ЗА КЛУБОТ

now browsing by category

 

За клубот

ЗОШТО БУТОП?

Бутоп е непрофесионален, маалски фудбалски тим од Скопје. За наше седиште може да се смета населбата Бутел 1, а истотака значаен дел се и играчите кои доаѓаат од Топанско поле. За Бутоп честопати настапуваат и играчи од Чаир, Север, Радишани, па може да заклучиме дека Бутоп воглавно е претставник на скопскиот фудбал од населбите на левиот брег на Вардар… Нормално, за нас настапувале и луѓе од „другата“ страна на Вардар, па и луѓе кои живеат во други градови во Македонија, а дури и еден – два интернационалци си ја имаат пробано среќата во Бутоп.

Како и секоја маалска екипа, основната цел на Бутоп не би требало да претставува нешто повеќе од играње фудбал со другарчињата од населба, на мали голчиња, по термини, по некоја серва во маало, учество на турнири во мал фудбал. Но со интернет страната поставена пред неколку месеци (окт-ное, 2014) и бројните „известувања“ и вести кои се сега достапни за сите, веројатно некој кој по некоја случајност се нашол на странава ќе си постави многу прашања, меѓу кои и: зошто Бутоп? Јас го поставувам и ќе (се обидам да) го одговорам прашањево токму за оние (нека се и неколку луѓе) кои сакаат да знаат од каде сега ова, што значи странава, која е целта и што сакаме да постигнеме. Оние кои не´ знаат отприлика знаат дека и пред ова известувавме на Фејсбук, знаат и за опширната статистика и слично. Оние пак кои не слушнале за Бутоп ќе имаат можност да се запознаат со играчите на Бутоп и нивните индивидуални постигнувања, да ги дознаат резултатите, вестите за клубот и да видат по некоја фотографија.

Самото создавање и постоење на оваа веб-страна се надевам дека индиректно ќе влијае и  на тоа да размислиме како се однесуваме кон нашиот спорт како обични гледачи, навивачи, новинари или луѓе кои се дел од спортските колективи. Странава можеме да ја сфатиме како една добронамерна критика за многу наши клубови. Еден Бутоп (кој и во своето поле не е нешто многу трофеен) има страна која го прави подостапен од еден куп македонски професионални спортски клубови.

Уште нешто што треба да согледаме сите кои се нарекуваме љубители на спортот е дека ентузијазмот е една од ретките работи кои ни остануваат на нас како мала земја со која можеме да се носиме со поголемите и побогатите. Факт е дека модерниот спорт се повеќе ја зголемува разликата меѓу големите и малите, па целиот квалитет (еве барем во фудбалот) се концентрира во неколку клуба во 4-5 европски лиги. Македонските клубови веќе не можат да задржат играчи и се чини секое друго национално првенство е подобар избор за еден фудбалер во моментов од македонската прва лига. За жал, се чини дека веќе го немаме ни ентузијазмот, желбата. Нашите тимови најчесто однапред се предаваат секое лето во своите излети во Европа. И пак за ентузијазмот – ако можеме ние (Бутоп) да одржуваме постојан контакт со „фановите“ зошто нашите клубови да не се потрудат повеќе околу својата реклама, популарност, напорна работа и желба за победа наместо наместени натпревари во третите лиги?

Пред некое време излезе информација дека на просечен Македонец му требаат 31000 години за да ја заработи годишната плата на Лионел Меси. Секој ден на нашите спортски портали читаме што правел дента Кристијано Роналдо, а што Балотели и Ибрахимовиќ. Се е тоа добро, ама штета е на нашите прволигашки стадиони да има по стотина гледачи зашто колку и да се неквалитетни, тие фудбалери се вашите втори братучеди, комшии или внуци од сестра/братучетка на пример и не се 30000 пати полоши од Меси, заслужуваат малку повеќе од цел викенд поминат во обложувалница на луѓето кои некогаш ги полнеле стадионите низ земјава.

Затоа Бутоп ви ја нуди ексклузивната можност да избегате од оваа (или двете) реалности и на оваа страна да станете дел од приказната која е една алтернативна реалност, или реална фикција. Статистичките податоци објавени на страната се всушност точни, односно бројот на настапи, резултатите од натпреварите, головите, се тоа е дел од „официјалната“ статистика на Бутоп. Добро е што има барем неколку луѓе кои од време на време ќе ја отворат странава, ќе прочитаат и ќе се заинтересираат околу некој податок и дознаат нешто што не знаеле за Бутоп – со тоа нашата првична цел е остварена.

