July, 2017

now browsing by month

 

Среќен роденден Самко!!!

На 15.07.1993 година во Скопје е роден Самин Колашинац, член и играч на Бутоп кој беше особено активен во првите сезони од постоењето на клубот. „Таличниот Самко“ последниве години повеќе е посветен на боди-билдингот, а досега запиша 87 настапи за нашиот тим. Му посакуваме се најдобро на приватен и на професионален план.

Среќен роденден Самко!!!

Извештај: Сезона 2016-2017

Сезона 2016-2017

Следува прегледот на јубилејната десетта сезона (2016-2017) на Бутоп. Како што е веќе пракса изминативе години, ќе фрлиме поглед на бројките, статистиките и најважните моменти што ја одбележаа сезоната која штотуку заврши.

Во неа одигравме само 14 натпревари, што е израмнување на анти-рекордот од нашата прва сезона 2007-2008. Сепак, скорот ни е позитивен: 7 победи, 3 нерешени и 4 порази. Гол разликата ни е истотака позитивна (како и во сите досегашни сезони), 85-78. Вкупно на нашите натпревари се постигнати 163 гола (11,64 во просек), просечно сме постигнувале 6,07, а сме примале 5,57 гола по натпревар.

Сме настапиле на 5 различни терени против 9 противници. Најмногу натпревари (5, со скор 2-1-2) сме одиграле на теренот на СЦ Ново Лисиче каде што настапувавме на турнирот Скопје 2016. Игравме уште и во Антон Димитров (2-1-1), балонот кај Пенко (1-1-0), балонот кај Блаже Конески (1-0-0) и балонот кај Зеф Љуш Марку (1-0-1). Повеќе од еден меч одигравме против две екипи: Примавера (2-1-1) и Албион Север (1-1-1).

По пауза од една сезона Бутоп годинава се врати на турнирите. На турнирот Аеродром Скопје 2016 на пенали бевме елиминирани во 1/16 финалето од Воденица 3, откако во групата  имавме 2 победи и 2 порази. Севкупниот впечаток што го оставивме на турнирот беше позитивен и е добра основа за плановите во иднина.

Најубедливата победа сезонава е онаа со ПС Аеродром на нејзиното отварање (04.09.2016) од 7-0. Најубедлив пораз на турнирските натпревари е оној од Импери (1-3) на 17.09.2016, а најголемиот пораз ако ги вклучиме сите останати средби е оној од Албион Север од 3-10 (на 25.05.2017).

Сезонава 21 играч настапија за Бутоп. Нормално по бројот на настапи предничат стандардните првотимци, или оние што се „под договор“ со нашиот клуб: Дарко имаше 14 настапи, Каро – 13, Андреј – 10, Колев – 8, Кико, Кире и Марио по 7, Анел и Јеткин по 5, Мето, Харис и Пинки по 2, а Горјан и Даре Николиќ по 1 настап. По еднаш настапија и Енис, Денис, Пецев, Елиф Елмас, Стефан Милошевиќ, Коста и Драгче. Стрелци на турнирските голови се: Марио – 5, Кико – 4, Дарко – 3, Јеткин – 2 и Анел – 1 гол.

По активностите на Аеродром Скопје 2016 кој се одржа во септември, до крајот на есенската полусезона одигравме уште 5 натпревари. Од овој дел на сезоната уште еднаш ќе ги истакнеме спектаклот за нашиот деветти роденден (натпреварот со Спорт Кафе) и јубилејниот 300-ти натпревар (против Импери) за кои може да прочитате во освртот на есенската полусезона. Последниот меч за календарската 2016-та беше на Боксинг деј (26.12.2016) против Примавера (победа од 11-8) кога го продолживме митот за нашата непобедливост на тој датум. Во пролетниот дел одигравме само 4 натпревари, од кои 3 тесни победи од по 1 разлика и 1 пораз.

На индивидуален план со своите настапи и успеси се истакнаа двајца наши играчи, нашата „единица“ Костадин Колев и повремениот член на Бутоп Елиф Елмас. Елиф најпрво на крајот на минатата година го доби признанието за најдобар млад фудбалер во Македонија, а финишот на сезоната го закити со деби во А-селекцијата и настап на У-21 европското првенство во Полска. Костадин Колев по големата битка со Велес стана шампион на Македонија во футсал првенството со својот тим Шкупи.

