Харис го чекори патот за враќање на фудбалскиот терен

Пред точно месец дена Харис Фекиќ го оперираше десното колено кое неколку години го одвојуваше од фудбалот. Операцијата на предните вкрстени лигаменти беше извршена во Германија и за среќа беше успешна. Процесот на рехабилитација почна веќе утредента. Иако Фекиќ најави дека ќе се оперира уште во новогодишното интервју за нашата веб-страница, ги фати помалку неспремни бутопци со фото-поздравот на Вибер два дена по интервенцијата. Сите му посакавме побрзо опоравување и камбек во Бутоп. Со Харис поразговаравме и пред десетина дена кога се пофали дека постепено почнува со физикална терапија и дека се оди според планот: „Се чувствувам добро. Речиси и да немам болка. Деновиве почнувам со вежбите, очекувам за триесетина дена да застанам на нозе. Па здравје на есен ќе размислувам и за фудбал“. Во продолжение на разговорот ни сподели еден интересен момент кога го прашавме дали гледал Германија-Македонија: „ Па еве пред малку бев на стадионот во Дуизбург. Тука живеам, на 4-5 километри од стадионот. Да да, гледав! Момците одлично изиграа. Штета што не можеше да има публика, ќе бев таму. Сега само да не летнат во облаци и на Европско може да изненадиме.“ – заврши Фекиќ. На крај стана збор и за евентуално наше гостување во Германија за неколку пријателски натпревари кога ќе стивне ситуацијата со вирусот, Харис вети дека ќе склопи добар тим за да ни парира. Се надеваме дека овој амбициозен план може да се оствари.

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Харис го чекори патот за враќање на фудбалскиот терен




Comments are Closed