April, 2024

now browsing by month

 

Честит Рамазан Бајрам

ФК Бутоп им го честита денешниот празник Рамазан Бајрам на сите муслимани во Македонија со желби за здравје и благосостојба. За многу години!

Освоени големи три бода за Бутоп

Дербито на Маалската лига меѓу Бутоп и Лукс кафе одиграно завчера (4.4.2024) заврши во наша корист со конечни 6-3. Куриозитет е тоа што во второто коло чаирчани беа подобри од нас со идентичниот резултат, па ние сега вративме подеднакво. Првото полувреме беше израмнето и екипите го менуваа водството се до две-три минути пред крајот кога бутопци поведоа со 4-3. Во второто полувреме нашите момци одиграа фантастична одбрана затворајќи ги сите приоди кон голот на Колев и со две полуконтри го казнија противникот. Овие три бода ќе бидат мошне значајни во нашата борба за подиум на крајот од оваа Сезона 4, а во моментот сме осамени на третата позиција со три бода помалку од Лукс кафе и два повеќе од Ак. Ќерим.

Вечерва со сите оружја во борба за победа

Како се доближува часот на вечерашната пресметка со Лукс кафе (21:00 часот) така се вжештува атмосферата во таборот на Бутоп. Голем е интересот за денешниот натпревар особено кога ќе се погледне моменталната табела, каде ние како третопласирани го напаѓаме тимот кој е едно место над нас. Токму затоа не треба да чуди фактот што дури осум наши играчи се пријавени во протоколот за денешниот дуел: Колев, Димитровски, Курт, Вучевски, Волчевски, Чаковски, Смиљковски и Вангеловски.

Дуел со Лукс кафе од кој може многу да се добие

Утре (4.4.2024) почнува вториот дел од четвртата сезона на Маалската лига, а бутопци му излегуваат на мегдан на добро познатиот ривал, екипата на Лукс кафе (21:00 часот). Чаирчани беа подобри од нас во првото коло победувајќи со 6-3. Се чини дека утрешната средба освен можност за реванш претставува шанса со евентуална победа да добиеме многу во борбата за првите три места, додека пак пораз не би бил некаква трагедија затоа што повторно ќе имаме се во свои раце во преостанатиот дел од сезоната. Бутоп и Лукс кафе досега се среќаваа шест пати, а ние имаме негативен биланс од две победи и четири порази.

На половина од МЛ-С4 имаме место на подиумот

На точно половина од Сезона 4 на Маалската лига, Бутоп се наоѓа на третата позиција на табелата со две победи и три порази. Подобрата гол разлика од АММ-Тим е причината што сме едно место над нив, но блиску до нас се и Ак. Ќерим со четири, односно Алиенс со три освоени бода. Битката за титулата според досега прикажаното би требало да се води меѓу Албајрак Тенда и Лукс кафе. Повеќе од јасно е дека ако сакаме и на крајот да се најдеме меѓу трите најдобри ќе мора дополнително да го кренеме нивото на игра и да освоиме повеќе бодови во возвратните дуели со нашите противници. Вториот дел од оваа сезона почнува веќе в четврток кога играме против Лукс кафе. Во првото коло загубивме 6-3, па ова е шанса да се реваншираме за тој пораз. Кај индивидуалната статистика вреди да се спомне Вангеловски кој со девет погодоци е трет на листата на стрелците и може да се вмеша во борбата за признанието најдобар стрелец кое веќе еднаш го освои во премиерното издание на Маалската лига во есента 2022 година.