July, 2018

now browsing by month

 

Сезоната отворена со пораз

Вчера (21.07.2018) Бутоп ја отвори новата сезона 2018/2019 со пораз. Подобар од нас беше тимот на Дарко ФФМ, а конечниот резултат гласеше 7-4. Средбата се одигра на теренчето позади Мајчин дом во Аеродром. И покрај поразот може да се извлечат неколку позитивни моменти од синоќешниот натпревар на кој до самиот финиш бевме во игра да извлечеме нешто повеќе. Игравме со видоизменет тим, без голман. Настапија Курт, Каравидов, Костовски, Стефан Милошевиќ, Костадин Димовски и дебитантот во синиот дрес Игор Тасевски.

Среќен роденден Самко!!!

Самин Колашинац вчера (15.07) го прослави својот дваесет и петти роденден. За навивачите на Бутоп познат и како Таличниот Самко, досега запиша 87 настапи за нашиот тим, а и понатаму останува блиску до случувањата во клубот и покрај тоа што се посвети на боди-билдингот.

Му посакуваме многу среќа и успеси. Среќен роденден Самко!!!

Извештај: Сезона 2017-2018

Сезона 2017-2018

Следува преглед на статистиката и најважните моменти од изминатата сезона 2017/2018, единаесетта во постоењето на Бутоп.

Започнуваме со основните бројки. Вторпат по ред, а третпат во историјата сезоната ја завршуваме со 14 одиграни натпревари. Скорот ни е сличен на оној од лани, 8 победи, 1 нерешена и 5 порази. Гол разликата како и секогаш досега ни е позитивна, 101 постигнати и 96 примени голови. Вкупно на нашите натпревари се постигнати 197 гола (14,07 во просек), просечно сме постигнувале 7,21, а сме примале 6,85 гола по натпревар.

Настапивме на 7 различни терени против 9 противници. Најмногу натпревари (4) одигравме во Добри Дол (скор: 2-0-2), следат сала Зеф Љуш Марку (2-0-1), балон Пенко (2-0-0), балон Рајко Жинзифов (0-1-1), овално теренче во Аеродром (1-0-0), балон Димитар Миладинов (1-0-0) и балон Цветан Димов (0-0-1). Против три екипи одигравме по повеќе од еден меч: Дарко ФФМ (3-0-0), Криминалисти (0-1-2) и Радишани Кру (1-0-1).

Најубедливата победа ја остваривме на 14.11.2017 против тимот на Качар, 9-4. Најубедливиот пораз пак, дојде при крајот на сезоната, на турнирот во Добри Дол, на 20.05.2018, 3-10 против Припор.

Овојпат нема да се осврнам на сите натпревари поединечно, ниту на редовните објави и интервјуа, туку само ќе потсетам на највпечатливите моменти од изминатава сезона. Ќе ги издвојам прославата на десеттиот роденден на клубот, на 15.09.2017, со натпреварот против Дарко ФФМ во Аеродром. Потоа, новата адреса на нашата веб-страница (butop.info), текстот на Анел за Елмас, интервјуата со Колев, Манев и Сезаир, глобтротерскиот рекорд, интернационалецот Илчо од САД, дебито на Баркли и секако, врвот на сезоната, настапот на спасовденскиот турнир во Добри Дол. Нашиот краен дострел во ова живописно скопско село беше четвртфиналето, каде во суперинтересен меч бевме поразени со 8-6 од Гоце 2000, откако ја поминавме Група 1 во друштво на Дељадровци, Припор и Академци. Повеќе информации за нашиот настап на овој турнир можете да прочитате на нашата страна, на која доста добро го „покривме“ овој настан.

Индивидуална статистика. Вкупно 20 играчи заиграа за Бутоп во изминатава сезона. Некои поголеми поместувања според бројот на настапи во споредба со претходните сезони нема. Најмногу натпревари одигра Дарко – 13, следат Марио со 11, Андреј и Каро со по 10, Коки – 8, Кире и Анел по 7, Кико Велковски и Даре Николиќ по 5, Мето и Баркли по 2, а Јеткин, Денис, Енис, Дритон, Кико, Кико Дончоски, Грмуш, Илчо и Цамба настапија по еднаш. Златната копачка на Бутоп по вторпат во својата кариера ја освои Велковски, кој постигна најмногу турнирски голови – 5. По него следуваат Кире со 4 гола, Каро и Марио со по 3 гола, Дарко и Анел по 2, а по еднаш стрелаа Андреј и Даре Николиќ.

