November, 2020

now browsing by month

 

Корона диктира, фудбал не се игра

Веќе седум недели трае паузата од последниот натпревар на нашиот Бутоп. И покрај напорите во изминатиот период да се договори некој натпревар, до такво нешто не дојде. Главниот виновник сите го знаеме. Сепак, остануваме на определбата да бидеме одговорни и ќе се прилагодуваме на моментната епидемиолошка слика.

Збогум Диего

Светот се збогува со Диего Армандо Марадона. Тој денес беше погребан на гробиштата Бела виста во близина на Буенос Аирес. Тажната вест ги погоди љубителите на фудбалот завчера (25.11.2020) кога престана да чука срцето на големиот фудбалски велемајстор. Уметник со топката, бунтовник, светски шампион, народски човек, широка душа.

Нека почива во мир. Збогум Диего!

Македонија на Еуро, браво момци, браво Елиф

12 ноември 2020 година ќе остане запишан како светол ден во македонската спортска историја. Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Грузија во Тбилиси во финалето на Лигата на нации и со тоа избори пласман на европското првенство наредната година. Ова ќе биде прв настап за нас на едно големо натпреварување. Момците покажаа дека и овде се игра квалитетен фудбал, сега и Македонија е на европската фудбалска мапа. Огромен удел во овој успех има и едно „наше дете“: Елиф Елмас, гордоста на бутелскиот фудбал.

ФК Бутоп се приклучува кон честитките за нашите репрезентативци. Ви благодариме! И со среќа на европско. Браво момци, браво Елиф!

Низ историјата: Бутоп си гази во ноември

Единаесеттиот месец од годината историски ни е еден од најуспешните како според бројот на одиграни, така и според бројот на добиени натпревари. Досега во месец ноември имаме 39 средби со одличен скор од 26 победи, 2 нерешени и 11 порази. По години:

2007: 1-0-0                          2012: 7-0-2                        2017: 2-0-1

2008: 2-0-1                          2013: 3-0-1                        2018: 2-0-1

2009: 3-0-0                          2014: 1-1-2                        2019: 2-0-0

2010: 2-0-0                          2015:/

2011: 0-0-2                          2016: 1-1-1

Забележуваме дека само во 2015 г. не сме одиграле ниту еднаш, додека најплоден и најуспешен ноември бил оној во 2012 година.

Годинава се уште немаме натпревар, но се надеваме дека ќе го организираме 40-от ноемвриски меч за Бутоп и покрај комплексноста на ситуацијата во земјава. Тоа ќе биде и момент конечно да настапиме во новите дресови.

Бутопци контра Суперлигата

Фудбалерите на Бутоп деновиве се во исчекување на новости околу продолжението на сезоната, иако веќе ништо не може однапред да се планира. Па така, спонтано, се наметна една актуелна тема од светскиот фудбал која не ги остави рамнодушни бутопци, а тоа е формирањето на суперлига на најбогатите европски клубови, која би била од (полу)затворен тип и недостапна за „обичните смртници“. Разбирливо ако се има предвид за што стои ФК Бутоп, реакциите на нашите играчи се негативни. Костовски јасно се спротивстави на било каков елитизам во европскиот клубски фудбал. Курт додаде дека е категорично против создавањето на Суперлигата и смета дека Лигата на шампионите треба да остане местото за мегдан на најдобрите во Европа. Тој остава простор за евентуални промени во нејзиниот формат. Без да навлегува премногу во идеологии и теории за развојот на фудбалот, Анел кратко поентираше: Against modern football! (Против модерниот фудбал). Колев отиде најдалеку: „Против Суперлига сум! Море во бестрага нека одат. Моментално и против фудбал сум. Нема драж без навивачи. Не е тоа вистински фудбал“. Пандемијата си го стори своето и јасна е фрустрацијата кај фудбалските вљубеници поради немањето публика на стадионите, но се чини најавата за новото натпреварување на подолг рок е поголема опасност за најважната споредна работа на светот.