Сезона 2021-2022

Сезоната која ја оставаме зад нас е петнаесетта во постоењето на ФК Бутоп. Со сигурност може да кажеме дека беше една од најуспешните, а дојде по резултатски катастрофалната 2020/2021.  Во овој преглед традиционално ќе се обидеме да ги прикажеме најважните статистики и моменти од изминатава година.

За прв пат по шест години одигравме над 20 натпревари, вкупно 25 вклучувајќи ги службената победа и пораз на турнирот во Србија. Она што дополнително радува покрај обемот е и скорот: 19 победи, 1 нерешена и само 5 порази. Гол разликата е 197 постигнати (7,8 во просек) и 152 примени (6,1) погодоци. Вкупно на нашите средби паднале 349 гола (13,9 во просек).

Игравме против вкупно девет противници: Чаир Нестле, Бутел (Илхан Р), Немилосрдни, Дарко ФФМ, Албион Север, Убавиња, Друштванце, Стојчевски и Фатмир Зука. Најчест противник ни беа Немилосрдни со кои игравме 12 пати, со скор 8 победи, една нерешена и 3 порази. Против Дарко ФФМ остваривме пет победи во исто толку мечеви, а 2/2 победи имавме против Албион Север. Со останатите сме играле по еден натпревар. Настапите ни беа на 7 терени, а вистински домашен терен сезонава ни беше балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско, каде на 13 средби имаме одличен скор од 10 победи, една нерешена и 2 порази. Во балонот кај Зеф Љуш Марку остваривме 3 победи и 2 порази, а настапивме и во балонот кај ОУ 11 Октомври, теренот на СУГС Никола Карев, балонот РАЦ во Кисела Вода, балонот кај ОУ Блаже Конески и теренот во село Златокоп, Република Србија.

Статистиката покажува неколку интересни податоци што ја поткрепуваат тезата за успешноста на оваа сезона. Просекот на погодоци по натпревар е зголемен за 2,5 од лани и тоа во делот на постигнати голови (од 5,1 на 7,8), додека просекот на примени голови е речиси ист (минимално намалување од 6,3 на 6,1). Процентот на освоени можни бодови од ланскиот негативен рекорд (38,4%) скокна на 77,3%, што е трет најдобар во историјата и за само 2,2% послаб од најдобриот (79,5%) од сезоната 2008/2009. 197-те постигнати голови се четврт најдобар резултат, а просекот 7,8 е трет најдобар во историјата. Најубедливите победи ни се од 16.12.2021 (13-4 против Дарко ФФМ) и од 19.05.2022 (14-5 против Немилосрдни), а најубедливиот пораз ни е од Немилосрдни (на 24.02.2022, 8-15).

Ќе издвоиме уште неколку моменти што ја одбележаа сезоната 2021/2022. Се започна со средбата против Чаир Нестле на 18.07 кога двата тима заеднички испратија порака против дискриминацијата во било кој облик. Месец август го одбележа моментот кога Јеткин Сезаир стана деветтиот играч со минимум сто настапи за ФК Бутоп. Играчот Амар од тимот на Немилосрдни на 23.09.2021 го постигна 4000 гол на натпреварите на Бутоп. Сезоната ја одбележаа серијата од десет средби без пораз во периодот октомври-февруари и актуелната серија од осум победи која се уште трае и се надеваме ќе продолжи и во новата сезона. По пауза од пет години повторно игравме на боксинг деј, за првпат во Топанско, и го продолживме митот за непобедливост остварувајќи ја четвртата победа во исто толку настапи. За време на зимската пауза подготовките ги реализиравме главно индивидуално, а Кире Смиљковски го искористи моментот и „влезе во тавче“ со својата долгогодишна избраничка Ребека. Редовно ги пратевме успесите на македонската репрезентација и Елиф и известувавме за победите над Исланд, Италија и баражот со Португалија. Делумно го остваривме зацртаниот план за меѓународно деби, кое се случи административно на турнирот во село Златокоп, соседна Србија. Бутоп плати котизација и учествуваше на жребувањето на хуманитарниот турнир за собирање средства за малиот Вукан на 23.04.2022, а среќата ни овозможи и да оствариме службена победа во 1/8 финалето и покрај тоа што не игравме. Во месец април беа остварени и средби на кои ги поставивме темелите на Аматерската лига, проект кој се надеваме ќе се оствари годинава. За крај ќе го споменеме и камбекот на Харис Фекиќ, кој по шест години пауза повторно настапи во синиот дрес на 12 мај во победата над Немилосрдни.

Во делот на индивидуалната статистика интересно е дека исто како и лани и оваа сезона за Бутоп настапија 27 фудбалери. Димитровски и Костовски направија своевиден камбек, па се најдоа и во тимот на сезоната на местата на Валчанов и Смиљковски. Каравидов, Курт и Велковски останаа повторно во идеалниот тим, а на голот се врати Грмуш како прво решение. Најмногу настапи во оваа сезона имаше Велковски (19), а по него следуваат Курт (18), Костовски (16), Димитровски (15), Каравидов (14), Смиљковски (12), Валчанов (10), Даниел (9), Грмуш (6), Колев, Илхан, Филип Тодоровски, Нео (по 3 настапи), Сезаир, Шилегов, Зеко, Каришиќ, Желче, Колевски (по 2) и Фекиќ, Мифтар, Касиљас, Боки, Фатмир Зука, Паљука, Видиниќ и Керим (по 1 настап). Златната копачка повторно ја освои Каравидов, но за ова посебна објава очекувајте наредниве денови.

Одржувањето на веб-страницата и контактот со медиумите и фановите и овојпат беше на највисоко ниво. Сезонава имавме точно 100 објави, што е за само три помалку од ланскиот рекорд и тоа е стандардот кој ќе се обидеме да го постигнуваме и во иднина. По месеци, почнувајќи од јули, имавме 9, 4, 8, 6, 14, 11, 9, 9, 11, 8, 8 и 3 објави, што покажува дека во овој поглед најактивни сме биле во ноември. Лиценцата за домејнот повторно е продолжена, а Димитровски се погрижи да има подобрувања и новитети во дизајнот на butop.info.

Финансиското работење беше транспарентно и успешно, па без никаков проблем ги подмирувавме тековните трошоци. Речиси идентично како и во претходната сезона, потрошивме 23000 денари. Буџетот како по обичај се потпира на самофинансирање, но е во одлична кондиција.

Кај плановите и приоритетите за претстојната сезона веројатно најмногу се издвојува реализацијата на идејата за Аматерската лига (септември-ноември 2022), а тука се и учеството (овојпат и физичко) на натпревари на меѓународно ниво, потпишувањето меморандуми за соработка со други тимови, тим-билдинг и прослава на 15 роденден на ФК Бутоп, како и дополнителен развој на веб-страницата. Храбро најавуваме дека се надеваме на сезона со минимум 30 одиграни натпревари, што би било прв пат по пауза од седум години.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Comments are Closed