December, 2019

now browsing by month

 

Уште една победа за одјава од 2019 година

Бутоп синоќа (24.12.2019) забележа уште една победа над Екипа Чаир, овојпат со резултат 12-9. Овој натпревар повторно донесе подеми, но и падови во нашата игра, за среќа со позитивен конечен епилог. Сепак, ваквите изданија треба да ни послужат како патоказ за тоа што треба да поправиме во играта во пролетниот дел од сезоната. За нас настапија Грмуш на голот, Костовски и Валчанов во одбраната и Каравидов, Диме Колев и Енис во нападот. Во договор со противничкиот тим и со чуварот Африм се одлучивме на тринеделна пауза од овој термин, па очекуваме во Зеф Љуш да се вратиме на 14 јануари.

 

Чаирчани замрзнаа на ─12

Нашите момци немаа милост за Екипа Чаир и на противникот му нанесоа пораз од 16-4 на натпреварот одигран во вторникот (17.12.2019). На тој начин им вративме за минатонеделниот пораз, и тоа со камата. Овојпат настапивме со поискусни играчи на кои не им недостасуваше мотивација во ниеден момент и кои беа решени до врв да ја наполнат мрежата на чаирчани. Во тоа успеавме. За Бутоп настапија: Колев, Курт, Костовски, Смиљковски, Каравидов и Валчанов. Натпреварот се одигра во салата на СУГС Зеф Љуш Марку во Скопје Север и помина во фер и коректна атмосфера.

 

Бутоп е братски клуб

Покрај тоа што е претставник на уличниот фудбал, тим на школски пријатели и маалски фудбалери чијашто окосница се воглавно населбите Бутел, Топанско и околината, Бутоп се повеќе станува и братски клуб. Најзначаен братски тандем се секако Кирил и Методиј Смиљковски кои сите овие тринаесет сезони заедно настапуваат и искомбинираа 327 настапи досега. Долго време присутни, иако со помалку настапи се и Михаел и Стефан Милошевиќ, кои во многу наврати знаеле да помогнат кога треба. Тековнава 2019 година ги донесе дебитантските настапи на помладите браќа на Анел Курт, Дарко Костовски и Костадин Колев: Девин, Марко и Димитар. Тоа е младата гарда од која очекуваме многу во иднина. Треба да ги споменеме и браќата Цветкоски, Филип и Стефан, кои одиграа значајна улога на неколку турнири во дресот на Бутоп. Тука се и претставниците на фамилијата Елмас, браќата Мумин и Муслим и нивниот братучед Елиф, кои имаат по неколку настапи за нас. Ќе ги споменам и Фекиќи, Харис и неговиот братучед Бенјамин, додека пак Елмедин, братот на Харис, многупати беше блиску до деби, но ете, засега не му се поклопија коцките. Сето ова покажува дека конкуренцијата во тимот станува се поголема, па спојот на младоста и искуството би требало да биде долгорочно стратешко решение за Бутоп.

 

Во поразот го покажавме своето друго лице

Синоќешниот пораз од Екипа Чаир е еден од оние за кои не треба да жалите и од кои треба многу да научите. Во само 60 минути ги покажавме двете наши лица. Се тргна одлично за нас, имавме сигурна игра и водство од 4-1, но следуваше несфатлив пад во играта, пред се во пристапот. Премногу грешки, загубени топки, одбраната како да не постоеше. Откако чаирчани свртеа на 5-4 веќе беше доцна за нас да се вратиме во ритам и се до крајот беше едно големо мачење за нашите фудбалери. За Бутоп настапија Грмуш, Д. Костовски, М. Костовски, Енис, Ристе Валчанов, а свое деби имаше помладиот брат на Костадин Колев, Димитар. Средбата се одигра во вообичаениот термин во салата на Зеф Љуш Марку.

Сигурна победа над чаирчани

Бутоп вчера (03.12.2019) забележа сигурна победа над Екипа Чаир со конечни 12-7. Од самиот почеток го контролиравме мечот и во ниту еден момент триумфот не беше доведен во опасност. Играта повторно ја базиравме на колективот, па не може да издвоиме никого поединечно. За нас настапија Грмуш, Курт, Костовски, Велковски, Каравидов и Валчанов.

Среќен роденден Марио!

Денес (03.12) својот роденден го прославува Марио Вангеловски. Популарно наречен Штака, овој горостас е дел од армијата на нашата земја, но и веќе неколку години член на Бутоп. Во синиот дрес досега собра 45 настапи, а ја освои и златната копачка за сезоната 2016-2017. Му посакуваме уште многу успеси во фудбалот и кариерата. Среќен роденден Марио!

Претставување: Екипа Чаир

Екипа Чаир е ентузијастичка футсал екипа која многу наликува на Бутоп! Склопот на играчи и нивната поврзаност е многу слична на нашата, па можеби и затоа во секој наш натпревар на теренот се чувствува некоја специфична енергија. Исто како и кај нас, така и во Екипа Чаир продефилираа голем број на играчи, но костурот и главниот движечки мотор е секогаш истиот. Мартин (Мали), Виктор (Фанџо), Дејан и Ервин (Бајрам), кој повремено настапува, се другари уште од училишните денови. Сите основното образование го завршуваат во „Панајот Гиновски“ во Бутел 2, а средното во „Арсение Јовков“ (стара Моша). Долгогодишното другарство целосно се пресликува во една компактност во играта на теренот. Потпомогнати од играчи како Боби и Стаме, екипата на Чаир добива еден посебен дух кој се пресликува во нивната игра. Не можеме да зборуваме за оваа екипа, а да не ги споменеме и повремените играчи Мики, Калчев и ред други.

Вредно да се спомене е дека Бутоп со Екипа Чаир има исклучително пријателско ривалство. Нашиот скор во минатата сезона беше негативен, односно изгубивме 5-7 во партии со гол разлика 122-123. Оваа сезона ја започнавме со победа од 16 – 6, па да се надеваме дека ќе успееме на крајот на сезоната да имаме позитивен скор против овој тим!

Редовниот термин е закажан секој вторник од 21 часот во салата “Зеф Љуш Марку”.

Пишува: Кирил Ѓорѓиев