Осврт на есенската полусезона 2019-2020

Следува освртот на есенската полусезона од етапата 2019/2020, број тринаесет во постоењето на Бутоп.

Есенва одигравме 8 натпревари со одличен скор од 6 победи и 2 порази. Тоа е подобрување во однос на претходните две есенски полуетапи кои беа доста сиромашни, но и општо земено 2019-тата беше година на консолидација на клубот. Сезонава ја отворивме понеделнички, на 21.10.2019, во балонот Партизан во Чаир, со победа над Тамба-ламба (5-2), кои веќе следната недела на истото место ни вратија со победа од 8-7. Месец ноември донесе две средби за Бутоп и две идентични победи од 16-6, првата со Дарко ФФМ (на 14.11), а втората со Екипа Чаир (на 26.11). Во декември се здомивме во салата на Зеф Љуш Марку, каде со чаирчани одигравме уште 4 натпревари, од кои добивме три, а загубивме само еден.

На овие натпревари вкупно 15 играчи настапија во синиот дрес: Кирил Ѓоргиев Грмуш, Андреј Димитровски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Дарко Костовски, Кристијан Велковски, Кристијан Каравидов, Марко Костовски, Емир Бакиов, Ристе Валчанов, Енис Кеко, Дејан, Павле Шилегов, Димитар Колев и Костадин Колев.

За одбележување се јубилејниот 2000 гол за Бутоп, чијшто стрелец беше Бакиов, камбекот на Димитровски по пауза од речиси година и пол, потврдениот статус на редовни првотимци на Грмуш и на Валчанов од минатата сезона, пружената шанса за помладите играчи како Диме, Марко и Павле, како и одличниот голгетерски учинок на освежувањето во тимот – Енис. Продолжена е пријателската соработка со Екипа Чаир и Дарко ФФМ, со кои очекуваме натпревари и во вториот дел од сезоната.

Факт е дека нивото на одиграните средби не беше највисоко, што резултираше со мошне позитивен учинок, но во моментов токму тоа и му беше потребно на овој тим во реконструкција. За продолжението од сезоната преговараме со уште неколку потенцијални противници.

Зимските подготовки би требало да започнат на 14 јануари, но тој термин е се уште неофицијален. Повеќе детали за нивниот почеток и тек ќе добиете во наредниве денови. Затоа, следете ја нашата веб-страница.

Со почит,

Дарко К.

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Осврт на есенската полусезона 2019-2020




Comments are Closed