Осврт на есенската полусезона 2015/2016

Оваа сезона 2015/2016 е деветта во историјата на Бутоп, а изминатава есенска полусезона е втората најсиромашна според бројот на одиграни натпревари на нашиот тим по онаа воведната, во есента 2007-та година.
Вкупно одигравме 8 натпревари, со позитивен скор од 4 победи, 1 нерешена средба и 3 порази. Не учествувавме на ниту еден турнир, пред се заради онаа „преориентација“ за која веќе пишувавме на нашата официјална страна. Сепак, овој позитивен скор може да биде и утеха ако се потсетиме на пример на ланската есенска полуетапа, кога имавме негативен биланс од 5-3-10 и рекордна низа од 6 порази на почетокот на сезоната.
Краткиот преглед низ нашите настапи есенва открива дека 4 од натпреварите сме ги одиграле на теренот „Борис Сарафов“ во Бутел селото, а 4 во балонот кај ОУ Васил Главинов во Топанско поле. Во Бутел игравме со локални екипи: Радишани дечки, Радишани Скопје и Бутел село Гаго – (2-1-1), а во Топанско остваривме по две победи и порази против тимот на Мојсовски-Џезо.
Во оваа пригода не би издвојувал нечии индивидуални остварувања зашто и бројот на натпревари е премал за некоја поинтересна статистика, иако јубилеи никогаш не недостасуваат. Затоа ќе ги споменам сите 16 фудбалери (некои наши постојани членови, други само позајмени за натпревар или два) кои настапија за Бутоп во оваа полусезона. Притоа, еден куриозитет, дури 10 од нив во дел од мечевите се најдоа на голот: Елиф Елмас, Стефан Милошевиќ, Методиј Смиљковски, Андреј Димитровски, Кирил Смиљковски, Сашо Наумоски – Цамба, Кирил Ѓоргиев – Грмуш, Анел Курт, Филип Пејков – Пинки и Христијан Дончоски. Настапија уште и: Дарко Костовски, Кристијан Каравидов, Марио Вангеловски – Штака, Јеткин Сезаир, Кристијан Велковски и Дарко Николиќ.
И покрај тоа што не одигравме многу натпревари, нашата администрација имаше многу работа и зад себе остава период од кој можеме да бидеме задоволни. Тука пред се мислам на нашата презентација пред пошироката спортска јавност и прилогот во Спортмедиа, како и новиот, модерен знак на ФК Бутоп кој го добивме на крајот од октомври. Нашиот веб-сајт кој продолжува постепено да се развива е уште еден показател за успешната стратегија на Бутоп надвор од терените.
Во исчекување на повеќе информации за претстојните подготовки фудбалерите работат по индивидуалните програми добиени од клубот. Деталите следат во наредните денови.
Со почит,
Дарко К.

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Осврт на есенската полусезона 2015/2016




Comments are Closed