Што се однесува до општествената одговорност, Бутопци продолжуваат со исто темпо. Така и изминатава година фокусот беше насочен кон поддршката на локалниот развој и омасовувањето на уличниот спорт и вредностите кои тој ги содржи. Тука треба да се спомене дека по предолгите ветувања, новото мултифункционално игралиште беше конечно пуштено во употреба во дворот на ОУ Живко Брајковски, откако седум години Бутел 1 немаше никаков терен на отворено. Друга приказна е колку ова игралиште ги задоволува потребите на жителите, но за тоа во некоја наредна прилика. ФК Бутоп во сезоната што измина го акцентираше и значењето на свесноста на нашите сограѓани за недостатоците и опасностите со кои се соочуваат младите луѓе при процесот на глобализација.

Буџетот на клубот е стабилен. Оваа година трошоците беа најмали откако водиме ваква статистика, само 7 000 денари.

Веб-страницата, како што веќе споменавме, продолжи да функционира и да се развива на новата адреса. И оваа сезона го срушивме рекордот од претходната според бројот на објави, па ланските 89 (преклани 73) ги надградивме со 93 „постови“ во 2017/2018. По месеци, почнувајќи од јули 2017 бројот на објави беше 5, 1, 4, 11, 8, 6, 10, 8, 12, 6, 17 и 5.

Во наредниов период ќе следат интерни анализи на сработеното, но и состаноци на кои ќе стане збор за идните планови на ФК Бутоп.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Велковски по вторпат ја освои златната копачка

Кристијан Велковски ја освои златната копачка на Бутоп за изминатата сезона 2017/2018, што е негово второ вакво признание по она во 2014/2015. Тој постигна пет погодоци на турнирските натпревари, еден повеќе од Кире Смиљковски и на тој начин ја заслужи оваа награда.

Следи списокот на најдобрите стрелци на Бутоп во изминатите сезони:

2007/2008: Енис Пепиќ – *

2008/2009: Дарко Костовски – 11

2009/2010: Јеткин Сезаир – 9

2010/2011: Јеткин Сезаир – 16

2011/2012: Дарко Костовски – 18

2012/2013: Кристијан Каравидов и Филип Цветковски – 5

2013/2014: Дарко Костовски – 3

2014/2015: Кристијан Велковски – 5

2015/2016: Кирил Смиљковски – *

2016/2017: Марио Вангеловски – 5

2017/2018: Кристијан Велковски – 5

Фото-сторија од СП 2018 Русија (Јеткин Сезаир)

Следи кратка фото-сторија на Јеткин од Светското првенство во Русија

 

Јеткин: Ќе имаме шампион од „нефаворитите“

Ви го пренесуваме разговорот со Јеткин Сезаир, со кого пред неколку дена продискутиравме за актуелните случувања на Светското првенство, но и за тоа како го поминува времето во Турција и неговите планови за иднината

Да почнеме со најактуелното. Го пратиш ли Светското и за кого навиваш?

Да, секако! Како голем фан на фудбалот се разбира дека ги пратам сите натпревари и новости, дури морам да се пофалам дека бев на самиот спектакл во Русија, се вратив пред два дена. 8 дена бев таму, дури успеав да отидам и на две средби од кои едната беше на Лужники стадионот каде што ќе се одигра и финалето.

Фаворити?

Немам некој фаворит ама поради Барселона имам малку симпатии кон Шпанија и Аргентина ради Меси, а голем респект за Хрватска и Белгија. Верувам дека годинава ќе имаме шампион од категоријата „нефаворити“.

Со фудбал како, играш?

Некако чувствувам дека фудбалот почна да ме одбива мене, како да не ме сака повеќе. Веројатно требаше да бидам упорен и да продолжам да играм, дури и да станам професионален фудбалер. Годинава во мај повторно се повредив, истото колено, за моја среќа лигаментите се во ред, меѓутоа коската беше оштетена и внатрешниот и надворешниот менискус беа (не многу) искинати. Тоа беше доста лош старт од еден дефанзивец. И еве, ми дадоа мирување од 6 месеци.

Ајде, ајде, сигурно ќе биде подобро… За тебе секогаш има место во нашиот тим. Кога Бутопци ќе може да те видат „во живо“ во Скопје?

Дефинитивно треба да свикаме еден состанок. Од време на време ја отварам веб-страницата и со носталгија читам за актуелностите околу Бутоп. Средина на јули ќе бидам во Скопје едно 10 дена, па ако има прилика сакам да се видиме. Сега приоритет ми е да завршам со тезата од постдипломските студии во септември.

А потоа?

Па… Се уште не знам што понатаму. Ќе видиме… – заврши Јеткин Сезаир, играчот кој остави длабока трага во нашиот тим и чиишто партии во синиот дрес се уште се прераскажуваат. А сите се надеваме дека успешно ќе се врати и од оваа повреда и што поскоро ќе влезе во „клубот 100“.