Осврт на есенската полусезона 2017-2018

По веќе востановената традиција за првите денови од секоја календарска година, следи освртот на есенската полусезона, овојпат од сезоната 2017-2018, единаесетта од постоењето на ФК Бутоп.

Како и во претходните две години и сега есента не изобилуваше со многу натпревари, па дури и го израмнивме рекордот со најмалку натпревари (5) во првата полуетапа од воведната 2007-2008 сезона. Сепак, не е дека нема што да се одбележи.

Можеби најважниот момент се случи на самиот почеток, на 15 септември, датумот на кој во (сега можеби се чини далечната) 2007 година започна приказната за овој клуб. Успеавме да ги мобилизираме сите ресурси и закажавме средба токму на овој датум за да ја прославиме десетгодишнината. Како што доликува, победивме 9-6 против тимот на Дарко ФФМ, а потоа и соодветно прославивме во Гала кујна каде „шефот“ Анел беше во улога на домаќин.

Следеа победа (16-12) и пораз (6-7) од тимот на Радишани Кру во салата на Зеф Љуш Марку на натпреварите одиграни на 31.10 и 07.11. Следниот натпревар го одигравме во балонот кај ОУ Пенко против Мандарина, кој беше еден вид рехабилитација по поразот од радишанци и кој се одигра на 08.11, а го добивме со 8-6. Последниот меч во штотуку изминатата година го одигравме на 14.11 во Зеф Љуш против тимот на Качар и го добивме со 9-4.

Повеќе околу индивидуалната статистика ќе напишам на крајот од сезоната, овде само ќе подвлечам дека единствени кои ги одиграа сите пет средби досега се Андреј Димитровски и Кристијан Каравидов. А вкупно 14 фудбалери настапија за Бутоп есенва. Покрај Андреј и Каро тоа се: Анел Курт, Кристијан Велковски, Дарко Костовски, Јеткин Сезаир, Марио Вангеловски, Костадин Колев, Кирил Смиљковски, Денис, Енис, Дритон Палоши, Кико и Дарко Николиќ.

Ако не игравме многу, барем бевме активни на медиумите. Обновената веб-страница (со нова адреса (http://butop.info) си функционираше вообичаено, со неколку интервјуа и постојано информирање околу актуелностите, но и потсетување на минатото… Секако тука е и текстот на Анел за порталот Спорт1 (објавен на 28.10.2017) во кој инспиративно пишува за Елиф Елмас и неговите почетоци во Бутоп.

Во новата година влегуваме со многу ентузијазам и желби за севкупен напредок на клубот. Планирани се неколку проекти кои треба да придонесат за такво нешто. Во моментов се разгледуваат деталите околу текот на традиционалните зимски подготовки кои ќе бидат обелоденети во наредниве денови. Затоа продолжете да ја пратите нашата веб-страница.

Со почит,

Дарко К.

Comments are Closed