За секој случај, да не пропуштите нешто ново од светскиот фудбал, на почетната страна на сајтот на Бутоп ги имате петте најчитани вести на денот од фудбалот и спортот на кои ќе ве однесе time.mk.

ФОРМИРАЊЕ И ПОЧЕТОЦИ

Бутоп официјално се формира на 15.09.2007 г. кога го одигравме првиот натпревар против Големи Уличари (ГУ) од Топанско Поле, тогаш со името Б1ББ. Во делот за името ќе објаснам како подоцна доаѓаме до името Бутоп. Како и во случајот на било кој друг клуб, нешто се случувало и пред тој датум. Основата на нашата екипа се класот 8-1 од ОУ Живко Брајковски од 2007 година, или генерацијата родени во 1992г. Поголемиот дел од она што подоцна станува Бутоп учевме заедно во „кецот“ и нормално игравме за екипата на нашето одделение. По завршувањето на основното училиште остана костурот на тој тим на 8-1: Андреј Димитровски, Дарко Костовски, Кирил Смиљковски, Кристијан Каравидов (кој и не беше баш првотимец во нашиот клас), а свои настапи во новоформираната екипа на почетокот се уште ќе имаат и Енис Пепиќ, Михаел Милошевиќ, а можеби и поважна улога (и подолготрајно ќе настапуваат) и Петар Лазароски, Арбен Ејуп и Кирил Ѓоргиев – Грмуш на голманската позиција. Во тимот веднаш се приклучија и Харис Фекиќ и Самин Колашинац, кои се една генерација по нас, а уште од почетокот беа важен дел во тимот. Секако не ги забораваме и помладите момци како Методиј Смиљковски, Дарко Николиќ, а подоцна и Костадин Колев кои беа со нас постојано да помогнат во развојот на клубот. Доаѓаме повторно до првиот натпревар со ГУ, одигран на 15.09.2007. ГУ е тим, па би рекол дури и Друштво во чија закрила функционира и фудбалскиот тим, или секција, (да го тераме филмот до крај) предводен од Анел Курт, Јеткин Сезаир, Филип Пејков. Со нив се развива едно ново ривалство кое е една од главните причини за почетокот на Бутоп, во тоа време Б1ББ. Во првите две-три сезони играме голем број натпревари против нив, а веќе во 2008 г. Анел Курт и Јеткин Сезаир ни се приклучуваат во тимот и полека се најавува нашето ребрендирање во Бутоп и се отвара вратата за нови играчи од Топанско поле, како Филип Пејков и Кристијан Велковски, од сезонава и Марио Вангеловски, а за Бутоп спорадични настапи запишаа и Беким Асани, Адем Маровци и Дејан Милиќ.

ИМЕ

Кога на почетокот требаше да одбереме име ништо освен Бутел 1 не изгледаше како попогодно име за екипата затоа што требаше да играме против екипи од други населби, Топанско, Бутел 2, Ченто, па само беше потребно да се потенцира од каде сме. Освен тоа, не стануваше збор за некој турнир, па и немаше потреба за некое официјално решение, тоа повеќе служи за потребите на нашата статистика.

Во исто време сами го одбираме и прекарот Балкански Бразилци со кој се идентификувавме особено во нашите почетоци. Прекарот се прилепи кон Бутел 1 и се доби и првото име Бутел 1 ББ. Ова беше нашето име се до турнирот во Волково во јуни 2010г. На тој турнир настапивме само како Бутел 1 и може да се земе дека Бутел 1 е второто име на тимот. Летото 2010 г. доаѓаме и до моментот кога го избираме името Бутоп. Имено, пред турнирот во Волково Кире и Анел постигнале договор на тој турнир да играме како Бутел 1, а на наредниот турнир  како Топанско. Сепак тоа не беше добро прифатено од сите и така се јави потребата за „заеднички прифатливо решение за името“ кое нема да ги повреди чувствата на ниту една од засегнатите страни. По низа предлози дојдовме до заклучок дека е најдобро да се одбере „име со географска одредница“. Така се дојде до Бутоп. Бут стои за Бутел, а Топ за Топанско.

Колку што знам Бутоп има значење и на турски, нешто отприлика „еве топка“ или „оваа топка“, а има и хемиско соединение со ова име. Честопати по нашите порази, пред се оние убедливите, нашите поддржувачи знаат да се пошегуваат со „Бутоп – потоп!“…

НАТПРЕВАРИ

Важно е да се знае кои се’ натпревари влегуваат во статистиката на Бутоп. Во првите сезони честопати игравме во Климент и Радишани каде се менувавме со повеќе екипи и во еден ден се случуваше да се одиграат по повеќе натпревари. Во тој случај се сметаат само натпреварите кога нашиот тим бил чисто составен од „наши“ играчи зашто се случуваше по еден-два натпревари да се измешаме (да им дадеме некој наш играч на противниците) за да биде поинтересно и таквите натпревари не влегуваат во официјалната статистика.

