски и Вангеловски во стартниот состав, а подоцна влезе и Каравидов.

Утре го играме 400 натпревар

Бутоп утре ќе го одигра 400-иот натпревар во својата историја. Наш противник ќе биде тимот на Алиенс, а оваа средба ќе го заокружи второто коло во Маалската лига. Почетокот е закажан за во 21:10.

Нов распоред во Маалската лига

Денес беше објавен новиот распоред за наредните четири кола во Маалската лига. Бутоп во второто коло кое се игра овој четврток (29.09.2022) ќе ги брка првите бодови во натпреварот со Алиенс. Средбата започнува во 21:10.

Убедлив пораз за Бутоп на стартот

Бутоп забележа убедлив пораз на стартот на Маалската лига откако вчера (22.09.2022) беше разбиен од Лукс кафе со конечни 11-3. Двете екипи кои се на некој начин основачи на оваа лига одиграа нерамноправен натпревар во кој домаќинот доминираше од почеток до крај, а на полувремето имаше убедливи 6-1. Бутопци својата шанса за први бодови ќе ја бараат во наредното коло.

Во првото коло ќе се браниме со два голмани

Бутоп вечерва во 20:20 часот во балонот кај ООУ „Рајко Жинзифов“ ќе го има својот премиерен настап во Маалската лига против тимот на Лукс кафе. За Бутоп вечерва се најавени: Колев (1), Костовски (4), Смиљковски (7), Курт (8), Каравидов (11), Грмуш (12) и Вангеловски (40). Она што привлекува најмногу внимание е фактот дека двајца голмани се пријавени за настап. Според најавите, Грмуш ќе биде на голот, а Коки ќе се воигрува и ќе настапи во поле како играч.

Комплетен распоред за првиот дел

Утре започнува првото издание на Маалската лига, а во првото коло Бутоп ќе игра против тимот на Лукс кафе. Од второто до петтото коло силите ќе ги одмериме со тимовите на Алиенс, Радишани, Белиот мачор и ЗОО Арт. Натпреварите се играат секој четврток. Вака изгледа комплетниот распоред:

Одржана ждрепката за Маалската лига

Вечерва во балонот кај Рајко Жинзифов беше одржана ждрепката за натпреварите во Маалската лига и шесте тима учесници го дознаа распоредот за воведните пет кола. Бутоп, кој се јавува како иницијатор, но и учесник во ова ново аматерско натпреварување во првото коло (четврток, 22.09.2022) игра во ударниот термин од 20:20 против Лукс кафе, искусниот тим на Фатмир Зука. Во останатите две средби ги имаме и локалното дерби Белиот мачор – Алиенс и Радишани – ЗОО Арт.

All-focus

Гостилница Кај Џек го освои Љубанци

Тимот на Гостилница Кај Џек е освојувач на турнирот во Љубанци кој заврши синоќа откако во финалето беа поуспешни од Манто 2013. Тие освен што се впишаа во историјата на еден од најстарите турнири во мал фудбал во Скопје, ја собраа и наградата за првопласираниот тим од 200 000 денари. Во битката за третото место Гранд Слот Казино го победи тимот на ММ Ител. Годинава Бутоп имаше своевиден камбек на овој турнир по пауза од осум години и настапи како Аква Вардар коп Бутоп, а краен дострел беше групната фаза со скор од една победа и четири порази.

Завршни подготовки за новата фудбалска лига

Во моментов се одвиваат завршните подготовки за почеток на Маалската лига во мал фудбал која треба да започне овој четврток (22 септември). Форматот на натпреварувањето предвидува десет кола во кои шест екипи ќе играат во двокружен систем, секој со секого по два пати, а конечниот збир на бодови по одигрувањето на последното коло некаде кон крајот на ноември ќе го даде шампионот. Досега пријавени се пет екипи. Откако ќе се дознае и последниот учесник, имињата на тимовите ќе бидат објавени, а потоа следи и ждрепката. Балонот кај ООУ Рајко Жинзифов во Топанско поле ќе биде местото каде ќе се играат натпреварите и таму веќе неколку дена трае реконструкцијата на дел од кровот и просторот околу теренот.

15 години Бутоп

Денес Бутоп одбележува петнаесет години од своето формирање. 15 септември 2007 година беше денот кога започна оваа успешна приказна на клубот кој се обидува да биде на браникот на суштинските вредности на фудбалот и да промовира чесност, витештво и љубов кон убавата игра. Бутоп ги спои наративите на момците од Бутел 1 и Топанско поле кои беа дел од тој прв натпревар во тоа септемвриско попладне, а ова се гледа и во самото име на тимот. Низ сите овие години беа постигнати многу значајни резултати на теренот, но и надвор од него. Неблагодарно и тешко е сега да се издвои нешто од безбројните дружби, турнири и патувања, па само ќе се задржиме на статистичкиот податок дека до денес сме одиграле 398 натпревари, што значи блиску сме и до уште еден јубилеј. Како по обичај, Бутоп продолжува со своите заложби да ги зближува маалските екипи и да става акцент на уличните фудбалски мајстори и оттаму идејата за Лигата која ја промовиравме вчера, а за која ќе читате наредниов период. Сега останува само да си посакаме уште многу успеси и победи и во иднина. Среќен роденден Бутоп!

All-focus