Златната копачка оваа сезона ја освои Марио Вангеловски – Штака со своите 5 гола на турнирските натпревари. Неофицијалното признание за потегот на сезоната оди кај Колев за неговата одбрана на ударот под пречка во последната минута од регуларниот тек на средбата со Воденица 3 Крива Паланка.

Во делот на општествените активности и борбата за подобрување на спортската инфраструктура белег на оваа сезона е скандалот со плаќањето на термините за салата Антон Димитров. Ова е уште еден момент за кој имаше доволно информации на нашата веб-страна на кои можете да се навратите за потсетување. Нашиот прилог од 02.10.2016 за состојбата на Антон Димитров и старото теренче за мал фудбал веројатно беше мал поттик и предупредување за надлежните, па ситуацијата колку толку беше санирана со поставувањето на нови врати и прозорци во салата.

Расходите за сезоната 2016-2017 се значително помали од оние за претходните неколку сезони, што е за очекување поради помалиот број натпревари, а изнесуваат 13900 денари. Приходите овојпат се помали – 13000 денари, но дупките беа пополнети од буџетот на клубот.

Веб-страната продолжи да се развива и сезонава достигнавме 89 известувања (по месеци почнувајќи од јули 2016: 1, 5, 16, 6, 7, 7, 10, 4, 7, 6, 7, 13), или 16 повеќе од ланскиот рекорд 73. Андреј се погрижи таа да биде рефреширана (во март годинава), а на понатамошни подобрувања работиме тековно. Вообичаено известувавме за сите актуелности, проекти, скандали, натпревари, подготовки, статистики. Пренесувавме фото-стории и куси изјави и интервјуа, но и некои подолги како она со Кристијан Велковски. Во ист стил продолжуваме и понатаму.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Штаката ја освои златната копачка!

 Марио Вангеловски е освојувачот на златната копачка за јубилејната десетта сезона на Бутоп. Штаката за првпат се закитува со ова престижно признание, а до него дојде постигнувајќи пет гола на турнирските натпревари, еден повеќе од Кристијан Велковски. Марио е осмиот играч кој ја освојува оваа награда.

Следи списокот на најдобрите стрелци на Бутоп во изминативе десет сезони:

2007/2008: Енис Пепиќ – *

2008/2009: Дарко Костовски – 11

2009/2010: Јеткин Сезаир – 9

2010/2011: Јеткин Сезаир – 16

2011/2012: Дарко Костовски – 18

2012/2013: Кристијан Каравидов и Филип Цветковски – 5

2013/2014: Дарко Костовски – 3

2014/2015: Кристијан Велковски – 5

2015/2016: Кирил Смиљковски – *

2016/2017: Марио Вангеловски – 5

Колев сепак ќе мора на операција

Вчерашниот ден донесе непријатна вест за Костадин Колев, откако по прегледувањето на новите снимки беше утврдено дека тој ќе мора да оди „под нож“ за успешно да заздрави од повредата на прстот. Операцијата е закажана за в понеделник. Тоа значи дека периодот за рехабилитација дополнително се зголемува за некои 6-7 недели, па неговиот настап на Футсал купот на УЕФА е под знак прашање. Како и да е, во овој момент на Коки му посакуваме оперативниот зафат да помине во најдобар ред, а потоа чекор по чекор да се врати во препознатливата форма.

Коки се опоравува и едвај чека да почне со тренинзи

Коки веќе половина месец се опоравува од фрактурата на домалиот прст на левата рака, повреда со која се здоби на еден термин во скопската населба Автокоманда. И покрај тоа што не станува збор за некоја претешка повреда, сепак Колев максимално сериозно и внимателно пристапи кон процесот на заздравување, нешто што му беше укажано и од лекарскиот тим, но и од клубовите Шкупи и Бутоп. Колев е расположен и нестрпливо чека дозвола да почне со тренинзи. Само пред неколку часа тој и Шкупи ги дознаа противниците за дебито во своевидната футсал европска Лига на шампиони: Диамант Линц (домаќини, Австрија), Макаби Тел Авив (Израел) и Луксол (Малта). Само победникот на групата продолжува во главната рунда. Според реакциите на Коки и претставниците на Шкупи ова е група во која нашиот шампион ќе може да се надигрува со сите и да се надева на пласман понатаму.