Со термините е поедноставно, тие термини кои сме ги договориле како Бутоп и во кои преовладувале наши играчи се бројат како Бутоп, натпреварите на турнири истотака. Е сега за натпреварите со ГУ, Примавера… Натпреварите со ГУ од првите сезони влегуваат во официјалната статистика, но со се поголемиот удел во Бутоп кој го дадоа не само Анел и Јеткин, туку подоцна и Пинки, Кико, па годинава во еден период и Штака, јасно е дека еден таков меч не би влегол во оние натпревари на Бутоп зашто добар дел од екипата се сега Уличарите. Но, последниве сезони се појави и екипата на Примавера, составена од наши играчи од подмладокот засилени со по најчесто уште еден два играчи, која одигра низа официјални натпревари против првиот тим на Бутоп.

БОИ

Ако другите сегменти од приказната Бутоп се полни со случајности, изборот на боите на нашиот тим е прв во тој поглед. Едноставно на почетокот немаше ништо што би не довело до заеднички избор на бои кои ќе имаат некаква симболика. На пример на фотографијата од финалето на турнирот во Железара во 2008 та, се гледа дека Јеткин игра во дрес на Барселона, Андреј во дрес на Баерн, а Анел во дрес на Реал итн.


Сепак можеби оваа поделеност и немање на нешто што би не поврзало сите донесе до тоа белата боја да стане наш заштитен знак. Па така на Пролетната лига во Ново Лисиче во 2011 настапувавме со бели маички и белата боја може да се смета за прва боја на Бутоп.

 Со купувањето на дресовите од Челзи во септември 2011, сината боја (сино-белата комбинација) станува препознатлива за нашиот тим. Е инаку тешко е да се објасни зошто првиот знак на Бутоп, во тој момент Б1ББ, е во црвено и жолто, но пак ќе потенцирам боите и не се нешто што од самиот почеток било строго одредено.

ТЕРЕН

Нашиот основен домашен терен е теренчето во дворот на ОУ  Живко Брајковски. На тој терен ги игравме првите натпревари од нашето формирање во 2007-та. Ова теренче беше уништено на 26 септември 2011 г. кога беше исечен едниот гол, а неколку дена подоцна и другиот гол.

Од тогаш, нормално, таму веќе не можеше да се играат натпревари кои и во уличниот фудбал би можеле да се наречат официјални, а полека салата „Антон Димитров“ која е веднаш до стариот терен станува наш домашен терен. Ние и пред тоа веќе игравме во Антон Димитров зашто ни пружаше подобри услови, особено во зимските месеци, отколку теренот на кој немаше рефлектори и не беше можно да се игра навечер. Според некои информации, првите термини во таа сала кои ги држеле „рекреативци“ ги имавме токму ние, па првиот натпревар на Бутоп во Антон Димитров се одигра на 26 септември 2009 против Ченто (Филип РЈК), 6-4.

Многу пати игравме и на теренот кај ОУ Климент Охридски, близу Полицијата, кој сега истотака не постои, но таму повеќе бевме во улога на гости. Гости секако бевме и при гостувањата во Топанско поле кај ГУ во балонот до ОУ „Васил Главинов“, но со приклучувањето на Анел, Јеткин, Пинки во Бутоп одигравме и натпревари против други тимови во тој балон и тогаш секако бевме во улога на домаќини поради присуството на Топанчаните, затоа може и тој балон да го сметаме на некој начин за наш втор дом. Воопшто, секогаш кога сме играле термини во „нашиве“ населби, а против екипи од другата страна сме се чувствувале како домаќини (како што е случајот со натпреварите со Славија во „Зеф Љуш Марку“), а и обратно – кога сме играле преку Вардар сме биле гости.

Бутоп досега има играно на четириесетина терени во осум од десетте скопски општини, плус Чучер-Сандево и Сопиште.

ДРЕСОВИ

Како што спомнав во делот за боите на клубот, на почетокот игравме кој со што ќе му дојде, потоа со бели маички, за некаде во септември 2011 да ги земеме дресовите (од Челзи) по кои станавме препознатливи и кои се уште се наша единствена комбинација. Дресовите ги земавме благодарение на донацијата на Јоле Смиљковски (и уште еден анонимен инвеститор) кој со тоа му го честиташе роденденот на својот син Кире, една од легендите на Бутоп. Дебито со новите дресови го имавме на турнирот во Љубанци, на 09 септември 2011 во ремито против Радости, 1-1. Печатењето на дресовите следеше две години подоцна, во мај 2013 пред турнирот Скопје 2013, прв натпревар Бутоп – Игротека Тиквичка 2-3 (26 мај 2013).

