Осврт на есенската полусезона 2016-2017

Осврт на есенската полусезона 2016/2017

Тековнава е јубилејна десетта сезона за тимот на Бутоп, а изминатава (есенска) полуетапа можеби не беше една од најплодните, но секако беше исполнета со многу моменти кои вредат да се одбележат во веќе традиционалниот осврт што го правиме на крајот од првиот дел од сезоната.

Одигравме 10 натпревари на кои остваривме скор од 4 победи, 3 нерешени и 3 порази, слично на ланскиот скор во истиов период (4-1-3). Важна разлика е што оваа сезона направивме своевиден „кам-бек“ на турнирите, откако целата мината сезона 2015-2016 не настапивме на ниту еден.

Традиционалниот турнир Аеродром Скопје 2016 во СЦ Ново Лисиче беше нашата појдовна точка. Нашиот биланс таму беше половичен. Во групата остваривме по две победи и порази, а потоа во 1/16 финалето бевме елиминирани по пенал-рулетот. Стартувавме со убедливата победа над ПС Аеродром (7-0), а продолживме со уште позначајната победа над Рома Шутка (5-3). Следеше големиот спектакл на денот на нашиот деветти роденден (15.09) и натпреварот со Спорт Кафе СЦ Аеродром (пораз од 1-2) каде што настапуваа голем број македонски футсал репрезентативци. Наредниот меч со Импери (пораз од 1-3) беше уште еден важен момент – нашиот јубилеен 300-ти натпревар. 1/16 финалето со Воденица 3 (1-1 во регуларниот дел) не беше натпревар за луѓе со слаби нерви, исход – елиминација по изведувањето на пенали (3-4).

По овие пет натпревари во СЦ Ново Лисиче следеше помирниот дел од полусезоната, во кој одигравме четири натпревари во салата Антон Димитров (сите со Примавера) и еден во балонот кај ОУ Пенко во Скопје Север (со Албион Север, нерешено 7-7). Против Примавера почнавме со победа (13-9), следеа пораз (5-7) и нерешено (5-5) за есенската полусезона да ја завршиме со мајсторката со нив и победата од 11-8 на Боксинг деј.

За Бутоп во овие шест месеци настапија 18 фудбалери, следниве 12 беа дел од турнирот во СЦ Ново Лисиче: Костадин Колев, Андреј Димитровски, Методиј Смиљковски, Дарко Костовски, Харис Фекиќ, Кристијан Велковски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Јеткин Сезаир, Кристијан Каравидов, Марио Вангеловски, Горјан Василев, а на останатите натпревари за нас заиграа и Енис, Филип Пејков, Елиф Елмас, Пецев, Денис и Стефан Милошевиќ.

Индивидуално се издвоија Марио, Коки и Елиф. Првиот како наш најдобар играч и стрелец на турнирот Аеродром Скопје 2016, од каде што се уште ја влече повредата заработена со Спорт Кафе (му посакуваме што побрзо враќање на терените). Коки како наш најприсутен член на фудбалските терени, а Елиф како играч кој настапуваше и за нас и против нас, а се закити со ласкавото признание најдобар млад фудбалер во Македонија.

Повеќе информации, статистики и интервјуа следат секако на нашиот веб портал, а уште во наредниве ден-два очекувајте известување за почетокот и планираниот тек на овогодишните зимски подготовки на Бутоп.

Со почит,

Дарко К.

Comments are Closed