Осврт на есенската полусезона 2022/2023

Есенскиот дел од шеснаесеттата сезона на Бутоп (2022/2023) беше своевиден камбек на Бутоп на големата сцена. Сезоната ја почнавме со настап на турнирот во Љубанци по цели осум години пауза, а четири години без учество на турнири, а по прославата на петнаесеттиот роденден на 15 септември следеше и реализацијата на идејата за Маалската лига каде бевме во улога на иницијатори и основачи, а секако и учесници. Но, одиме со ред.

Бутопци сред лето ги разбуричкаа страстите низ фудбалските кругови од Бутел до Топанско откако по долги преговори беше постигнато решение со спонзорот Аква Вардар коп за учество на меморијалниот турнир во Љубанци. Оваа убава соработка резултираше со принтање нова гарнитура дресови, овојпат во бела боја, што е враќање на варијантата од 2011 година. Нашите фудбалери со новите дресови првпат настапија на 25 август во третото коло и поразот од Војводи Тетово. Претходно, турнирот го отворивме со пораз од Жиле плин и победа над Пица до дома. Четвртото коло донесе локално дерби против Дар Мар и најубедлив турнирски пораз во нашата историја (0-8). Откако дел од резултатите на чуден начин се наместија да немаме теоретски шанси за проаѓање на групата, последниот натпревар со Орбита компани го загубивме со службени 3-0. Настапот во Љубанци иако оценет како неуспех, покажа дека нашите момци имаат што да покажат против најсилните, а мора да се признае дека поради летните одмори тимот ниту еднаш не успеа да се собере комплетно.

Наредниот месец септември го донесе исполнувањето на планот за формирање аматерска лига во мал фудбал чијшто иницијатор бевме токму ние. Маалската лига своето основање и одигрувањето на првото коло го имаше на 22.09.2022. Во нејзе учествуваа шест тима: Алиенс, Белиот мачор, Бутоп, Лукс кафе, ЗОО Арт и Радишани – сите претставници на фудбалот од општините Бутел, Чаир и Шуто Оризари. Бутоп имаше тешко отворање со два порази во воведните кола (Лукс кафе и Алиенс), при што средбата со Алиенс беше јубилејна – 400 натпревар за Бутоп. Во третото коло го освоивме првиот бод против лидерот во тој момент (Белиот мачор 7-7). На тој натпревар Вангеловски стана првиот играч на Бутоп кој дал пет гола на турнирски/лигашки натпревар со што ја најави својата фантастична сезона. Следеа четири нови порази (ЗОО Арт, Радишани два пати и Лукс кафе) во кои сепак покажавме рамноправност во играта. Резултатите се подобрија во последните три кола кога два пати победивме (Алиенс и ЗОО Арт), а загубивме од Белиот мачор. Победата против Алиенс во осмото коло значеше прекинување на најдолгата серија без победа во нашата историја, цели десет натпревари. Последното коло на првото издание на Маалската лига се одигра на 13 ноември кога беа прогласени победниците и освојувачите на тимските и индивидуалните награди. Тој ден Марио Вангеловски постигна неверојатни шест гола во победата над ЗОО Арт (7-5) со што го помина Монтела и со вкупно 23 погодоци ја освои престижната награда за најдобар стрелец. Бутоп на крајот заврши на петтото место со освоени 7 бода, скор: 2-1-7.

Вкупно 21 играч настапија во синиот (или белиот) дрес изминатава есен. Тоа се: Костадин Колев, Андреј Димитровски, Влатко Вучковиќ, Дарко Костовски, Харис Фекиќ, Методиј и Кирил Смиљковски, Анел Курт, Стојче Чаковски, Кристијан Велковски, Кристијан Каравидов, Марио Вангеловски, Џоле, Грмуш, Амар и Анес Вукељ, Рамче, Даниел, Марко, Дритон Палоши и Ристе Валчанов.

По завршувањето на Маалската лига бутопци добија двомесечна пауза па моторите ќе ги запалат овој четврток (12.01.2023). Кога ќе сумираме се, резултатски не поминавме добро затоа што на петнаесетте натпревари остварени беа само 3 победи, 1 нерешена средба и 11 порази со гол разлика 55-95. Ова можеби е последица на фактот што Бутоп повторно влезе во елитното друштво на малиот фудбал, но нашите момци сигурно позитивно ќе одговорат и на овој предизвик и веќе најавуваат поуспешен пролетен дел на сезоната.

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Осврт на есенската полусезона 2022/2023




Comments are Closed