August, 2022

now browsing by month

 

Втор ден по ред нема фудбал во Љубанци

Организаторите на турнирот во Љубанци објавија дека и денес, исто како и вчера, се одложуваат планираните натпревари поради лошото време. Ова значи дека ќе добиеме уште некој ден плус пред последната битка за пласман во нокаут рундата и средбата со тимот на Орбита компани. Според распоредот следни натпревари од нашата група се Пица до дома – Дар Мар и Жиле плин – Пица до дома.

Невиден дебакл на бутопци

Екипата на Дар Мар буквално го растури составот на Аква Вардар коп Бутоп на синоќешната (28.08.2022) средба во рамките на турнирот во Љубанци. Конечните 8-0 се одраз на надмоќноста што противникот ја демонстрираше. Ништо не им поаѓаше од рака на нашите момци и она што требаше да биде дерби на групата се претвори во наш дебакл. Овој пораз е досега најголем на турнирските натпревари на Бутоп, а и севкупно еден од најтешките во нашата историја. Позитивното во целата ситуација е што ние се уште зависиме само од себе и со победа во последното коло обезбедуваме пласман во нокаут фазата.

Локалното дерби е патоказ за групата 5

Вечерва (28.08.2022) со почеток во 20:00 часот гледачите на теренот во Љубанци ќе можат да го проследат локалното дерби меѓу екипите на Аква Вардар коп Бутоп и Дар Мар. Многу момци од Бутел, Чаир и Топанско ќе истрчаат на натпреварот кој ќе одреди во која насока ќе се движи понатамошниот тек од борбата за последните две места кои водат во нокаут фазата. За нас ќе настапат Колев, браќата Смиљковски, Вангеловски, Велковски, Димитровски и засилувањата Џоле и Столе.

Во битка за трето место

По одиграни девет од планираните петнаесет натпревари во групата 5 на турнирот во Љубанци, Аква Вардар коп Бутоп се наоѓа во борба за третото место на конечната табела. На врвот веќе се издвоија Војводи Тетово и Жиле плин, додека ние имаме реални шанси да бидеме и трети, иако и четвртото место е посакувана опција бидејќи води во нокаут фазата, која е наша примарна цел. Утрешната средба со директниот конкурент Дар Мар ќе биде показател во кој правец ќе се придвижат работите во оваа група. Вака изгледа моментната ситуација на табелата:

Војводи беа пресилни за белата чета

Тимот на Војводи Тетово дојде до сигурна и заслужена победа од 3-0 во синоќешната (25.08.2022) пресметка со Аква Вардар коп Бутоп. Тетовчани доминираа во поголемиот дел од натпреварот, а ние не успеавме да дојдеме барем до почесен погодок иако имавме неколку шанси. Нашите момци за првпат играа во новата гарнитура бели дресови кои ги најавивме минатата недела. По подолго време на турнирите во нашиот состав се врати Харис Фекиќ, но и Методиј Смиљковски. Имавме и две засилувања-дебитанти од тимот на Албион Север, Влатче и Џоле. Деби на ова издание од турнирот вчера имаше и Кирил Смиљковски кој претходните средби ги пропушти поради настинка. Играа и Костовски, Колев и Столе. Ние сме сега со скор од една победа и два порази, а Војводи имаат четири победи во исто толку натпревари.

Новиот предизвик се вика Војводи Тетово

Бутопци вечерва ги чека нова, тешка битка во Љубанци. Противник е одличниот тим на Војводи Тетово, кој важи за еден од фаворитите на турнирот. Натпреварот започнува во 22:45, а дали нашите фудбалери понесени од триумфот завчера ќе успеат да дојдат до уште еден позитивен резултат, останува да видиме.

Извојувана тешка и важна победа

Фудбалерите на Аква Вардар коп Бутоп се изборија за многу важна победа од 2-1 на вчерашниот натпревар (23.08.2022) против тимот на Пица до дома. Со ова одржано е ветувањето на Велковски дека ќе ја прекинеме серијата од шест порази на овој турнир, точно девет години од последниот триумф на истото игралиште. Она што е поважно, освоени се три бода кои може да бидат клучни во понатамошниот тек на турнирот.

Резултатот го отвори Анел со гол од слободен удар од 14 метри за мала предност на полувремето. Вториот дел на влажното и лизгаво игралиште почна лошо за нас по примениот гол за 1-1. Сепак, брзо ја вративме предноста откако Костовски искористи еден карамбол и погоди за 2-1. Вистинската драма се случуваше во последните седум-осум минути кога најпрво издржавме две минути со играч помалку по исклучувањето на Каравидов, а потоа и со пет фаули ги доигравме завршните четири минути. Не беше лесно, но на крајот тесен и заслужен минимален триумф за бутопци. За нас настапија Колев, Курт, Велковски, Костовски, Вангеловски и Столе во првата постава, а подоцна и Каравидов.

Шесто учество на омилениот турнир

Бутоп годинава го има своето шесто учество на турнирот во скопско Љубанци, кој на многу наши играчи им е омилен и за кој се врзани многу убави сеќавања. Во досегашните пет појавувања три пати ја поминувавме групната фаза (2010, 2011 и 2013) и секогаш испаѓавме во првиот нокаут натпревар. Најблиску до понатамошен пробив бевме во 2011 година кога го имавме најдобриот настап севкупно, а загубивме во осминафиналето на пенали од тимот на Меѓу нозе, откако по регуларниот дел беше 3-3. Групите не ги поминавме на дебито во 2009 година, како и во 2014 год. Сега по пауза од седум години се враќаме со надеж дека ќе испишеме нови успешни страници за нашиот клуб, овојпат играјќи не само за нас, туку и промовирајќи го нашиот спонзор на турнирот, Аква Вардар коп.

Уште малку статистика. Во досегашните учества сме оствариле 9 победи, 5 нерешени и 12 порази со гол разлика 51-55. Тука не спаѓа последниот натпревар со Жиле плин. Неверојатно црна е серијата во која се наоѓаме во Љубанци затоа што токму оваа средба беше шестиот последователен пораз за нас на овој турнир. Последната победа сме ја оствариле во групната фаза во 2013 година, кога на 23 август сме ги победиле Пуци Јунајтед со 3-0. Сега токму на овој датум (вторник, 23.08.2022) е нашиот следен натпревар (против Пица до дома) и шансата да ставиме крај на оваа серија. Случајност или нешто друго? Ќе видиме во вторник.

Жиле плин сепак пресилни

Едно полувреме траеше отпорот на фудбалерите на Аква Вардар коп Бутоп на синоќешниот натпревар со Жиле плин. Минималните 1-0 на паузата пораснаа до конечните 5-0 за фаворитот. И покрај убедливиот пораз, бутопци покажаа дека се подготвени за борба и дека најдоброто допрва претстои. За нас настапија искусните Колев, Курт, Димитровски, Велковски, повратникот Вангеловски и Каравидов во првата постава, а од клупата влезе и дебитантот Столе.

Реконструиран теренот во Љубанци

Прекрасни се кадрите кои доаѓаат од Љубанци каде за првпат оваа година ќе се игра на реновираниот терен кој доби вештачка трева. За сликата да биде комплетна, реконструкција имаше и на трибината каде се поставени пластични столчиња, па бутопци вечерва ќе уживаат во својот камбек на овој турнир против носителот на групата Жиле плин.