Осврт на есенската полусезона 2023/2024

Следува традиционалниот осврт на есенскиот дел од сезоната, овојпат од тековната 2023/2024, седумнаесетта во нашата историја. Изминатото фудбалско полугодие за Бутоп измина во знакот на третата сезона на Маалската лига каде веќе вообичаено имавме десет средби за играње. Ако знаеме дека во ланската сезона одигравме вкупно 27 натпревари и некоја цел која си ја поставивме за оваа сезона беше котата од 30 натпревари, јасно е дека само овие средби се недоволни за нејзино остварување. Но, за повеќе фудбал од Бутоп ќе ја чекаме пролетта, сега се фокусираме на она што беше.

Вкупниот скор на Бутоп во третото издание на МЛ (а воедно и во есенската полусезона 23/24) се 3 победи, 1 реми и 6 порази (10 бодови) со гол разлика 51-59, што беше доволно да се освои седмото место од вкупно осумте екипи кои учествуваа. Резултатски ова секако го прогласивме за разочарување, но остана генералниот впечаток дека бутопци беа конкурентни во речиси сите натпревари и многу бодови беа изгубени несреќно, поради некомплетен состав или поради грешки во клучните моменти. Во првите три кола загубивме од тимовите на Таверна Шкупи Лукс кафе (6-11), Ак. Ќерим (2-3) и Шеча (5-9), пред во четвртото коло да му одземеме бод на дотогашниот лидер, старите познаници Алиенс (6-6). Наредниот меч го добивме службено против идниот шампион Дрим тим, а во последните две кола од регуларниот дел повторно минимално загубивме, 5-6 од Албајрак Тенда и 2-4 од АММ-Тим. Овие резултати не одведоа во плејаут фазата каде што врзавме две победи, 4-3 против АММ-Тим и 11-7 против Ак. Ќерим, пред да загубиме во последното коло од Шеча со 5-10.

Вкупно 15 играчи настапија за Бутоп во изминатата полусезона: Васил, Андреј Димитровски, Даниел Жерновски, Дарко Костовски, Ристе Валчанов, Столе Чаковски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Амар Вукељ, Кристијан Велковски, Кристијан Каравидов, Бојан Волчевски, Омер, Муки и Кристијан Димовиќ. Најредовни беа Костовски, Чаковски, Курт и Велковски, а листата на стрелци ја предводат Чаковски со 11 гола, Курт има 9, а Велковски 7.

Паузата меѓу есенската и пролетната полусезона за бутопци повторно се издолжи, па повеќе од два месеци нашите момци се без обврски во сините или белите униформи. Тоа ќе се промени за два дена за кога е закажан официјалниот почеток на четиринаесеттите зимски подготовки на Бутоп. Повеќе информации за ова ќе имаме утре во посебна објава.

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Осврт на есенската полусезона 2023/2024




Comments are Closed