September, 2020

now browsing by month

 

Дебакл во Табак

Екипата на Бутел (Илхан Р) буквално го разнесе Бутоп на синоќешниот натпревар кој заврши 9-3. Тоа е еден од најболните порази кои сме ги доживеале. Почетокот не навестуваше такво нешто. Првите петнаесетина минути имаше рамноправна игра без голови на двете страни. Сепак, откако противникот го постигна голот за 1-0, а во следните десет минути зголеми до 5-0, стана јасно каков ќе биде исходот. Нашиот тим се распадна во вториот дел од средбата, па само се чекаше конечниот резултат. Ви пренесуваме дел од изјавите на фрустрираните бутопци: „Не сфаќам како некој по толку години не научува основни работи за фудбалот.“ – Кире. Се надоврза Каро: „Секој треба да се види себе пред да коментира за други“. Енис: „Не ни очекувајте ништо подобро со вакви играчи. Не можам се сам да направам. Ова е катастрофа. Никогаш во животот не сум изгубил вака“! Анел се обиде да ја спушти топката колку-толку со следната изјава: „Ако. Ни требаат вакви натпревари. Мора да продолжиме со вакви термини“. Масло на огнот додаде противничкиот играч, Боби Фанатикот, кој малку провокативно порача: „Минатиот пат подобро се држевте…“ За Бутоп настапија играчите кои ги најавиве вчера, плус Јеткин Сезаир, кој влезе подоцна како резерва.

Пеколниот ритам продолжува

Згуснатиот распоред поради одложениот старт на сезоната и долгата пауза предизвикана од ковид-19 ни го носи третиот натпревар за Бутоп во седум дена, уште вечерва (29.09.2020). Противник повторно ќе ни биде тимот на Бутел Илхан Р. Средбата ќе се одигра во балонот на СУГС Цветан Димов (Табак) во Чаир со почеток во 22:00 часот. Во манир на екипите од големите европски натпреварувања, на час пред почетокот на натпреварот, ви го претставуваме денешниот состав:

Марио Антиќ (23) (г)

Кирил Смиљковски (7)

Анел Курт (8)

Кристијан Каравидов (11)

Енис Реџеп (24)

Ристе Валчанов (25)

Прво, па машко! Андреј стана татко

27 септември 2020 година ќе остане запаметен како денот во кој за првпат еден од нашите играчи-основачи стана родител. Андреј и Габриела Димитровски му се израдуваа на Матеј, прво, па машко! ФК Бутоп му честита на семејството Димитровски и им посакува Матеј да е жив и здрав, да расне и напредува! А, очигледно ни донесе бериќет. Уште истиот ден првата победа сезонава, денес стигна информацијата дека новите дресови се набавени, а уште вечерва продолжуваме со нов натпревар…

Ефикасниот напад доволен за победа

Вчера Бутоп ја забележа првата победа во новата сезона. Во интересен натпревар славевме 9-8 над Дарко ФФМ. Популарните „судии“ се покажаа како жилав противник и во последните 5-6 минути намалија на само гол негатива, но недоволно за нешто повеќе. Нашите момци предводени од Јеткин беа убоити во офанзивниот дел, додека покажаа одредени слабости во одбраната. За нас настапија сите кои ги најавивме вчера, а од клупата подоцна се приклучи и постариот од браќата Колеви. За Коки ова беше 99 настап за Бутоп, следи влез во Клуб 100.

Првите бодови ќе ги бараме во Аеродром

По поразот на отварањето, Бутоп вечерва е во потрага по првите бодови во новата сезона на средбата со тимот на Дарко ФФМ. Натпреварот ќе се одигра во балонот на ОУ Блаже Конески во населба Аеродром со почеток во 21:30. И овојпат ќе истрчаме со доста подмладен тим со просечна возраст од 21,3 години. Денес предводник ќе биде Сезаир, Баркли се враќа на голот по подолго време, а ќе настапат и: златната копачка од лани Енис Реџеп, М. Костовски, Д. Колев и Валчанов.

Нашиот дом девет години без стативи

На денешен ден пред девет години (26.09.2011) општинските власти ги исекоа головите на теренчето во школскиот двор на ОУ Живко Брајковски, нашиот оригинален домашен терен. Со оваа објава како и секогаш потсетуваме дека не сме ги заборавиле поразите од системот кој во својата основа спортот го има како најневажна алка. Новиот мултифункционален терен (со должина од само 34 метри) за мал фудбал и кошарка иако нов, веќе не е функционален, затоа што и таму головите се извадени. Ги потсетуваме надлежните на нивното ветување за 40-метарско игралиште за мал фудбал на отворено во Бутел 1.

Среќен роденден Елиф!

Елиф Елмас вчера (24.09.2020) го прослави својот 21 роденден. Македонскиот репрезентативец и член на Наполи е роден во Скопје, бутелско дете. За Бутоп настапи на четири натпревари, два пати го предводеше својот Елиф Елмас Тим против нас, а во неколку наврати ни се спротивстави и како дел од Примавера. Му посакуваме се најдобро во кариерата и во приватниот живот.

Среќен роденден Елиф!

Сезоната отворена со пораз

Бутоп вчера загуби на отварањето на новата сезона. Момците на Илхан беа за една класа подобри од нашиот подмладен состав и на крајот славеа со 7-2. Немаше неизвесност на овој натпревар, противникот ја контролираше ситуацијата од почеток до крај. Нашите играчи го дадоа својот максимум, но повеќе од ова не можеше. Се почувствува отсуството на голман бидејќи на местото на Тео принудно настапи дебитантот Дарис.

Анел и Каро вечерва ќе го предводат младиот тим

Бутоп на вечерашниот натпревар (23:00, балон кај ОУ Пенко) против Бутел Илхан Р ќе биде предводен од искусните Курт и Каравидов. Двоецот кој комбинирано има преку 500 настапи за нашиот тим за поддршка ќе ги има момците од третата генерација: Валчанов, Диме Колев и Павле Шилегов, а на голот ќе дебитира и младиот Тео.

Бутел Илхан Р е тим со кој сме играле пет пати, скорот ни е 4 победи и 1 пораз. Четири од тие натпревари беа во воведната сезона 2007/2008, а уште еднаш игравме во сезоната 2013/2014.

Утре ја креваме завесата на #Сезона 14

Бутоп утре (23.09.2020) ќе го одигра првиот натпревар во новата сезона. Противник во долго очекуваниот камбек ќе ни биде тимот на Бутел (Илхан Р). Средбата ќе се одигра во балонот кај ОУ Пенко, најверојатно од 23:00 часот. Повеќе информации за противникот, но и за нашиот состав ќе прочитате утре.