Archives

now browsing by author

 

Заедничка одјава од Сезона 4

Маалската лига на својот профил на фејсбук изминативе денови ги објави сите резултати, табели, статистика, наградени играчи и тимови и фотографии од Сезона 4 која заврши пред десетина дена. Веќе традиционално, по доделувањето на пехарите беше направена и заедничка фотографија со играчи од неколку екипи.

Индивидуална статистика од МЛ Сезона 4

Вкупно седумнаесет играчи настапија за Бутоп во МЛ Сезона 4. Следи преглед на бројот на настапите и постигнатите голови:

Албајрак Тенда е новиот шампион на МЛ

Во овие празнични денови се уште ги сумираме остварувањата во штотуку завршената четврта сезона на Маалската лига. Албајрак Тенда е новиот, четврти шампион на ова натпреварување. Зад нив на табелата беше Лукс кафе, а Бутоп како третопласиран го заокружи пиедесталот. За ферплеј екипа по вторпат во својата историја беше прогласена Ак. Ќерим. Наградата за најдобар играч отиде кај Сунај од победничкиот Албајрак, најдобар стрелец со 21 погодок е Бљертон Селими од Лукс кафе, а најдобар голман Аган Мухамеди од Ак. Ќерим.

Димитровски го крена пехарот за третото место

Андреј Димитровски ја имаше честа да го прими пехарот наменет за третопласираната екипа во МЛС4 на свечената церемонија по завршувањето на последниот натпревар во четвртокот. Бутоп конечно успеа во четвртото издание на Маалската лига да заигра постабилно и заслужено го освои овој трофеј со скор од шест победи, едно реми и три порази и вкупно 19 освоени бодови на контото.

Реми по жестока борба, Бутоп е трет во МЛ!

Борба до последната секунда донесе синоќешниот (25.4.2024) натпревар меѓу Бутоп и Албајрак Тенда (6-6) кој практично ја затвори четвртата сезона во Маалската лига. И покрај тоа што се беше решено околу конечниот пласман на табелата (Албајрак прв, Лукс кафе втор, Бутоп трет) двете екипи го одиграа можеби најквалитетниот, а на моменти и тензичен натпревар сезонава. Остана мала горчина кај нашите момци затоа што бутопци имаа водство од 6-4 на четири минути до крајот кое противникот успеа да го анулира по неколкуте погрешни потези на фудбалерите на Бутоп. Сепак, овој датум ќе се памети по добро во нашата историја затоа што го освоивме пехарот предвиден за третиот најдобар тим во Маалската лига. За Бутоп вчера настапија: Смиљковски, Димитровски, Курт, Костовски, Вучевски, Чаковски, Желка и Глигоров.

Вечер славиме: второ или трето место?

Денес се затвара четвртата сезона на Маалската лига, натпреварување чии идеолози и организатори сме ние, а во кое дури сега во четвртиот обид успеваме да се качиме на пиедесталот за најуспешните. Бутоп во денешното последно коло и натпреварот со новиот шампион Албајрак Тенда (првото место го осигураа уште во минатото коло) влегува како третопласиран со бод заостанување зад Лукс кафе кој од 20:00 часот игра против последнопласираните Алиенс. Со евентуален кикс на чаирчани, а наша победа над Албајрак ние би дошле и до второто место на крајот, но секако третата позиција не ни е загрозена. Коцките се поклопија така што во првото коло ја имавме честа да ја отвориме сезоната со натпреварот против Лукс кафе, а вечерва да ја затвориме со средбата против новите шампиони. Натпреварот Албајрак Тенда – Бутоп почнува во 21:25 часот.

Победа која обезбеди пехар

Бутоп оствари уште една убедлива победа во Маалската лига откако во четвртокот (18.04.2024) беше подобар од Алиенс со 11-5. Овој триумф и теоретски ни гарантира пехар на крајот од оваа Сезона 4 која завршува за три дена, на 25 април. Прашањето е само дали ќе бидеме втори или трети. Новиот шампион веќе е познат, а тоа е тимот на Албајрак Тенда кој е нашиот противник во последното коло.

Во борба за пехари

Во пресрет на последните две кола од четвртата сезона на МЛ Бутоп се наоѓа на третото место на табелата и е во позиција да се бори за пехарите во ова натпреварување. Во претходните три изданија постојано бевме во долниот дел и борбата за избегнување на последните места, но овојпат е поинаку. Утрешното деветто коло ни носи нова средба со Алиенс (21:25 часот), а бутопци иако теоретски немаат осигурано подиум на крајот (имаме шест бода повеќе од четвртопласираниот АММ-Тим) гледаат и нагоре кон вториот Лукс кафе (бод повеќе од нас) и првиот Албајрак Тенда (плус пет од нас).

Марио незапирлив, Бутоп убедлив

Бутоп оствари убедлива победа (5-10) на вчерашниот натпревар против Ак. Ќерим во рамките на осмото коло на МЛ. Нашите момци беа расположени за фудбал и покажаа класа за трета победа по ред. Триумфот не беше доведен во прашање во ниеден момент. Индивидуално се истакна Вангеловски со шесте погодоци, а хет-трик постигна Велковски. Курт застана на голот, Димитровски постигна еден погодок, а во тимот беа уште и Костовски, Волчевски и Чаковски.

Залетаните бутопци во потрага по нови бодови

Вечерва на програмата во вонреден, неделен термин е осмото коло од МЛ во кое Бутоп се среќава со Ак. Ќерим. Токму на првиот натпревар со нив од оваа Сезона 4 во маалската конкуренција започна нашиот подем во формата откако славевме со 6-4 и ги освоивме првите три бода по стартните порази од Лукс кафе и АММ-Тим. Сега се наоѓаме во сосема спротивна ситуација, како трети на табелата, па евентуална победа вечерва може речиси да ни го обезбеди подиумот на крајот од сезоната. Вечерашната средба започнува во 19:45.