February, 2021

now browsing by month

 

Понеделнички кај Породилно

Утре (01.03.2021) понеделнички и на почеток на месецот март, симболично, ќе играме во балонот во близина на Породилното во Чаир, населба Серава. Наш противник ќе биде тимот на Бутел (Илхан Р), а средбата ќе почне во 19:00 часот. Досега еднаш сме играле во ова чаирско маало, во 2014 година против Љиљани, тогаш во салата Енвер Идризи.

Планираме забрзан ритам на натпревари

Долгата зимска пауза резултираше со зголемена желба и потреба за фудбал. Освен тоа, на поголемиот дел од нашите фудбалери им фалат натпревари за враќање во вистинскиот ритам. Оттука, наша цел е во периодот што претстои да воспоставиме темпо од два натпревари неделно, а сметаме дека имаме доволен играчки кадар тоа да го издржиме. За наредната недела веќе ни е договорен терминот во четврток од 19:00 часот во Форца, а очекуваме потврда на термин и за понеделник или вторник.

Супер пролетен старт на Бутоп

Бутоп вчеравечер (25.02.2021) забележа убедлива победа над тимот на Дарко ФФМ со конечни 9-4. Ова беше прв натпревар за нас во пролетната полусезона и ако денот по утрото се познава, не очекува успешна година. Каравидов и Велковски беа предводници на офанзивата и двајцата постигнаа хет-трик. Од позадина им помагаа Валчанов и Шилегов, а Илхан и Бени командуваа со дефанзивниот дел. Николиќ остана на клупата. Нашите момци ја контролираа средбата постојано, иако по тврдиот старт, разликата ја направивме во завршните петнаесетина минути.

Илхан и Бени како „кец на десетка“

Вечерва Бутоп ќе истрча на теренот во Орце (19:00 часот) против Дарко ФФМ со две изненадувања во составот. За првпат за нас ќе настапат Илхан и Бени, едни од клучните играчи на Бутел (Илхан Р), тим со кој одигравме три натпревари сезонава и три пати загубивме. Илхан во последен момент ни излезе во пресрет и ова дуо одлично ќе ја пополни празнината поради многуте отсуства на првотимците. На списокот за денес покрај нив се најдоа и Валчанов (5), Велковски (10), Каравидов (11), Шилегов и Николиќ. Оваа прилика ќе ја искористиме и да договориме термин со момците на Илхан. Инаку досега против нив имаме скор од 4 победи и 4 порази, а ривалството го почнавме во далечната 2008 година кога голем удел во тимот имаше и Рами (оттаму Илхан Р).

Утре сефте на новите дресови

Бутоп утре (25.02.2021) ќе ја отвори пролетната полусезона и конечно ќе го одигра првиот натпревар со новата гарнитура дресови. По пауза од четири и пол месеци, поради познати причини, фановите ќе можат да уживаат во играта на момците во сино. Противникот е добро познат, го состави Дарко Видиниќ, а средбата ќе се одигра на отворениот терен со вештачка трева кај СУГС Орце Николов со почеток во 19:00 часот. Информација за составот на Бутоп ќе прочитате утре.

Стартот повторно одложен

Почетокот на пролетната полусезона за бутопци повторно е одложен. Минатата недела ја делевме судбината на нашите прволигаши, па поради снегот и студот моравме дополнително да одмориме. Сега планираниот натпревар против тимот на Дарко Видиниќ, кој беше закажан за утре, нема да се игра од административни причини. Во моментов се бара опција за закажување на нов термин во текот на оваа работна недела.

Среќен роденден Каро

Денес (14.02.2021) Кристијан Каравидов го прославува својот 28 роденден. Каро е трет на вечната листа според бројот на настапи во дресот на Бутоп со фантастични 268 одиграни натпревари. Сите што знаат за Бутоп знаат колкав е придонесот на Каравидов за нашиот клуб. Му посакуваме се најубаво.

Среќен роденден Каро!

Среќен роденден Пинки

Денес (8 февруари) својот роденден го слави Филип Пејков – Пинки. Роден во Шведска, пораснат во Македонија, работата го носеше и низ Америка, сега во Австрија. Нашата „единица“ од првите неколку сезони собра 64 настапи за Бутоп. Му посакуваме се најубаво на приватен и на професионален план.

Среќен роденден Пинки!

Да брзаме бавно!

Синоќешниот (04.02.2021) состанок на бутопци не донесе конечна одлука за нашето учество во Хоби ферплеј лигата. Иако сите присутни (Смиљковски, Костовски, Димитровски, Курт, Сезаир, Велковски и Колев), но и Грмуш, Вангеловски, Каравидов и Валчанов покажаа интерес и подготвеност да бидат дел од тимот во ова натпреварување, превладеа ставот дека не треба да се брза со одлуката. Односно, како што гласи нашето мото, да брзаме бавно. Наредниве недели ќе покажат како ќе изгледа пролетниот дел од оваа сезона на Бутоп и дали ќе се одлучиме на еден таков амбициозен проект каков што е Хоби лигата.

Вечерва состанок во 21:30

Вечер (04.02.2021) во 21:30 е закажан состанок на ФК Бутоп. Ќе се одржи во дворот на ОУ Живко Брајковски во Бутел. Повикани се играчите и управата. Главна точка на дневниот ред е потенцијалното наше пријавување во Хоби ферплеј лигата во мал фудбал која стартува на крајот на март. Ќе стане збор и за некои дополнувања во делот на функционирањето на веб-страницата, фудбалските активности за месеците февруари и март, а на крај е и точката разно.