Пет години подоцна… (терен Живко Брајковски)

dscn6143Она што го гледате низ оваа кратка фото сторија е моменталната состојба на теренчето за ракомет/мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски. За ниту еден бутелчанец нема потреба да се објаснува, опишува, расправа, кажува за значењето на ова место. Ако барем се обидам да ги доловам воздишките на повозрасните фудбалски вљубеници од нашата населба кога зборуваат за ова игралиште, тоа би изгледало отприлика вака: „Ех, да знае да зборува овој терен…“ Се што ќе се каже понатаму е маалска митологија, приказни, моменти кога го засакувате фудбалот, стекнувате другарства, се тепате со тие од Петар Манџуков или од другиот клас… Фудбалската магија на ваквите места влегува во крвта и таму ви останува засекогаш.

dscn6144

И ние како генерација ( главно 1992) имаме еден куп спомени од теренот во „школски“. Добро упатените и оние кои прочитале за домашните терени на Бутоп знаат дека ова е местото каде што ја одигравме нашата прва официјална средба пред девет години. Затоа на некој начин „Живко Брајковски“ се уште го сметаме за наш матичен „стадион“, па и подготовките секогаш ги почнуваме тука. За жал, поновите генерации не можат да се пофалат со многу фудбал, ниту воопшто, време поминато на ова игралиште. А тоа е така од повеќе причини: нема голови (ќе стане збор и за тоа), можат да се исечат од искршените и паднати стакла од салата Антон Димитров, просторот е скратен, има трева… сликите нека зборуваат сами за себе. А и онака според новиот план тој простор е предвиден како паркинг!?

Како-така фудбал тука можеше да се игра до пред 5 години, кога беа исечени головите. Последниот натпревар на овој терен (со головите) се одигра на 25 септември 2011. Беше обичен маалски натпревар, мешани, 6 на 6. Се погоди голем дел од членовите на Бутоп да играат на таа средба. При 9-9 се играше златен гол, Даре Николиќ го постигна победничкиот погодок за својот тим, што подоцна се испостави дека беше и последниот гол на тој терен. Веќе утредента беше исечено едното голче (на јужната страна, накај амбулантата), а во наредните денови и другото. На втората фотографија се гледа делот од теренот на исечениот гол.

dscn6145

Ако пет години е премалку време за населба како Бутел 1 да нема отворено игралиште за мал фудбал, тогаш некој од надлежните веројатно би можел (би морал) за момент да помисли на стотиците деца што секој ден поминуваат од тука за на училиште (некои дури и пробуваат да одиграат фудбал, а срчите им служат веројатно како сталки или така нешто, за предизвикот да им биде уште поголем и да е поинтересно). А за тоа што искршените стакла од „Антон Димитров“ (фото 3) се надвиснати и при секој посилен ветер (или удар со топка) паѓаат, се чини дека на тие од „карши“ салата им е најмалку „гајле“.

Секој добронамерен предлог е добредојден.

dscn6141

 

Comments are Closed