Јеткин: Ќе имаме шампион од „нефаворитите“

Ви го пренесуваме разговорот со Јеткин Сезаир, со кого пред неколку дена продискутиравме за актуелните случувања на Светското првенство, но и за тоа како го поминува времето во Турција и неговите планови за иднината

Да почнеме со најактуелното. Го пратиш ли Светското и за кого навиваш?

Да, секако! Како голем фан на фудбалот се разбира дека ги пратам сите натпревари и новости, дури морам да се пофалам дека бев на самиот спектакл во Русија, се вратив пред два дена. 8 дена бев таму, дури успеав да отидам и на две средби од кои едната беше на Лужники стадионот каде што ќе се одигра и финалето.

Фаворити?

Немам некој фаворит ама поради Барселона имам малку симпатии кон Шпанија и Аргентина ради Меси, а голем респект за Хрватска и Белгија. Верувам дека годинава ќе имаме шампион од категоријата „нефаворити“.

Со фудбал како, играш?

Некако чувствувам дека фудбалот почна да ме одбива мене, како да не ме сака повеќе. Веројатно требаше да бидам упорен и да продолжам да играм, дури и да станам професионален фудбалер. Годинава во мај повторно се повредив, истото колено, за моја среќа лигаментите се во ред, меѓутоа коската беше оштетена и внатрешниот и надворешниот менискус беа (не многу) искинати. Тоа беше доста лош старт од еден дефанзивец. И еве, ми дадоа мирување од 6 месеци.

Ајде, ајде, сигурно ќе биде подобро… За тебе секогаш има место во нашиот тим. Кога Бутопци ќе може да те видат „во живо“ во Скопје?

Дефинитивно треба да свикаме еден состанок. Од време на време ја отварам веб-страницата и со носталгија читам за актуелностите околу Бутоп. Средина на јули ќе бидам во Скопје едно 10 дена, па ако има прилика сакам да се видиме. Сега приоритет ми е да завршам со тезата од постдипломските студии во септември.

А потоа?

Па… Се уште не знам што понатаму. Ќе видиме… – заврши Јеткин Сезаир, играчот кој остави длабока трага во нашиот тим и чиишто партии во синиот дрес се уште се прераскажуваат. А сите се надеваме дека успешно ќе се врати и од оваа повреда и што поскоро ќе влезе во „клубот 100“.

 

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Јеткин: Ќе имаме шампион од „нефаворитите“




Comments are Closed