Каравидов: Најдобрите денови ги поминав во Металург

Две се причините што не натераа на овој разговор со Кристијан Каравидов. Едната е неговиот роденден, кој го прослави завчера. Другата е што пред две недели, на 3 март, во победата над Екипа Чаир од 9-4, Каро го одигра својот 250 натпревар во дресот на Бутоп, со што стана само третиот фудбалер по Костовски и Смиљковски со вакво постигнување. Ова е интервју со кое на јавноста ќе се обидеме да и го прикажеме фудбалскиот пат на Каравидов.

Кога почна да играш фудбал? Кои ти се најраните сеќавања?

Па… навистина не знам. А што е битно! Знаеш порано како беше, сите игравме фудбал од најмала возраст, по цел ден на улица…

Добро, а со голем фудбал каде почна… и кога?

Првите тренинзи ги направив во Слога, во Чаир. Имав десетина години. По недела две, ме префрлија во Бутел затоа што тогаш имаа некаква соработка, па таа полусезона ја поминав под палката на Рањо во Бутел.

Потоа ако не се лажам, следеа „големите“, Вардар и Работнички, така?

Да, да! Поминав две години во Вардар. Таму тренер ми беше Грошев. Се сеќавам дека еден период се приклучија и браќата Смиљковски (Кире и Мето), но не се погодивме во иста група. Затоа пак со мене тогаш тренираше Мумин па имаше добра дружба…

Инаку, Мумин е брат на Муслим Елмас, менаџер на неколку бутопци, кој во тоа време заедно со малиот Елиф, сегашен член на Фенербахче, ги следеа тренинзите и напредокот на Каро и Мумин на терените во градскиот парк.

… Потоа поминав една полусезона во Работнички. Некако го фатив растот на овој клуб, имаше наплив на деца, преголеми групи, а малку тренери. Морам да го издвојам Гоце Петровски кој беше одличен тренер. Честопати со другите деца пред тренинзите се зафркававме со Ване (Вандаир) и другите Бразилци…

Ајде сега кажи ни за Металург. Таму беше најдолго…

Најдолго, а воедно тоа беа најдобрите денови во мојата кариера. Таму поминав пионери, кадети, младинци… вкупно четири и пол години. Стекнав многу другари, познанства, учев од многу тренери.

Кој од тренерите ти остави најдобар впечаток?

Чунга Лунга! Имаше навистина одличен однос со сите и мислам дека многу разбира фудбал. Беше задоволство да се работи со него.

Со кои други тренери соработуваше таму?

Па имаше многу легенди, како на пример Бимбо од Автокоманда. Уште бев кадет, а Бимбо неколкупати ме зема да тренирам со младинците… Изгледа виде нешто во мене, ама ете… Ќе ги споменам и Пикси, Цобе, Горан, Томе Гробарот, Слонче…

А тоа беа години кога и сениорскиот тим на Металург беше конкурентен… Се сеќаваш можеби на некои нивни натпревари? Кои играчи беа тогаш во клубот?

Металург направи силна екипа. Дојдоа Миле Крстев, Баже беше таму (Илијоски), Мемеди, Љамчевски, златната резерва Тенекеџиев… Многу, многу силен тим. Имавме кого да гледаме и од кого да учиме.

Кажи ни за твојот премин од младински во сениорски фудбал.

Последната полусезона како младинец ја поминав во Вардар. Ги одработев зимските подготовки 2011 година, одиграв една или две пријателски. Не успеав да се наметнам во тимот и полека престанав да одам на тренинзи. Потоа паузирав од фудбалот една сезона. За сениорскиот дел, веќе знаеш…

Знам затоа што од сезоната 2012/2013 шест сезони бевме соиграчи во ФК Смиљковци. Технички и сега сме, зашто Каро и оваа година е регистриран кај нас, иако не доаѓа на натпреварите. Алибито му е дека е оневозможен поради работата во обложувалницата Моцарт, што е солидно алиби ќе признаам.

За крај, кратко за Бутоп. Прослави 250 натпревари. Коментар? Плус уште нешто да издвоиш од минатото?

Не знам што да ти кажам. Делата нека говорат сами за себе. Со клубов сум од самиот почеток, уште кога бевме познати како Балканските Бразилци. Поминавме многу, но отсекогаш најважна ми била дружбата, а настапите на турнирите се посебна приказна…

Што очекуваш во иднина од Бутоп?

Мислам дека ќе биде подобро. Само, треба повеќе работа и упорност. Гледам дека сме активни на трансфер пазарот, доаѓаат нови играчи, некои си одат, некои прават камбек. Сето тоа е добро и се случува во сите клубови.

Да не биде после да сме по пет резерви на секој термин?

Треба да играат само најспремните. Тој што не може… ќе се бара чаре. Некое место во администрација на пример. Играле не играле веќе имаме многу легенди… Еве Џоле супер си ги извршува техничките обврски.

Добро. Од транспарентноста си задоволен така? Веб-страницата работи добро…

Да, но, такви објави, текстови, професионалност, за маалски клуб?

Па нели Оскар Вајлд вели дека само несериозноста е сериозност…

Ама остави го сега него… Се плашам да не сме пресериозни. Треба да се вметне некоја журка, кафана, диско… Каравидов го приврши разговорот со „каровски муабет“, а јас ги запишав неговите предлози во тефтерот.

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Каравидов: Најдобрите денови ги поминав во Металург




Comments are Closed