Валчанов со Скопје кон врвот!

Новата бутелска фудбалска надеж Ристе Валчанов полека, но сигурно го гази патот на многу негови претходници од оваа скопска населба. Од пред неколку месеци е дел од ФК Скопје и работи под палката на Љупчо Марковски – Калц. Бутоп уште лани го препозна неговиот талент, па Рики со своите 15 години веќе втора сезона е клучен играч во нашиот состав. Решивме да поразговараме со него и да ве запознаеме накратко со неговиот фудбалски пат.

Рики, каде се‘ имаш тренирано?

Па, сменив доста клубови досега. Секаде по малку што се вели. Тренирав во Работнички, потоа во Вардар, бев дел и од Академија Пандев. Добив шанса и на неколку пријателски средби за третолигашот Славија.

Би издвоил ли некој од тренерите со кои си соработувал?

Имав навистина многу тренери. Еве, ако морам само еден, ќе го издвојам Пепи Георгиевски кој ме тренираше во Вардар.

Како дојде до соработката со Скопје?

Одреден период се посветив на индивидуални тренинзи. Повикот од мојот сегашен клуб дојде зимава. Не се мислев премногу и прифатив. Тренерот Калц ја следеше мојата работа па, како на поранешен дефанзивец, му беше особено драго што и јас сум штопер. Почна да ме зема да тренирам со првотимците.

Какви се амбициите за сезонава, тимски и твои лични?

Скопје ќе оди на победа на секој меч. Работиме напорно и професионално. На првите два натпревари пролетва освоивме четири бодови. Јас бев на клупата уште во првото коло против Влазрими. Јас ќе давам се од себе на секој тренинг, како во мојата возрасна категорија, така и со постарите. Дали и колку ќе добивам шанса да играм, ќе видиме.

Ристе, за крај, како е да се игра за Бутоп?

Супер! Тоа за мене е вистинско задоволство. Знам дека имам што да научам од вас, Кире, Анел, Каро ми е речиси како личен ментор. Играњето за Бутоп ќе ми овозможи да ја подобрам техниката, која е клучна во малиот фудбал.

Фала ти и со среќа!

Ништо, нема проблем. И ајде закажете некој термин… – заврши Ристе.

 

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Валчанов со Скопје кон врвот!




Comments are Closed