ЗНАК

Првиот знак е изработен некаде во 2008-та, на него преовладуваат црвената и жолтата боја. На горниот дел пишува Бутел 1, а од страните Балкански и Бразилци. Во долниот дел стои годината на формирањето, 2007. Во средината на четири полиња стојат буквите Б1ББ. Најгоре на знакот има фудбалска топка. Знакот го изработи Андреј Димитровски со асистенција и предлозите на Д. Костовски и Кирил Смиљковски.

Вториот знак е изработен во 2011-та. Целиот знак е во сино-бела боја, најгоре пишува Бутоп, под него ја има буквата Б, а под ова на четири полиња се испишани буквите ББ и ГУ кои стојат за Балканските Бразилци и Големите Уличари од чии редови и е главнината играчи на Бутоп. Најдолу на знакот стои годината на формирање, 2007. Знакот го изработи Дарко во консултација со Анел, кој требаше да даде согласност за ГУ, за на тој начин да се заштитат правата на Топанчаните. Оригиналната верзија од овој знак може да се види во нашата архива.

Третиот знак е официјализиран и претставен на јавноста во октомври 2015-та. Неговиот дизајн е поедноставен и модерен, но во исто време ги зачува главните хералдички елементи од претходниот (формата, боите, натписот, фудбалската топка и годината на формирање). Овој знак го изработи Кирил Ѓорѓиев – Грмуш. Инаку, постоеја три предлози за новиот знак, кои беа објавени на нашата интерна Фејсбук страна и членовите на Бутоп по пат на анкета го избраа токму овој предлог со преку 50% од гласовите.

МОТО

Нашето неофицијално начело по кое се водиме е мотото:

Festina lente

ФИНАНСИРАЊЕ

Бутоп во поголемиот дел од своето постоење се самофинансира. Важна надворешна инвестиција беа дресовите за што веќе стана збор. Што се однесува до спонзорства за турнири, еден пример е нашиот некогашен спонзор Звонко од Водовод кој не финансираше на еден турнир без притоа да бара промена на нашето име, дури ни со прилепување на некоја додавка, придавка. Тоа беше добро за нас, меѓутоа не дојде до понатамошна соработка поради некои несогласувања кои настанаа и различните погледи за амбициите во иднина.

РИВАЛСТВА

Освен ривалството од првите сезони со ГУ кое прерасна во тесна соработка и натпреварите со Примавера за кои истотака пишував, важни се и натпреварите со локалните тимови. Бутел Село, Бутел (Илхан-Рами), Бутел (Давор, Жора), ЖБ-91г. се бутелски тимови со кои многупати се сретнавме, а тука секако спаѓа и екипата на Фокус. Натпреварите со Примавера вредат да ги одбележиме посебно затоа што придонесоа за напредок и квалитетен фудбал. Ривалства имаме и со тимовите од околните населби: Бутел 2, Гази Баба, Чаир (Насер), Радишани бојс, Шутка… Неколку пати игравме и со Ченто (Филип, РЈК), Смиљковци, Турци ЈБТ. Од последнава сезона е и ривалството со Славија. Посебен набој секогаш имало на натпреварите против екипите од источниот дел на Скопје, како на пример со Соколи, Црвени ѓаволи, Душогупчани, МК Рисови, XXL, Фер плеј (екс Форевер). Да не ги заборавам и натпреварите во Љубанци кога најчесто сме се среќавале со екипите од околните места како Булачани, Мирковци, Кучевиште и секогаш се играло тврд фудбал.

Сезоните 2018/2019 и 2019/2020 беа одбележани со новото ривалство со Екипа Чаир, а овие три-четири години често игравме и со Албион Север, Мојсовски-Џезо, Криминалисти, Дарко ФФМ и Тамба-ламба.

НАВИВАЧИ

Во делот за навивачите можам да кажам дека е нормално што мнозинството од нашите поддржувачи е од нашите населби. Речиси секаде каде што сме играле сме доаѓале заедно со нашите навивачи, кои во многу ситуации земале и други улоги како стручен штаб, скаути, понекогаш и резерви итн. Тие се секогаш тука за да не поддржат, но и да не искритикуваат.

(март 2015; дополнето во јули 2020)