January, 2019

now browsing by month

 

Одиграно првото реми сезонава

Бутоп вчера (29.01.2019) ремизираше со тимот на Колгејт (2-2) на натпреварот одигран во балонот кај ОУ 11 Октомври во населба Пролет. Тоа беше тврд натпревар без премногу фудбалска убавина и практично сите голови беа резултат на грешки. Ние имавме водство од 2-1 кое противникот го анулираше на само две минути до крајот. Стрелци за нас беа Мето Смиљковски и Марио Вангеловски.  За Марио ова е прв натпревар за Бутоп по поразот од Гоце 2000 во четвртфиналето на турнирот во Добри Дол на 21.05.2018. Во првиот тим настапија и Колев, Костовски, Николиќ и младиот Ристе, а во игра влегоа и Здравко и Дарко Колевски.

Важно е да се напомене дека овие два натпревари со Колгејт влегуваат во нашето наследство со согласност на Дарко Колевски кој инаку е „врската“ за овој термин. И претходно наши играчи настапуваа за неговата екипа, пред се помладите М. Смиљковски, Николиќ, Колев и Ристе, како и постариот Смиљковски и Костовски, но сепак доминираше кадарот на Колевски. Вчера разговаравме и за евентуално соочување Бутоп – ФК Даре, за што ќе треба да договориме и кои играчи за кој тим би настапувале. Времето ќе покаже.

Среќен роденден Коки!!!

Денес (28 јануари) својот роденден го слави и Костадин Колев. Коки веќе неколку сезони е нашата „единица“ и досега собра 91 настап за Бутоп. И покрај тоа што настапува за футсал шампионите Шкупи, а го бараат и еден куп други екипи, не го заборава клубот каде ја доживеа својата афирмација и е секогаш тука да им помогне на Бутопци. Му посакуваме се најдобро на приватен и професионален план.

Среќен роденден Коки!!!

Среќен роденден Харис!!!

На денешен ден, 28.01.1994 г. во Скопје е роден Харис Фекиќ. Харис има статус на легенда на нашиот клуб. Досега запиша 173 настапи во дресот на Бутоп. Во моментов работи и живее во Германија. Му посакуваме се најдобро.

Среќен роденден Харис!!!

Чаир останува енигма

Бутоп вечерва (20:00 часот) беше поразен од Екипа Чаир, трет пат по ред. Чаирчани остануваат нерешлива енигма за нашите момци. Конечниот резултат 12-5 отприлика ја покажува реалната состојба на теренот, каде играчите во сини дресови беа немоќни да му пружат поголем отпор на противникот. Двете екипи беа засилени од претходната средба, но се чини нас не чека долг пат до посакуваното ниво. За Бутоп стартуваа: Грмуш (на голот), Курт, М. Смиљковски, Костовски, Колев и Каравидов, а во игра влезе и Николиќ. Куриозитет е што денес имаше огромен интерес од играчите, па моравме да ги „пречкртаме“ Вангеловски, Сезаир, Велковски и новата аквизиција Димовски. Ако тука ги додадеме отсутните Смиљковски, Димитровски и Баркли може да заклучиме дека барем имаме доволен фонд на играчи на располагање.

Бомба во Бутел: Димовски потпиша за Бутоп!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Ништо не е невозможно (Немогуче)! А кој може тоа подобро да го покаже ако не Бутоп. Со задоволство ја информираме јавноста дека од вчера наш член е Костадин Димовски, низ нашата населба познат и како Коки Немогуче. Официјалната презентација се случи вчеравечер (25.01.2019) во ресторанот Бајка во Бутел 1, каде покрај Димовски присутни беа и Костовски и Јаневски како претставници на нашиот тим. Сведок на еден од топ-трансферите во мак-фудбалот во овој зимски преоден рок беше и Александар Манев, во улога на капитен на ФК Санчовци, тимот за кој Коки настапуваше долги години. Со овој трансфер добиваат сите, за што сведочи пријатното расположение помеѓу присутните на синоќешната промоција. Од наш агол, добиваме играч кој и претходно во неколку наврати (има пет настапи) играше за нас, но како позајмен. Своето деби за нашиот клуб го имаше на 13.03.2014 во победата над Примавера од 10-8, тогаш принудно како голман. Играч одговорен, стабилен во одбраната и со потребното искуство. Човекот кој години наназад беше наш поддржувач покажа дека се е можно ако се сака, па од денес со нови одговорности и предизвици ќе го носи синиот дрес на Бутоп. Нека му е со среќа!

 

 

Лекција по тактика за Колгејт

Вториот контролен натпревар во рамките на овие зимски подготовки Бутопци го решија во своја корист. Вчеравечер (22.01.2019) бевме поуспешни од тимот на Колгејт со конечен резултат 6-2. Нашиот противник никако не можеше да развие игра, беа потполно „прочитани“ и единствено нашите промашени зицери спречија поубедлив триумф на Бутоп. На оваа средба настапивме со доста поразличен тим од оној во неделата, па само Колев и Костовски играа и вчера. Конечно и Кире Смиљковски дебитираше во оваа сезона, неговиот брат Мето се истакна со хет-трик, а партнер во нападот му беше Николиќ. Играа и позајмените Диме (од Спортлајф) и Здравко. Натпреварот се одигра во балонот кај ОУ 11 Октомври, од 21:20 часот.

Фото-сторија од 20.01.2019 (втор дел)

Следат уште неколку фотографии од првиот тренинг на Бутоп во новата 2019 година:

    

Машината Бутоп е пуштена во погон

Како што најавивме, ФК Бутоп вчера ги започна зимските подготовки. Првиот собир и тренинг поминаа во одлична атмосфера. Тренингот почна околу 14:30 на новото теренче за мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски. Освен вообичаеното загревање и растрчување, нашите фудбалери одлучија да одиграат и една партија викторија на теренот прекриен со снег. Ќе се обидеме наредниве денови да ја зголемиме фото-сторијата од вчерашниот тренинг, засега и ова е доволно.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

За отварањето на новата година да биде комплетно, се погрижи Грмуш кој ни закажа средба со тимот на Екипа Чаир. Времето и местото вообичаени, салата на Зеф Љуш, 20:00 часот. За жал, полусезоната ја отворивме со пораз, 7-11. Тимот беше преполовен, па шанса добија помладите Ристе и Даниел, а настапија и Колев, Каравидов, Костовски и Николче. Не бевме без шанса да извлечеме барем реми вчера, откако по негативата од 8-4, направивме серија од 3-0 на 3-4 минути до крајот. Сепак, Екипа Чаир успеа да ја задржи и зголеми предноста и на крајот заслужено да слави.

Подготовките почнуваат утре (20.01.2019)

Зимските подготовки на Бутоп ќе започнат утре (20 јануари) во 14:00 часот на теренчето за мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски. Добар дел од првотимците го најавија своето присуство на утрешниот собир, а оваа прилика ја користиме да ги поканиме и сите наши поддржувачи и пријатели. Можно е да дојдат и некои играчи со кои сме во финална фаза на преговори, како и неколку младинци. Утре на играчите ќе им биде соопштен деталниот план за тренинзите. Првите пет дена со сигурност ќе се одработат во Скопје.

Среќен роденден Мето!!!

Денес (16 јануари) својот роденден го слави Методиј Смиљковски. Мето е наш член од самиот почеток и досега запиша вкупно 60 настапи за првиот тим на Бутоп. Му посакуваме се најдобро во кариерата, но и на приватен план.

Среќен роденден Мето!!!