October, 2023

now browsing by month

 

Следуваат битките во плејаут фазата

Фудбалерите на Бутоп не успеаја да ја остварат целта да се пласираат во плејофот, односно разигрувањето за титулата во оваа трета сезона на Маалската лига, па во последните три кола им останува борбата во плејаут зоната. Распоредот се намести така да уште во наредното, осмо коло играме против АММ-Тим, екипата против која пред три дена загубивме 4-2 во средба од седмото коло. Во последните две кола треба да играме и против тимовите на Ак Ќерим и Шеча. Во финишот од сезоната влегуваме од седмото место на табелата, а се надеваме дека во овие три натпревари ќе го подобриме општиот впечаток, но и резултатите.

Бутопци без муниција во дуелот со АММ

Вчеравечер (26.10.2023) беше заокружен регуларниот дел од третата сезона на Маалската лига, а токму Бутоп го одигра последниот натпревар од ова седмо коло. За жал, бевме поразени од АММ-Тим со конечни 4-2. Нашите момци одиграа солиден натпревар, но се чинеше како да немавме решенија во завршницата од акциите, па неефикасноста јасно се гледа и по резултатот. Бутоп настапи во фул состав, односно играа играчите кои го понесоа најголемиот товар и во досегашниот тек од сезоната: Костовски, Димитровски, Курт, Чаковски, Смиљковски, Каравидов, Велковски и Волчевски.

В четврток ја браниме честа против АММ-Тим

Нареднава недела се игра последното коло од регуларниот дел на третата сезона на Маалската лига. Бутоп иако ги загуби шансите за пласман во плејофот со поразот од Албајрак Тенда, нема да влезе немотивирано во дуелот со АММ-Тим затоа што одбраната на честа и угледот на клубот отсекогаш биле доволна мотивација за нашите фудбалери. Натпреварот закажан за четврток (26.10.2023) во 21:20 ја затвора регуларната сезона, а може да биде клучен за евентуалниот пласман во разигрувањето за титула за момците на АММ. Во единствениот досегашен меѓусебен дуел одигран на шести април годинава Бутоп славеше со 13-9. Како и да е, овој четврток очекуваме возбудливи четириесет минути фудбал и се надеваме на наша победа.

Плејофот недостижен, Бутоп ќе игра во плејаут фазата

Завчера (18.10.2023) се одигра еден од највозбудливите и најкомпетитивните натпревари во оваа сезона од Маалската лига, во кој Бутоп забележа тесен пораз од Албајрак Тенда (5-6). Средбата донесе голема неизвесност, но и тензија, а нашите момци повторно загубија со еден разлика. Со тоа официјално станавме првата екипа која ги загуби теоретските шанси да се пласира во разигрувањето за титулата. Кај нас Анел Курт беше најрасположен за игра и со хет-трик го предводеше тимот, овојпат недоволно да се избегне пораз.

Бутоп против Албајрак Тенда игра натпревар да се биде или не

Вечерва со почеток во 20:35 во рамките на шестото коло на Маалската лига копјата ќе ги вкрстат фудбалерите на Бутоп и на Албајрак Тенда, две екипи чијашто форма е во нагорна линија. За нас тоа ќе биде натпревар да се биде или не и победата е единствена опција ако сакаме да ги задржиме шансите за плејоф пред последното седмо коло од регуларниот дел на сезоната наредниот четврток. Албајрак Тенда од друга страна по воведните два порази, сега се искачи дури до третата позиција на табелата и сами одлучуваат за својата судбина.

Првите три бода, службени

Бутопци беа подготвени за борба вчеравечер и пресметка со фаворитот Дрим тим, но за жал противникот не се појави, па службената победа (0-5) и првите три бода во сезоната остануваат како утеха. Останатите средби донесоа многу возбуда и победи на лидерот Таверна Шкупи над Алиенс (10-8), АММ-Тим над Ак. Ќерим со 9-3 и на Албајрак Тенда над Шеча со 9-5. Овие резултати ја направија борбата на табелата супер интересна, а Бутоп се одлепи од дното, па сега сме седми. Наредните две кола треба да ги дадат патниците во плејофот и оние кои ќе играат во плејаутот.

Вечер бркаме изненадување против Дрим тим

Денес во вонреден термин се игра комплетното петто коло на Маалската лига, со што третата сезона ќе дојде точно на половина. Бутоп ја затвора вечерашната програма со дуелот против фаворитот Дрим тим (20:10 часот), екипа на која пред почетокот и беа давани најголеми шанси да го освои пехарот предвиден за шампионот. Сепак ние ќе се обидеме да ги искористиме нашите шанси и можеби да го фатиме последниот воз за пласман во плејофот. Кај Бутоп се враќаат Вангеловски и Валчанов кои првпат сезонава се во составот, а вообичаено пријавени за настап се и Костовски, Димитровски, Курт, Велковски, Смиљковски и Каравидов. Чаковски денес паузира поради малата повреда здобиена на претходниот натпревар со Алиенс.  

Првиот бод освоен по голема борба

Бутоп го освои првиот бод сезонава откако вчеравечер ремизираше (6-6) со екипата на Алиенс во дерби натпреварот на четвртото коло на Маалската лига. Оваа средба во целост го оправда епитетот дерби затоа што донесе голема борба, пресврти, тензија и драматичен финиш. По неколку промени на водството Бутоп во последните три минути влезе со позитива (5-4), но по едно недоразбирање во одбраната примивме гол за егал. Кога сите мислеа дека ова ќе биде конечниот резултат, Алиенс искористи контра за водство од 6-5. На само неколку секунди до крајот Анел се одлучи да шутира веднаш по изведувањето од центарот и со гол од половина терен ги постави конечните 6-6 и му го донесе првиот бод на Бутоп во сезоната 2023/2024. Можеби поважно е тоа што ја прекинавме непријатната серија од три порази со која влеговме во првенството. Наредниот предизвик го имаме веќе в недела кога се среќаваме со Дрим тим.

Со фул состав во дербито со Алиенс

Бутоп вечерва во 20:30 часот се среќава со тимот на Алиенс во натпревар кој е дерби на Маалската лига затоа што двете екипи се дел од ова натпреварување од самиот почеток. Вкупно четири пати игравме со нив и скорот е изедначен, по две победи. Денес за нас ќе настапат сите планирани првотимци: Костовски, Димитровски, Курт, Смиљковски, Каравидов, Велковски и веќе стандардниот Чаковски, кој ни е позајмен од Сент Патрик за оваа сезона во МЛ. Оваа средба е веројатно наша последна шанса со победа да се вмешаме во борбата за плејоф, а воедно и прилика по трите воведни порази да ги освоиме првите бодови.

Двојна програма неделава

Оваа недела на распоредот на Бутоп се два натпревари од четвртото и петтото коло на Маалската лига. Најпрво во четврток (12.10.2023) во 20:30 часот ќе се соочиме со стариот познаник Алиенс, а во недела (15.10.2023) го заокружуваме колото со натпреварот против Дрим тим кој е закажан за во 20:10. Противниците никако не се наивни, но се надеваме дека овој згуснат распоред е шанса конечно да дојдеме до првите бодови сезонава.