Бутопци контра Суперлигата

Фудбалерите на Бутоп деновиве се во исчекување на новости околу продолжението на сезоната, иако веќе ништо не може однапред да се планира. Па така, спонтано, се наметна една актуелна тема од светскиот фудбал која не ги остави рамнодушни бутопци, а тоа е формирањето на суперлига на најбогатите европски клубови, која би била од (полу)затворен тип и недостапна за „обичните смртници“. Разбирливо ако се има предвид за што стои ФК Бутоп, реакциите на нашите играчи се негативни. Костовски јасно се спротивстави на било каков елитизам во европскиот клубски фудбал. Курт додаде дека е категорично против создавањето на Суперлигата и смета дека Лигата на шампионите треба да остане местото за мегдан на најдобрите во Европа. Тој остава простор за евентуални промени во нејзиниот формат. Без да навлегува премногу во идеологии и теории за развојот на фудбалот, Анел кратко поентираше: Against modern football! (Против модерниот фудбал). Колев отиде најдалеку: „Против Суперлига сум! Море во бестрага нека одат. Моментално и против фудбал сум. Нема драж без навивачи. Не е тоа вистински фудбал“. Пандемијата си го стори своето и јасна е фрустрацијата кај фудбалските вљубеници поради немањето публика на стадионите, но се чини најавата за новото натпреварување на подолг рок е поголема опасност за најважната споредна работа на светот.

Comments are Closed