December, 2015

now browsing by month

 

Формата се одржува со серва во маало

Натпросечно високите температури за овој период од годината им овозможија на фудбалерите на Бутоп да ја одржуваат својата форма со серва во маало. Последниве две недели во неколку наврати можеше да се забележат дел од нашите првотимци како играат сервис „два на два“ на теренот во изградба покрај ОУ Живко Брајковски. Секако, некои од нив се постојано активни и по термини, некои се рековалесценти, но сите со нетрпение ги чекаат наредните денови кога ќе бидат познати повеќе детали за текот на зимските подготовки и вообичаените „тестови“ предвидени со една цел – подигнување на натпреварувачкиот ритам.

Елиф Елмас: од Фенербахче Тефејус, преку Форца, Работнички, Бутоп, па се до Херенвен!

Пред неколку месеци фудбалската јавност во Македонија со радост ја прими информацијата за трансферот на Елиф Елмас, членот на младинскиот состав на Работнички, во холандски Херенвен. Овој бутелски фудбалски бисер долго време беше пратен од бројни скаути, а меѓу заинтересираните страни беа и фудбалски гиганти од Турција, Англија, Србија, Белгија. Во специјалното интервју за веб-страната на Бутоп, Елиф проговори за неговиот фудбалски пат.

За првите фудбалски чекори?

„Фудбал почнав да тренирам во Фенербахче Тефејус. Морам да ги споменам моите први тренери Сетко и Саљко, кои се едни од најзаслужните што толку го засакав фудбалот и кои ме насочија во вистински правец уште на самиот почеток на мојата кариера.“

По пет години во „Фенер“ каде игра и тренира футсал, Елиф повторно продолжува со малиот фудбал, но во Фудбалската школа Форца:

повеќе инфо за ФШ Форца на:

http://www.forza.com.mk/sport/shkoli/fudbalska-shkola.html

„Следните две години ги поминав во Форца, под палката на тренерот Јовче Џипунов. И во Форца научив многу и имам само позитивни спомени од таму.“

А потоа, дојде времето и за „голем“ фудбал. Најупорни беа од таборот на романтичарите, па така Елиф продолжи во ФК Работнички. Таму помина цели четири сезони, тековнава е петта за него во „клубот херој“:

„Предизвикот наречен Работнички беше нешто сосема ново за мене. Таму се е на повисоко ниво. Ги поминав сите возрасни категории кај неколку тренери.“

Елиф сезонава дебитираше и за сениорскиот тим на Работнички, предводен од сегашниот селектор Игор Ангеловски. Тој на 30 септември во рамките на осминафиналето од купот на Македонија доби триесетина минути на гостувањето кај Гостивар:

„Првпат почувствував некаква трема. Искрено не очекував тренерот да ми даде толку голема минутажа на моето деби. Ми требаше малку време за да „влезам“ во натпреварот и да се навикнам на атмосферата и притисокот од публиката. За среќа, се се заврши добро и победивме 4-0!“

За Ангеловски?

„Иако нашата соработка е доста кратка, многу сум задоволен од методите и пристапот на сегашниот селектор. Ангеловски  е секогаш подготвен да им помогне на фудбалерите, а од нив за возврат го бара максимумот.“

За односите во соблекувалната?

„Функционираме како семејство.“

За трансферот во Холандија?

„За Херенвен потпишав уште пред неколку месеци. Сега само чекам на моментот кога ќе заминам за Холандија и ќе го започнам новото поглавје во кариерата. Тоа ќе биде или во јануари, или по завршувањето на оваа сезона, се уште не знам.“

elif

Елиф Елмас во моментов настапува и за У-19 репрезентацијата на Македонија, а пред тоа беше неизоставен дел и од онаа помладата, У-17 селекција.

Сепак, секогаш кога има можност, Елиф му се враќа и на уличниот фудбал, онаму каде припаѓа срцето на многу фудбалски фанатици. За оние што не знаат, тој летово настапи и на три натпревари за Бутоп. Елиф беше дел од нашиот тим на 12 и 13 јули во натпреварите против Радишани дечки и Радишани Скопје, каде остваривме скор од по една победа, пораз и реми.

Каде и да продолжи, ние како ФК Бутоп секогаш ќе му посакуваме успех и ќе му ја пружаме нашата поддршка. Само напред!

Среќен роденден Марио!

Денес, 3 декември,  му е роденден на нашиот играч Марио Вангеловски – Штака. Ја користиме оваа прилика да му го честитаме роденденот и да му посакаме се најдобро на приватен и професионален план.

mario

 

 

 

 

Штака досега собра 17 настапа за првиот тим на Бутоп. Познат по својот нескротлив темперамент, честопати влегува во конфликт со делителите на правдата, но со својата енергија знаел да биде и една од клучните фигури на некои натпревари за нашата екипа.
Неговата повреда, но и онаа на Дарко Костовски, некако се поклопуваат со периодов од повеќе од месец дена во кој, за жал, Бутоп не одигра натпревар. Се надеваме дека Бутоп во што поскоро време ќе почне со натпревари, секако, со Штаката во тимот.
Уште еднаш, среќен роденден Марио!