November, 2017

now browsing by month

 

Откажан натпреварот со Радишани Кру

Натпреварот со Радишани Кру што требаше да се одигра вечерва е откажан. Нашите противници не известија дека имаат кадарни проблеми и дека нема да можат да се соберат за вечер.

Се обидовме да најдеме друг противник, но ниту од тоа не испадна ништо, па така пропаѓа денешниот закажан термин.

Низ историјата… (24 ноември)

Ноември е исклучително плоден месец за Бутоп во кој низ историјата сме мошне активни. Сепак, поконкретно, на денешен ден (24 ноември) сме одиграле само една средба. Тоа се случило во 2007. година на теренчето на ОУ Панајот Гиновски во населбата Бутел 2, против тимот на Бутел 2. На тоа гостување остваривме победа од 9-5 и започнавме една убава традиција во дуелите со овој противник. На средбата која започна во 15:00 часот, а се играше 4+1, за нашиот тим стартуваа: Колашинац (како голман), Фекиќ (се менуваше со Самко на голот), Димитровски, Смиљковски и Костовски.

Оваа недела „слободно“ за Бутопци

Неделава играчите на нашиот тим одлучија да одморат и да не одиграат ниту еден натпревар поради некои ситни повреди и најавени отсуства. Постоеја преговори за одигрување на една до две средби, но ќе почекаме уште некој ден повеќе. Засега топката мирува…

Велковски се враќа на зелениот терен

Кристијан Велковски по неколкумесечна пауза реши да се врати на зелениот терен. А продолжува онаму каде што застана, во тимот на Маџари. Веќе три-четири недели тој тренира со својот старо-нов тим, а целта за почеток му е да ја врати физичката подготвеност на посакуваното ниво. Потоа секако и да се врати во натпреварувачки ритам. Што се однесува до настапите за Бутоп, на последните неколку средби не играше од разни приватни причини, но, како што ни изјави, едвај чека да го облече синиот дрес што е можно поскоро.

Бутоп рутинерски славеше над Качар

Бутоп вчера (14.11.2017) забележа рутинирана победа над екипата на Качар со резултат 9-4. По почетните петнаесетина минути и резултатската рамнотежа (3-3), работите си дојдоа на свое место во продолжението на средбата. Нашите играчи создадоа разлика која до крајот само се зголемуваше. За Бутоп настапија: Колев, Димитровски, Смиљковски, Каравидов, Вангеловски и Николиќ во првата постава, а во игра влезе и Костовски. Натпреварот се одигра во салата на СУГС Зеф Љуш Марку во Скопје Север, од 22:00 часот.

Утехата ја најдовме во Мандарина

Само 24 часа по поразот од Радишани Кру, Бутоп се врати на победничките навики по триумфот над екипата на Мандарина со 8-6. Натпреварот се одигра вчера (08.11.2017) во балонот кај ОУ Пенко од 23:00 часот. Смиљковски, Каравидов и Димитровски го предводеа нашиот тим, потпомогнати од повремените Бутопци Дритон Палоши и Енис и дебитантот на голот Тино. Контролата врз настаните на теренот не беше доведена во прашање во ниту еден момент.

Радишанци ја прекинаа нашата мини-серија

Екипата на Радишани Кру беше поуспешна од Бутоп на вчерашниот натпревар (07.11.2017) со резултат 7-6. Средбата не изобилуваше со многу голови и фудбалска убавина и повеќе беше едно тактичко надмудрување, кое нашиот противник го реши во своја корист. Со тоа тие се реваншираа за минатонеделниот пораз и ставија крај на нашата мини-серија од четири победи која започна на крајот на минатата сезона, а траеше и по првите две средби и од оваа сезона. За Бутоп настапија Колев, Димитровски, Костовски, Каравидов, Вангеловски и Денис. Натпреварот се одигра во салата на Зеф Љуш, од 22:00 часот.

Веќе вечерва, Бутоп има шанса да се извади за вчерашниот пораз. Играме од 23:00 часот во балонот кај ОУ Пенко во Скопје Север. Денес ќе недостасуваат дел од стандардните првотимци, па тоа ќе биде добра прилика за докажување на новите лица кои ќе добијат шанса да настапат покрај Смиљковски, Каравидов и останатото друштво.

Не се плашиме од вештерки…

Завчера, на ноќта на вештерките (31.10.2017), Бутоп беше поуспешен од тимот на Радишани Crew со конечен резултат 16-12. Уште од почетокот ја презедовме резултатската контрола и предноста ја одржувавме во текот на целиот натпревар. „Екипажот“ од Радишани се покажа во солидно светло и постојано се обидуваше да се врати во игра, што на крајот сепак не се случи. За нашиот тим настапија Колев, Димитровски, Курт, Смиљковски, Костовски и Вангеловски (постигна половина од головите) во првата постава, а подоцна влезе и Каравидов. Натпреварот се одигра во салата на СУГС Зеф Љуш Марку во Север со почеток во 22:00 часот.